Европа
Напаѓачот дошол во Австрија како мигрант
Авганистанецот кој пред два дена со нож нападна и избоде три члена на едно семејство и еден Чеченец во Виена дошол во Австрија како бегалец во 2015 година, за време на мигрантската криза.
Џафар С. (23) ѝ го признал тоа на полицијата за време на сослушувањето за двата напада.
Нападот се случи кај метро-станицата Нестроплац, каде што напаѓачот со нож нападна едно семејство по што побегна, но за време на бегството со ножот повредил уште едно лице.
Напаѓачот ѝ е познат од претходно на полицијата, откако веднаш по неговото доаѓање во Австрија како бегалец почнал да ги крши законите. Осуден бил за повеќе кривични дела во врска со наркотици. Против него биле поднесени повеќе пријави за нанесување телесни повреди, но до судење никогаш не дошло бидејќи исчезнувал и, според полицијата, живеел во илегала.
За време на апсењето Џафар имал два ножа. Тој признал дека го нападнал семејството кое излегувало од некој ресторан затоа што, како што рекол, бил во лошо и агресивно расположение, како и дека бил бесен на неговата животна ситуација.
Чеченецот, кој му бил познаник, го нападнал бидејќи, како што рекол, го обвинувал за зависност од наркотици. Негирал дека нападите биле политички мотивирани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Повеќе од сто килограми кокаин пронајдени меѓу банани во супермаркети во Германија
Вработени во неколку германски супермаркети во Берлин и Бранденбург откриле повеќе од 100 килограми кокаин во пакувања со банани, пренесува „Билд“ повикувајќи се на полициски извори.
Во Бранденбург, како што се наведува, во најмалку четири продавници биле пронајдени меѓу 20 и 100 килограми кокаин, пренесува „Танјуг“.
Полицијата во моментот спроведува истрага со проверка на стоката во продавниците поради што сѐ уште не се знае конечната количина дрога во нив, но не и информацијата во колку продавници има.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.