Свет
Жените планираат масовен протест кога Трамп ќе ја преземе должноста
Активистките кои се загрижени дека избраниот американски претседател Доналд Трамп би можел да ги намали или да укине некои од правата на жените, планираат голем протест во Вашингтон ден откако тој ќе ја положи свечената обврска за 45-ти претседател на САД, најавија во саботата организаторите.
Според нив, речиси 35.000 луѓе најавиле дека ќе учествуваат во протесниот собир под мото „Протест на милион жени“, кој се организира преку социјалната мрежа Facebook, во првите 24 часа откако беше објавен во петокот, изјави за Reuters Боб Бланд, една од организаторките на собирот од Њујорк. Протестот е реакција на ставовите на Трамп во текот на кампањата, додала.
Трамп беше обвинуван во текот на кампањата дека ги навредувал новинарките, ривалката Хилари Клинтон и други жени поради нивниот изглед, а беше емитувано и видоа од телевизиско шоу од пред 11 години во кое зборува како сексуално им се нудел на жените, што некои го потврдија, меѓутоа обвиненијата за силување беа повлечени.
Но новоизбраниот американски претседател во кампањата рече и дека абортусот во повеќето случаи треба да биде забранет, а жените кои ги сториле треба да бидат казнети, но подоцна се повлече велејќи дека треба да бидат казнети лекарите кои ги извршиле.
Активистките се координираат преку социјалните медиуми и велат дека интересот за протестот е голем во сите сојузни држави. Протестот ќе се одржи на 21-ви јануари 2017 година, ден откако Доналд Трамп ќе ја положи заклетвата, кај Линколновиот меморијален центар во Вашингтон, каде во 1963 година на протестот за граѓански права на црното население Мартин Лутер Кинг го одржа познатиот говор во кој рече „Имам сон“./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Додик не го признава геноцидот во Сребреница: „Ќе однесеме цвеќе, ако не навредува никого“
Во четвртокот, лидерот на Србија во Босна и Херцеговина, Милорад Додик, изрази подготвеност да го посети Меморијалниот центар Поточари во Сребреница и да положи цвеќе на заедничкиот споменик подигнат во спомен на масакрот на Бошњаците за време на војната, но тој повторно негираше дека таму имало геноцид.
Во интервју за новинската агенција на Република Српска, претседателот Додик најави дека владата и целото раководство на овој ентитет ќе заседаваат во Сребреница на 2 мај 2024 година, кога ќе се одржи дискусија пред Обединетите нации и се очекува гласање за Резолуција за осуда на геноцидот во тој град во летото 1995 година.
Резолуцијата е поддржана од дваесет земји, меѓу кои САД, Обединетото Кралство и Германија и се очекува нејзино усвојување. Целта е да се интернационализираат страдањата на Бошњаците во Сребреница.
Водечките српски претставници од Белград и Бања Лука, претседателите Александар Вучиќ и Милорад Додик, тврдат дека ова е обид да се префрли вината на српскиот народ.
„Република Српска нема да ја прифати резолуцијата за Сребреница за која ќе се одлучува во Генералното собрание на ОН бидејќи се што е напишано во неа е лага. Босна и Херцеговина не може да живее врз основа на тоа дека едната нација во неа е оквалификувана како геноцидна“, рече Додик.
Сепак, тој изрази подготвеност да им оддаде почит на жртвите од масакрот во Сребреница.
„Ако ни се укаже можност, на 2 мај ќе однесеме венци во Поточари, ако тоа не навреди никого. Не се плашам дека би можел да завршам како Вучиќ, кој дојде да им оддаде почит на жртвите, изрази сочувство, а доби камен во главата и никој не одговараше за тоа“, истакна Додик.
Тој смета дека Резолуцијата за Сребреница сепак нема да го добие потребното мнозинство на седницата на Генералното собрание на ОН.
Свет
Принцот Вилијам проговори за Кејт Мидлтон: „Жал ми е што не е тука со нас“
При посетата на едно училиште во Велика Британија, принцот Вилијам се извини што неговата сопруга Кејт Мидлтон не била со него.
Конечно се врати на обврските откако извесно време беше на пауза поради приватни причини.
Во разговор со член на персоналот, Вилијам накратко ја спомна сопругата Кејт.
„Жал ми е што Кејт не може да биде тука со нас. Таа сакала”, рекол Вилијам.
Медиумите потсетуваат дека минатиот месец принцезата Кејт Мидлтон објави дека се бори со рак, но во видеото кое го објави не прецизираше за каков вид на рак се работи.
По Божиќ се повлече од јавноста, а во јануари имаше операција на абдоменот.
Европа
(Видео) 19-годишна девојка во Украина се обидела да го продаде синот, барала 23.500 евра
Во украинскиот град Днипро, 19-годишна девојка се обидела да го продаде сопствениот двегодишен син, соопшти локалната полиција, пренесоа украинските медиуми.
Девојката наводно побарала еден милион гривни, што е околу 23.500 евра за своето дете. 19-годишната девојка наводно му го понудила детето на својот познаник и договорила средба со него. Во вторникот полицијата приведе маж додека носел пари на договорена локација.
Девојката наводно рекла дека не сака да се грижи за својот син, па решила да го продаде. Со парите што ги добила планирала да отвори сопствен бизнис.
Детето е земено во полиција и предадено на надлежните органи. Против неговата мајка е подигнато обвинение за трговија со луѓе.