Регион
Вучиќ: Терористите сакаа да ја покажат својата моќ и поддршката од Западот
Терористи облечени во униформи на специјална единица на непостоечката држава Косово сакаа да покажат дека може да го заземат северот на Косово, изјави во своето обраќање српскиот претседател, Александар Вучиќ, по апсењето на Марко Ѓуриќ, директор на Канцеларијата на српската Влада за Косово и Метохија. Како што рече, тоа го направиле со поддршка од Еулекс.
Вучиќ рече дека Србија ги испочитувала сите меѓународни акти и дека на време ја известила Приштина за намерата на српските политичари и министри да влезат на Косово. Според него, Канцеларијата за Косово и Метохија 75 часа пред пристигнувањето ги известила надлежните органи на Косово дека Ѓуриќ ќе го посети Косово. „Притоа, според договорот за официјални посети, потребни се 72 часа ако јас одам на Косово, за Марко Ѓуриќ се потребни 24 часа“, рече Вучиќ. Тој истакна дека не станува збор за дозвола туку за известување.
„Интересно. Пацоли рече дека на Ѓуриќ и на министерот Александар Вулин не им е дозволен влез во Косово затоа што поттикнуваат омраза. Дали оваа терористичка, бандитска држава одлучила дека може да измисли вербален деликт? Дали забранува некому нешто затоа што не го сака? Тоа не го пишува никаде во договорот“, додаде Вучиќ.
Како што рече тој, албанските терорити сакале да покажат моќ и да покажат дека имаат поддршка од Западот. Тој рече дека одбил да зборува со многу амбасадори по апсењето на Ѓуриќ. „Луѓето од Србија нека не се плашат, не сме така слаби како што некои мислат, само што ние не покажуваме сила. А тие…ви честитаме големи херои, многу сте силни (алудирајќи на Косово). Тивка вода, брег рони“, рече Вучиќ.
Тој им се обрати и на граѓаните на северот на Косово. „Ги повикувам граѓаните на северот на Косово да бидат мирни и спокојни затоа што албанските терористи нема да успеат да преземат ништо против нив, ниту тие, ниту нивните западни партнери. Србија нема да му се заканува никому, но нема ни да дозволи некој да го уништи нејзиниот народ. Никому нема да му дозволиме да ја загрози безбедноста на нашите граѓани“, рече Вучиќ.
На прашање со кого ќе разговара по инцидентот, тој рече: „Нема да кажам со кого разговарав, полесно би ми било да ви покажам листа со кого не разговарав и со кого одбив да разговарам“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.
Регион
Се вештачат трагите од предметите пронајдени во автомобилот во кој била убиена малата Данка
Телото на малото девојче Данка Илиќ (2), кое на 26 март годинава беше брутално убиено во Бањско Поле, сè уште не е пронајдено.
Осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) во Вишото јавно обвинителство во Заечар ги изнесе деталите за убиството на детето. Сепак, тој не сакаше да открие каде го фрлил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не сакал да зборува за делото, а вчера побарал да му дозволат адвокат по службена должност. Во притвор е и таткото на Дејан Драгијевиќ, кој исто така се бранеше со молчење на обвинувањата дека му помогнал на синот да се ослободи од телото.
Понатамошни чекори во истрагата за „Телеграф.рс“ најавија од Вишото јавно обвинителство во Заечар.
„Вишото јавно обвинителство во Заечар издаде наредба вештаци да ги прегледаат трагите пронајдени во автомобилот на Јавното претпријатие за комунални дејности ‘Водовод’ од Бор“.
Сослушувањата на сведоците се во тек.
Вчера, во Вишото јавно обвинителство во Заечар дадоа исказ Ивана и Милош Илиќ, родителите на убиената Данка.