Најпознатиот шведски весник ја отпиша Хрватска од ЕУ

Најпознатиот шведски весник ја отпиша Хрватска од ЕУ

Водечкиoт шведскиот дневен весник „Афтонбладет“ објави жестока колумна која се противи на глорифицирањето на осудениот воен злосторник, генералот Слободан Праљак, во Хрватска. Текстот потпишан од страна на Питер Кадамар, еден од најпознатите шведски новинари и автор на книги за Сребреница. „Афтонбладет“ е еден од најпопуларните дневни весници во Скандинавија, кој секој ден има околу три и пол милиони читатели.

Кадамар пишува дека со славењето на Праљак, кој се отру при изрекувањето на пресудата во Хаг, Хрватска им плукнала в лице на ЕУ и Шведска, а од друга страна, и натаму ги сака европските пари.

„Може да се рече дека неговото јавно самоубиство е продолжување на политиката на нихилизам и уништување што ја карактеризира војната во Босна и Херцеговина“, објави „Афтонбладет“.

Весникот потсетува дека со хашката пресуда е утврдено оти Праљак и другите од шесторката од Херцеговина се осудени за голем број злосторства: протерување цивили, затворање луѓе по логори, убиства и уништување на имот, користење затвореници за работа и како човечки штит и етничко чистење на муслиманското население.

„Ова се случува во земја што е членка на ЕУ во средиштето на нашата цивилизирана демократска заедница. Срамно. Култот на мртвиот убиец покажува застрашувачки недостиг на демократски инстинкт“, пишува колумнистот на „Афтонбладет“ и додава: „Тажно е што на земја како Хрватска ѝ е допуштено да биде членка на ЕУ“.