Тројца американски војници ранети при „внатрешен напад“ во база во Авганистан

Тројца американски војници ранети при „внатрешен напад“ во база во Авганистан

Авганистански војник отворил оган врз американски војници во воената база во јужната покраина Хелманд, и притоа ранил тројца од нив, соопшти во неделата командата на НАТО во Авганистан.

На официјалната страница на Twitter на мисијата „Решителна поддршка“ се наведува дека повредените војници се згрижени. Неименуван претставник на авганистанските безбедносни сили за агенцијата Reuters изјавил дека локалниот војник бил убиен во возвратен оган,

Портпаролот на американските сили во Авганистан потврдил дека нападот се случил во воениот камп Антоник во округот Вашер во неделата вечерта, пренесува Press TV.

„Тројца американски војници се ранети доцна попладнето кога авганистански војник отворил оган врз нив во базата во покраината Хелманд. Коалициските безбедносни сили во базата го застрелале војникот запирајќи го нападот“, според цитираната изјава на претставникот на американскиот портпарол кој додал дека повредените војници добиле лекарска помош и оти подоцна ќе биде објавено официјално соопштение за инцидентот.

Омар Звак, портпарол на гувернерот на покраината, рекол дека во нападот бил убиен и еден авганистански војник, но не е јасно дали тој е жртва на напаѓачот.

Овој напад, кој повторно ги истакнува тензиите меѓу авганистанските и странските сили, е првиот ткн „внатрешен напад“ врз американските војници оваа година.

Таканаречените внатрешни напади, кога авганистански војници и полицајци отвораат оган врз своите колеги или врз припадници на сојузничките коалициски сили, а чија цел најчесто се американските војници, ја подгреваат недовербата меѓу локалните сили и нивните американски партнери во борбата против екстремистите во текот на повеќе од 15-годишната војна во Авганистан.

Во мај минатата година, вооружени лица во униформи на авганистанските безбедносни сили убија двајца романски војници во соседната покраина Кандахар.

Според западните претставници, повеќето вакви напади се повеќе мотивирани од лична нетрпеливост и културолошки недоразбирања, отколку што имаат екстремистичка заднина.

Во моментов во различни бази во Авганистан се стационирани само 8,500 американски војници. Американскиот генерал Џозеф Вотел, кој е задолжен за воените операции на Блискиот исток, неодамна побара дополнително распоредување на трупи во Авганистан.

Пентагон соопшти дека оваа пролет ќе распореди уште околу 300 американски маринци во покраината Хелманд во рамките на мисијата на НАТО за обука на авганистанските безбедносни сили. Американските сили беа ангажирани директно во жестоките борби со талибаните во оваа покраина која е позната по енормното производство на афион, до почетокот на нивното постепено повлекување од земјата започнато во 2014 година./крај/мф/сн