МАКФАКС

Во среда парламентарни избори во Холандија

Во среда парламентарни избори во Холандија
13.03.2017, 09:58

Граѓаните на Холандија, односно 12.9 милиони луѓе со право на глас, во среда ќе гласаат на парламентарни избори на кои учествуваат 28 партии со вкупно 1.114 кандидати за 150 прaтенички места.

 

Според аналитичарите, главната битка ќе се води меѓу Либералната партија (VVD) на холандскиот премиер Марк Руте и Партијата за слобода (PVV) на екстремниот десничар Герт Вилдерс.

Последните резултати на анкетите говорат дека антиевропскатата и антиисламистичка партија на Вилдерс би можела да постигне најдобри резултати од своето формирање во 2006 година, но тоа не значи дека ќе ја добијат власта.

Се очекува и следната холандска влада да биде коалициска, а повеќето партии се изјаснија дека не сакаат во коалиција со Партијата за слобода.

Иако со месеци беше на водечка позиција во анкетите, Вилдерс падна на второ место и во моментов има помала поддршка на граѓаните во однос на премиерот Руте.

Вилдерс, всушност, се залага за затворање на џамиите, забрана на Куранот, затворање на границите и излез на Холандија од Европската унија.

За победа на изборите потребно е да се освојат 76 пратенички места.

Благодарение на сложениот пропорционален изборен систем, дури малите партии можат да се изборат за одреден број пратенички мандати и да добијат важна улога во формирањето на наредната влада.

Најголемата дебата во текот на предизборната кампања беше во врска со здравствената заштита, пензиите и условите за работа.

Официјалните резултати се очекува да бидат соопштени на 21-ви март, а новиот холандски парламент ќе биде конституиран два дена подоцна. Преговорите за формирање влада може да потраат и неколку месеци.

Медиумите во Холандија наведуваат дека во просек потребни се три месеци за формирање влада. /крај/мф/вс

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *