Вилдерс ветува „чистење“ на Холандија од „мароканското ѓубре“

Вилдерс ветува „чистење“ на Холандија од „мароканското ѓубре“

Политичарот од крајно десниот холандски политички спектар, Геерт Вилдерс, ја започна во саботата предизборната кампања ветувајќи дека ќе го исчисти „мароканското ѓубре“ поради коешто холандските улици не се сигурни и ги повика сонародниците „да си ја повратат“ својата земја гласајќи за неговата евроскептична и антимуслиманска Слободарска партија.

 

Геерт Вилдерс се надева дека на ваквата платформа ќе победи на парламентарните избори на 15-ти март. Оттаму, ветува забрана за доселувањето на муслиманите, затворање на сите џамии и излегување на Холандија од Европската унија.

„Во Холандија има многу мароканско ѓубре поради кое улиците не се безбедни. Доколку сакате да си ја повратите својата земја, доколку сакате Холандија да биде земја на Холанѓаните, тогаш може да гласате само за една партија“, порача Вилдерс.

Оваа изјава Вилдерс ја даде во текот на неговото партиско упориште во Спијкенисе, дел од етнички разноличната индустриска зона околу Ротердам.

Изрази, исто така, увереност дека холандските гласачи ќе им се спротистават на политичките елити и ќе го доведат на власт, што , пак, би претставувало силен поттик за сродните партии во Франција и во Германија, односно Националниот фронт на Марин Лепен и Алтернатива за Германија на Фрауке Петри, чиишто рејтинзи предупредуваат дека оваа 2017 година можна е радикална промена на европската политичка карта.

„И покрај целата омраза и страв на кој поттикнуваат елитите во Лондон и во Брисел, луѓето ја земаа својата судбина во своите раце. Мислам дека тоа ќе се случи и во Холандија, Франција, Австрија и Германија“, порача Вилдерс алудирајќи на британскиот референдум од 23-ти јуни 2016 година кога беше изгласано Обединетото Кралство да излезе од Европската унија.

Партијата на Вилдерс води во анкетите со 17 отсто. Но тоа е само незначително повеќе од поддршката за либералите на актуелниот премиер Марк Руте, чијшто рејтинг порасна токму копирајќи еден дел од неговата противдоселеничка реторика, и благодарејќи на економскиот раст.

Дури и доколку победи на изборите, тешко ќе биде Вилдерс да формирам влада, имајќи предвид дека повеќето големи партии не сакаат со него да коалицираат, сметајќи ги неговите политики за навредливи и дури неуставни. Имајќи ја предвид фрагментираноста на холандската политичка сцена, коалициска влада од четири или повеќе партии речиси е неизбежна.
Вилдерс во декември беше прогласен за виновен за поттикнување на дискриминација, бидејќи ги водеше своите приврзаници со повиците дека сакаат „Помалку! Помалку! Помалку!“ Мароканци во земјата.

Во истражувањето на јавното мнение кое во вторникот го објави холандското министерство за социјални прашања се покажа дека 40 отсто од Турците и Мароканците во Холандија не се чувствуваат прифатени во земјата./крај/мф/сн