Регион
(Видео) Мирна ноќ на Косово, блокада на патот Приштина-Рашка
Изминатата ноќ и утрово во Косовска Митровица е мирно. Вчеравечер на смирување на тензиите повика и српскиот претседател, Александар Вучиќ. Српските медиуми објавија дека тој денеска ќе разговара со претставници на Србите на Косово. Како што објави „ТВ Прва“, тие утринава тргнале во Белград каде што ќе ја соопштат одлуката да ја напуштат косовската влада.
Состојбата во северниот дел на Косово денеска е мирна, но се чувствува напнатост. „ТВ Прва“ објави дека Србите направиле блокада на магистралниот пат Приштина-Рашка, додека на преминот Јариње се заглавени 50 камиони. Припадниците на специјалните полициски сили, познати како РОСУ, и утринава се присутни на улиците, но нивно присуство е забележано и во јужниот дел на Митровица.
Директорот на канцеларијата на Србија за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ, вчера беше уапсен околу 17 часот. Вооружени косовски специјалци упаднаа во просториите на „Митровачки двор“ каде што се одржувала тркалезна маса. Полицијата фрлила солзавец и, како што пренесуваат српските медиуми, со закана со оружје ги натерале сите присутни да легнат на под. Се слушнале истрели, експлозија и извици. Како што објави „Б92“, биле повредени 30 луѓе.
Десетина полицајци со фантомки на главите го спровеле Ѓуриќ до полициска станица во Приштина, каде што бил сослушан, па протеран во Србија. Според косовските власти, тој бил уапсен поради нелегален влез во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Завршено вештачењето на мобилниот телефон на мајката на Данка, биле бришени пораки и повици, објавија српските медиуми
Мобилниот телефон на мајката на Данка Илиќ бил испратен на вештачење по исчезнувањето на девојчето. Неофицијалните податоци говорат дека мајката избришала многу пораки и повици ден пред и на денот на исчезнувањето на Данка, објави српски „Блиц“.
Според неофицијални сознанија од истрагата, вештачењето на мобилниот телефон на Ивана Илиќ покажало дека се избришани многу пораки и податоци за повици, пишува српски „Информер“.
„На ден пред исчезнувањето и на денот на исчезнувањето на Данка Илиќ многу пораки и повици се избришани од телефонот. Ова го утврдиле инспекторите за високотехнолошки криминал. Пораките и повиците може да се избришат од телефонот, но да останат во базата на податоци“, рекол изворот.
Како што се дознава, пред исчезнувањето на Данка Илиќ мајката трипати го фотографирала детето од разни агли.
Да потсетиме, мајката на Данка Илиќ, Ивана, денеска повторно е во полициската станица во Бор, каде што е на распит за околностите на својата исчезната ќерка. Таткото помина на полиграфското тестирање.
Регион
„Клучот е кај родителите, тие мора да одговорат на едно прашање“, вели поранешен шеф на белградската полиција за случајот со исчезнувањето на Данка
Родителите се тие што имаат многу да објаснат. Прво, зошто чекаа да го пријават исчезнувањето? Колку што знам, чекаа два часа. Познато е дека кога ќе исчезне дете, веднаш се пријавува за да се реагира бргу, изјави Марко Ницовиќ, поранешен началник на белградската полиција, за „Телеграф.рс“.
Според Ницовиќ, полицијата оди во добра насока бидејќи ја проверува секоја педа од земјата, но се надеваат и дека темелно се проверуваат граничните премини бидејќи не ја исклучуваат можноста за киднапирање.
„Би можело да биде сè, не е исклучена никаква можност. Ако мајката рече дека го оставила девојчето на минута, го поставуваме прашањето каде би можело да оди двегодишното дете? Колку далеку, без мајка му да го најде? Второ, зошто чекаа два часа? Има простор и за киднапирање, а знаеме дека границата е блиску, но и за многу повеќе. Отворени се многу прашања и останува да се почека истражните органи да си ја завршат работата“, вели Ницовиќ за српски „Телеграф“.
Да потсетиме, потрагата по двегодишната Данка Илиќ влезе во четвртиот ден. Во потрагата од утрово се вклучени уште 18 пожарникари и кучето Зиги.
Багери вчера цел ден копаа и вадеа ѓубре и шут од куќата, а пред куќата каде што последен пат беше видена исчезнатата Данка по која трага цела Србија, пристигна тешка механизација, која ќе продолжи да работи денес за да се расчисти теренот.
Регион
Нов силен земјотрес ја погоди Грција: се стресе на Крит
Нов земјотрес со јачина од 3,7 степени според Рихтеровата скала ја погоди Грција, соопшти ЕМСЦ.
Земјотресот е регистриран на Крит, на 62 километра од Ираклион, на длабочина од 16 километри.
Земјотресот е регистриран во 12.37 часот по локално време.
Засега нема информации за повредени или материјална штета.
Грција утрово ја погоди силен земјотрес со јачина од 5,7 степени според Рихтеровата скала по што следеа афтершокови.