Сириската армија целосно го контролира историскиот град Палмира

Сириската армија целосно го контролира историскиот град Палмира

Сириската армија со поддршката на локалните милиции и руската авијација во четвртокот целосно воспостави контрола над историскиот град Палмира во централната покраина Хомс, објави службената новинска агенција SANA, а информацијата ја потврдија и опозициската Сириска опсерваторија за човекови права (SOHR) со седиште во Лондон, како и официјална Москва

 

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу го известил претседателот Владимир Путин дека сириските сили ги завршиле операциите за ослободување на Палмира, изјавил портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесуваат агенциите.

Директорот на SOHR, Рахамн Абдулрахман, кој се повикува на наводна широка мрежа активисти на теренот во Сирија, во телефонски разговор за AFP од Лондон рекол дека „Исламската држава сосема се повлече од Палмира“. „Меѓутоа, сириската војска уште ги чисти предградијата од мини и не е влезена во квартови“, додал Абдулрахман но потврдил дека Исламската држава се повлекла и од аеродромот крај Палмира.

Претходно во четвртокот беше објавено дека сириската војска навлегла во градот и оти се судрила со џихадстите утврдени во квартот во кој се наоѓаат бројните хотели, како и дека авијацијата ги уништувала конвоите на Исламската држава кои се повлекувале на исток кон оазата ез-Сухна.

Агенцијата SANA подоцна во четвртокот попладнето објави дека војската ја повратила контролата врз целата јужна област во Палмира каде што е лоциран хотелски комплекс принудувајќи ги џихадистите да отстапат и од познатиот хотел „Дедеман“. Војската, исто така, ја заземала височината на кое се поставени телекомуникациските уреди/

„Војската се движеше бавно од неколку правци со многу претпазлива стратегија, за да се избегне дополнително оштетување на древните споменици во градот и да се избегнат непотребни загуби во жива сила“, изјавил воен извор за агенцијата. Според него, џихадистите оставиле зад себе многу мини и стапици.

Градот Палмира е ставен на листата светско културно наследство, познат и како „Бисерот на пустината“ и како „Венеција во пустината“. Исламската држава го зазема во мај 2015 година уништувајќи ги бројните храмови кои датираат од римскиот период и претходно, и археолошкиот локалитет го користеше за масовни погубување. Во март 2016 година сириската војска успеа да го ослободи градот, но откако се концентрираше на офанзивата во Алепо, Исламската држава во декември повторно го зазема градот.

Воени извори од градот велат дека Исламската држава откако повторно ја заземе Палмира доживеала голем загуби во настојувањата на владините сили да ја повратат контролата на градот. „Во редовите на милитaните има голем број убиени и ранети, а надвор од употреба се големи количества борбена опрема. Остатоците од нивните банди сега се повлекуваат кон исток и во моментов се во областа Бајрат ал-Шарки“, додал соговорникот на SANA.

На 20-ти јануари годинава директорот на историските музеи и културно наследство на Сирија, Маамун Абдел-Карим објави дека ултрарадикалната сунитска групација Исламска држава го урнала делот од античкиот амфитеатар во древниот сириски град Палмира, како и светски прочуениот антички тетрапилон. Локални извори известија дека Исламската држава го уништил тетрапилонот, споменикот со 16 колонади, а сателитските снимки добиени колегите од универзитетот во Бостон прикажувале штета на фасадата на римскиот амфитеатар, рече Абдел-Карим.

Тетрапилонот е подигнат во времето на румскиот император Диоклецијан, на крајот од III век. Беше квадрат со четири масивни камени темели – столбови на секој крај. Од 16 столбови, само еден беше оригинален додека другите се реконструирани од сирискиот Оддел за антика во 1963 година. Оригиналните столбови биле од розов гранит од Египет.

Римскиот театар има девет редови трибини. Датира од првиот век од нашата ера. Во првата окупација на градот од мај 2015 до март 2016 година служеше за јавни погубувања кои ги извршуваше Исламската држава

Екстремната сунитска организација Исламска држава уште во октомври 2015 година ја разнесе две илјади години старата Триумфална капија од римската епоха во градот Палмира во централна Сирија,

Дваесетметарската Триумфална капија потекнува од крајот на II век од нашата ера од периодот на императорот Септимиј Север. Изградена е, како и целиот град, во римски стил. На нејзиниот врв беше вдлабено името на императорот, по чијашто волја таа е изградена.

Во август 2016 година, Исламската држава којашто практикува ригидно сфаќање на исламот и уништува секакви споменици па дури и џамии зашто ги смета за богохулство, го крена во воздух древниот храм на Баал-Шамин, исто така, во Палмира. Храмот потекнува од првиот век од нашата ера и посветен на врховниот бог Баал, кој се споредува со античкиот Зевс. Тој беше дел од комплексот на древниот град Тадмор и беше делумно реставриран претходно.

Во почетокот на септември лани џихадистите разнесоа три кули гробници во истиот град. Беше урната и една од најпознатите погребни кули – на Елахбел од 103 година од нашата ера, под која беше сочувана подземна гробница.

Сириското министерство за културно наследство претходно процени дека реконструкцијата на уништените и оштетени историски споменици во текот на речиси петгодишната војна, како и објектите од културното наследство на Сирија настрадани од џихадистите ќе чини повеќе милијарди долари

Палмира е една од шесте локации од светското културно наследство на човештвото на списокот на УНЕСКО во Сирија, а Исламската држава го зазема градот во мај годинава. Пред повлекувањето од градот, сириската армија го евакуираше најголемиот дел од артефактите од централниот музеј во Палмира. По заземањето од џихадистите, според очевидци минирани се сите објекти на локалитетот, меѓу другото и големиот антички амфитеатар, кои постепено се уриваат.

Сириските власти стравуваат дека овој уникатен комплекс може да ја доживее судбината на ирачките древни градови Ашур, Нимруд и Хатр (ел-Хадр), кои веќе беа уништени и опљачкани од Исламската држава. Особено меѓу нив беше значаен локалитетот Нимруд, во близината на Мосул, подигнат во XIII век пред нашата ера и како градот Халах бил престолнина на древното Асирски царство, кој беше со булдожери речиси целосно разорен./крај/мф/сн