Свет
Москва го заобиколи Обама, на преговорите за Сирија го покани тимот на Трамп
Русија го повикала тимот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп на мировните преговори за Сирија кои на 23-ти јануари ќе се одржат во казахстанската престолнина Астана, под нејзино и покровителство на Турција и Иран, заобиколувајќи ја всушност администрацијата на Барак Обама на заминување, објави во петокот вечерта The Washington Post.
Според изворите на весникот, поканата била упатена преку рускиот амбасадор во САД, Сергеј Кислјак, во текот на телефонскиот разговор со советникот на Доналд Трамп за национална безбедност, Мајкл Флин.
Истовремено соговорник на The Washington Post рекол дека во текот на телефонскиот разговор не била донесена дефинитивна одлука.
Претходно американскиот Стејт департмент, кој до свеченото преземање на должноста на 20-ти јануари од страна на Трамп, уште го води администрацијата на Демократската партија, изјави дека во Вашингтон уше не добиле никаква официјална покана за средбата посветена на Сирија во Астна, но се во постојна контакт за оваа иницијатива со Турција и со Русија, но дека на републиканската администрација ѝ препорачуваат да учествува на нив, доколку им се даде можност.
Идниот портпарол на Белата куќа, Шон Спејсер го потврди во петокот за медиумите телефонскиот разговор меѓу Флин и Килсјак, но рече дека се зборувало за „подготовка на телефонски разговор меѓу рускиот претседател (Владимир Путин) и избраниот претседател (Доналд Трамп) по неговото официјално преземање на должност“.
Преговорите во Астана треба да се одржат на 23-ти јануари, кој е и првиот работен ден за администрацијата на Трамп. Средбата во Астана треба да биде вовед во меѓусириските преговори кои во Женева на 8-ми февруари ќе се одржат под покровителство на Обединетите нации./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Силно невреме со поплави во Грција, Волос без струја
Силно невреме ја зафати Грција, поточно Лариса, каде обилните дождови доведоа до излевање на канализацијата, која ги поплави улиците, а во Волос е забележан и прекин на струја.
Врз основа на податоците од метеоролошката станица на Националната опсерваторија во Атина, измерени се просечни 100 милиметри дожд или максимални 312 милиметри на час, поради што полицијата мораше да го прекине сообраќајот бидејќи улиците беа поплавени.
Во градот Волос во текот на ноќта имало проблеми со струјата, но како што пренесуваат грчките медиуми, се е брзо ставено под контрола.
Министерот за цивилна заштита и климатска криза Василис Кикилијас од вчера е во Тесалија за внимателно да го следи развојот на невремето.
– Имаше оправдана загриженост на граѓаните овде во Тесалија бидејќи сеќавањата за катастрофата се свежи, затоа бевме сите овде, координирани и организирани. Драго ми е затоа што досега овој напор се исплатеше. Само со заедничка и координирана работа можеме да добиеме многу добри резултати – најави тој.
Силен дожд и невреме го зафати јужниот дел на Пелион, а како што јавуваат медиумите паднал и град. Овој регион во септември минатата година беше соочен со разорни поплави.
Ненадејна промена на времето се случи и на големите височини во централна и северна Грција, каде падна снег.
„Снежно невреме е забележано во ски-центарот на Василица“, се наведува.
Во меѓувреме, населението е најмногу загрижено за земјиштето околу езерото Карла на границата на Магнезија и Лариса, кои беа поплавени во септември минатата година. Полињата, па дури и воените инсталации во Стефановики се под тони вода.
Свет
Десетгодишно дете призна дека убило човек пред две години, полицијата во Тексас во шок
Десетгодишно дете од американската сојузна држава Тексас, кое било испрашувано поради наводна закана дека ќе го убие својот соученик, им кажало на инспекторите дека убил човекот пред две години без никаква причина, соопштија органите на редот.
Според законите во Тексас, детето не може да биде обвинето за злосторството бидејќи во моментот на убиството имало помалку од 10 години, пренесува CBS News.
Момчето им кажало на училишните службеници дека пукало и убило човек во 2022 година, соопшти канцеларијата на шерифот на округот Гонзалес.
Како што е наведено, момчето им дало на истражителите информации за убиството на 32-годишниот Брендон О’Квин Резбери на 18 јануари 2022 година во Никсон, Тексас.
Тој рече дека тој ден бил кај својот дедо на гости во паркот за кампери во близина на местото каде што живеел Резбери, и дека извадил пиштол од кабината на камионот на неговиот дедо, влегол во комбето на Резбери, пукал во него и го убил.
Тој исто така изјавил дека никогаш претходно не го видел Расбери и дека убиениот не направил ништо за да го налути.
На 12 април, инспекторите го пронајдоа пиштолот користен за убиството на Разбери во заложна продавница во блискиот град, но бидејќи детето имало помалку од 10 години кога го извршило злосторството, не може да биде обвинет за убиството во 2022 година.
Детето е обвинето во врска со заканата упатена кон соученик и се наоѓа во малолетнички притвор, каде го чека почетокот на судењето.
Свет
Северна Кореја тестираше „супер голема“ боева глава за крстосувачка ракета
Северна Кореја денеска соопшти дека тестирала боева глава со „супер-голема“ крстосувачка ракета и нова противвоздушна ракета.
Тестот за моќност на супер-големата боева глава дизајнирана за стратешката крстосувачка ракета Хвасал-1 Ра-3 и пробното лансирање на противвоздушната ракета Пјољџи-1-2 се одржаа во петокот, објавија државните медиуми.
„Пробното лансирање постигна одредена цел“, објави КЦНА.
Се наведува дека тестовите биле дел од редовните воени активности на Северна Кореја и дека немаат „никаква врска со околната ситуација“.
Резолуциите на ОН и забрануваат на Северна Кореја да тестира балистички ракети од кој било дострел, од кои некои се способни да носат нуклеарна боева глава.
Тестовите на крстосувачки ракети не подлежат на санкции против Пјонгјанг. Меѓутоа, таквото оружје може да се користи и за пренесување на нуклеарни боеви глави.
Наспроти позадината на конфликтот околу севернокорејската програма за нуклеарно оружје, тензиите на Корејскиот полуостров повторно значително се зголемија. Соединетите Американски Држави и Јужна Кореја ја зајакнаа својата воена соработка, вклучително и заеднички маневри, како одговор на повеќекратните ракетни тестови на Пјонгјанг со нуклеарни капацитети во последните две години.