Daily news
Медиуми: Трамп ја разгледува опцијата за воена операција против Сирија
Американскиот претседател Доналд Трамп им соопштил на некои членови на Конгресот дека разгледувал со министерството за одбрана воени мерки против Сирија, по хемискиот напад во северозападната сириска покраина Идлиб, пренесе во четвртокот телевизијата CNN повикувајќи се на свои извори.
Според соговорникот на телевизијата, претседателот Доналд Трамп на „неколку членови на Конгресот“, ја признал сета сериозност на ситуацијата и оти ја разгледувал можноста за воена операција како одмазда за хемискиот напад во Идлиб.
Изворот на CNN истакнал дека конечната одлука сé уште не е донесена и можните дејствувања ќе бидат разгледувани само со челникот на Пентагон, Џејмс Матис. Соговорникот додал дека Пентагон ги поседува потребните способности за удари врз сириското хемиско оружје и му ја пренеле информацијата на претседателот.
На оваа информација веднаш реагираше Турција. Како што изјави претседателот Реџеп Тајип Ердоган, Анкара ќе ја поддржи американската воена операција во Сирија, доколку таа навистина се оствари.
Русија, сојузникот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, во Советот за безбедност на ОН поднесе нацрт резолуција за истрага во врска со информациите за хемискиот напад во Идлиб. Своја нацрт резолуција претставија и противниците на владата на ал-Асад во Советот за одбрана, САД, Франција и Велика Британија.
Кремљ претходно во четвртокот смртоносниот напад со гас во Идлиб го нарече „монструозно злосторство“, но соопшти дека заклучоците на Вашингтон за овој инцидент не се засновани на објективни податоци. Руското министерство за надворешни работи соопшти претходно во четвртокот дека е прерано да се обвинува сириската влада за овој напад во Идлиб, како и дека е потребно да се спроведен непристрасна темелна истрага.
Националната коалиција на опозициските и револуционерните сили на Сирија изјави дека во хемиски напад на 4-ти април во покраината Идлиб загинале над 80 лица, од кои неколку десетици биле деца. Сириската вооружена опозиција вината ја префрли на владините сили, како и нивните сојузници од Западот. Официјален Дамаск, пак, преку својата воена команда, шефот на дипломатијата Валид ал-Муалем и претседателот Асад негираа дека сириската влада „никогаш не користела, ниту во иднина ќе користи хемиско оружје против сопствениот народ“ и ги обвинија опозицијата и нејзините странски поддржувачи.
Асад притоа потсети дека во 2013 година Сирија, по сличниот инцидент за кој Дамакс оцени дека е провокација за да се вклучат САД во воена интервенција во земјата, го предала сиот арсенал на хемиско оружје на меѓународните инспектори на Обединетите нации и Организацијата за забрана на хемиското оружје, кои веќе отворија истрага и за последниот инцидент, но засега двете организации не посочија конкретен виновник.
Руското министерство соопшти дека сириската авијација на 4-ти април нанела удари во источната периферија на Кан Шејунврз складишта со муниција со токсични материи на терористичките групации , кои биле доставени од Ирак и биле применети неколку пати во битката за градот Алепо./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.