Свет
Сите го напуштија бродот што тоне
Новиот совет на директори огорчени поради однесувањето на Морфопулос, официјалниот сопственик на Тутунскиот комбинат Куманово, незадоволни од случувањата во фабриката, даваат оставка.
СЛУЧАЈ „ТУТУНСКИ КОМБИНАТ КУМАНОВО“ (6)
Зоран Божиновски
Новиот совет на директори огорчени поради однесувањето на Морфопулос, официјалниот сопственик на Тутунскиот комбинат Куманово, незадоволни од случувањата во фабриката, даваат оставка. Заминува и еден од директорите, Израелецот Виктор Бен Кнаан. Тој на враќање во Израел изјавува дека е крајно разочаран и дека во име на вистината ќе ја отвори приказната за да сфати јавноста и да сфатат вработените со кого си имале работа. Бен Кнаан ни доставува една пообемна архива од која јасно се чита што точно се случувало во ТКК, во критичниот едногодишен период од нивното менаџирање. Тој најголем број обвинувања за нефункционирање на ТКК упатува на адреса на адвокатката Љубица Рубен, полномошник на Василис Морфопулос. Таа, во обид да докаже дека БИД холдингс ЛТД функционира најнормално и непречено, покажува документи во кои спаѓа и Корпоративната одлука (акт за основање и потврда за седиште на компанијата) на која стои адресата 21 Мнасиадес ЦЅ – 1065 Ницосиа Цѕпрос. Писмениот Бен Кнаан ги споредува документите што ги покажала Рубен со оригиналните документи до кои имал достап. Заклучува дека на истата ваква одлука депонирана во Основниот суд Куманово и во Централниот регистар стои – друга адреса. Во сите приложени документи од Рубен, заедно со решението бр. 57/05 од 30 март 2005 година со кое е за закажано собранието на акционери на ТКК по судски пат, стои адресата на БИД холдингс – 24 Демостхенис Северис Авенуе ЦЅ – 508 Ницосиа Цѕпрос. Исто така, оваа иста адреса е наведена и во Основниот суд Скопје 1 кога фирмата е регистрирана (трег.бр 1464/05 од 6 мај 2005 година) и кога е извршен и упис на новиот совет на директори на ТКК по налог и волја на Василис Морфопулос. Нашиот соговорник Бен Кнаан ни рече дека никогаш нема да се изначуди како никој во Македонија не знае да објасни како Љубица Рубен можела без последици да менува битни податоци при упис во судот!?
Оваа ситуација предизвикува вистинска паника кај вработените, кои уште еднаш се излажани и повторно не ги добиваат ветените заостанати плати и не гледаат дека некој воопшто и мисли на рестартирање на производството во обем што е ветен.
Истите проблеми му останаа и на сегашниот сопственик на ТКК Бајруш Сејдии. Комбинатот продолжува да тоне во долгови, во кредитни обврски, има долгогодишни нерасчистени судски постапки за производство и фалсификување познати брендови цигари. А вработените, по којзнае кој пат, пак и пак се наоѓаат од другата страна на барикадите.
(продолжува)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Приходите на Русија од нафта и гас се речиси двојно зголемени
Приходите од нафта и гас на Русија ќе достигнат 1,29 трилиони рубљи (14 милијарди долари) во април, што е речиси двојно повеќе од истиот месец минатата година благодарение на зголемените цени, покажуваат пресметките на Ројтерс.
Ројтерс ги заснова проценките на податоците од индустриските извори и официјалната статистика за производство, преработка и снабдување со нафта и гас на рускиот и меѓународниот пазар.
Руското Министерство за финансии на почетокот на мај ќе ги објави податоците за април. За цела 2024 година, владата буџетираше приходи од продажба на нафта и гас од 11,5 трилиони рубљи, за 30 отсто повисоки отколку во 2023 година, кога се намалија за 24 отсто поради пониските цени на нафтата и намалениот извоз на гас под притисок на санкциите.
Благодарение на закрепнувањето на приходите од продажбата на енергетски производи, рускиот буџетски дефицит се намали во првите три месеци од оваа година на 607 милијарди рубљи, што одговара на 0,3 отсто од бруто домашниот производ (БДП), наведува Ројтерс.
Западните земји воведоа бројни санкции кон Русија поради нејзината инвазија на Украина, настојувајќи да ги намалат приходите на Русија од продажбата на нафта и гас, кои сочинуваат околу една третина од федералниот буџет. Казнените мерки вклучуваат забрана за водење бизнис со руски финансиски институции.
Свет
Судот во Њујорк поништи пресуда на Харви Вајнстин за силување
Судот во Њујорк ја укина пресудата на Харви Вајнштајн за силување во 2020 година и нареди ново судење за случајот „MeToo“, пишуваат странските медиуми.
Во пресудата се наведува дека му било судено врз основа на неговото однесување во минатото, а не само врз основа на делата за кои бил обвинет. Судот одлучи дека судењето „погрешно го прифатило сведочењето за наводни претходни сексуални дејствија против лица кои не биле тужители во овој случај“.
Вајнстин (72) отслужува 23-годишна затворска казна во њујоршки затвор, откако беше осуден за сексуален напад за насилен орален секс со асистентка на ТВ и филмска продукција во 2006 година и за напад на актерка во 2013 година.
Тој ќе остане во затвор бидејќи беше осуден за уште едно силување во Лос Анџелес во 2022 година и осуден на 16 години затвор.
Обвиненијата против Вајнстин започнаа во 2017 година и го поттикнаа движењето #MeToo кое го разоткри сексуалното вознемирување на највисоките нивоа на холивудската филмска индустрија.
Европа
Русија и се закани на Полска
Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков се закани дека Русија ќе ги таргетира нуклеарните оружја и објектите на НАТО, доколку тие бидат распоредени во Полска. Тој рече дека заедничките нуклеарни мисии на НАТО во близина на руската граница се сметаат за закана за нејзината безбедност, пренесува руската државна агенција ТАСС.
„Да не кажам ништо за трајно распоредување, за што зборуваат жешките глави во Варшава. Затоа сите оние политичари кои разговараат за таква опција во Полска и во странство треба да разберат: соодветните капацитети неизбежно ќе бидат цел. Тие ќе бидат први на список на нашето воено планирање“, се закани тој.
Полска во понеделникот објави дека е подготвена да прифати нуклеарно оружје на своја територија доколку НАТО, чиј член е, одлучи да го зајакне своето источно крило бидејќи Русија распоредува ново оружје во Калининград и Белорусија.
„Доколку нашите сојузници одлучат да распоредат нуклеарно оружје на наша територија како дел од дистрибуцијата на нуклеарно оружје за да ја зајакнеме безбедноста на источното крило на НАТО, ние сме подготвени на тоа“, изјави Анджеј Дуда за весникот Факт.
„Војната меѓу Русија на Владимир Путин и НАТО би завршила со неизбежен пораз на Москва“, изјави денеска полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски.
„Ние, Западот, не треба да се плашиме од конфликт со Путин, туку обратно“, рече Сикорски за време на говорот во Сејм, Долниот дом на полскиот парламент. Сикорски додаде дека рускиот воен и економски потенцијал „бледи во споредба со оној на Западот“, бидејќи НАТО има три пати повеќе воен персонал, три пати повеќе воздушен персонал и четири пати повеќе бродови од Русија.