МАКФАКС

Во Рим на 25-ти март ќе се роди новата ЕУ со 27 членки

Во Рим на 25-ти март ќе се роди новата ЕУ со 27 членки
08.03.2017, 11:47

 

На самитот на Европската унија месецов во Рим треба да се роди новата Европска унија со 27 членки, а целта ќе биде обновената интеграцијата во фокусот да го има единството, а не тоа да биде Европа со повеќе брзини, истакнуваат европски дипломатски извори, пренесуваат европските медиуми.

 

Самитот во Рим се одржува на 25-ти март по повод прославата на 60-годишнината од потпишувањето на Римскиот договор, на кој е основана денешната ЕУ. Се очекува челниците на 27-те земји-членки во Римската декларација да ги истакнат постигнувањата на досегашните европски интеграции и да се осврнат на иднината на ЕУ.

 

„Клучната порака од Рим треба да биде пораката на единството, новото бебе треба да се нарекува единство, а на Европа со повеќе брзини“, рекол дипломатски извор, додавајќи дека Европа со повеќе брзини треба да биде „предупредување, а не цел“.

 

Пред римскиот состанок на врвот на ЕУ, челниците на земјите членки на ЕУ ќе се состанат во четврток на редовниот дводневен самит во Брисел. Во петок, пак, се одржува неформалниот состанок на претставниците на 27-те земји членки, без Велика Британија, кога ќе се разговара за подготовките за самитот во Рим, односно за текстот на декларацијата која треба да биде прифатена.

 

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер минатата недела го претстави планот за иднината на Европа во која понуди пет сценарија за идниот изглед на Унијата: задржување на статус кво, ЕУ само како единствен пазар, Европа со повеќе брзини, Европа со помалку овластувања но поефикасна, и ЕУ која во повеќе подрачја ќе работи заедно.

 

„Јункер не се изјасни кое од петте сценарија го преферира, но мислам дека го преферира сценариото број пет“, рекол дипломатски извор. Петтото сценарио, односно „Заедно можеме да направиме многу повеќе“ подразбира земјите членки преку заедничко одлучување да направат многу повеќе со тие подрачја од политиката, што би можело да се нарече некој вид на федерално уредување, иако зборот федерација се избегнува./крај/мф/бс

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *