МАКФАКС

Германските социјалдемократи ги надминаа демохристијаните на Меркел првпат од 2006-та

Германските социјалдемократи ги надминаа демохристијаните на Меркел првпат од 2006-та
19.02.2017, 17:49

Социјалдемократската партија на Германија (SPD), помалиот партнер во ткн голема влада предводена од демохристијаните на канцелраката Ангела Меркел, Унијaта CDU/CSU, првпат по 2006 година имаат поголем рејтинг од своите најголеми конкуренти, покажува испитувањето на јавното мнение на институтот Emnid за весникот Bild am Sonntag.

 

Катапултирањето на SPD за 12 процентни поени во последните месеци го стави во незгодна позиција канцеларката Ангела Меркел и нејзините конзервативци од Христијанско-демократската унија (CDU) и баварската сестринска партија Христијанско-социјална унија (CSU), само седум месеци пред одржувањето на парламентарните избори на 24-ти септември, на коишто таа очекуваше лесна победа и четврти по ред мандат, оценуваат аналитичарите.

Анкетата на Emnid спроведена на 1.88 гласачи, на SPD им дава 33 отсто од гласовите, 1-процентен поен повеќе отколку една седмица претходно, додека CDU и CSU би добиле 32 отсто од гласовите, или еден процентен поен помалку отколку пред седум дена.

Со тоа популарноста на SPD пораснала за 12-процнетни поени во последните четири седмици, откако поранешниот претседател на Европскиот парламент, Мартин Шулц, беше именуван за лидер на партијата и со тоа противкандидат на Ангела Маеркле за канцеларската должност, забележува Bild am Sonntag.

„Ова е незапаметено во историјата на испитувањата на јавното мнение коишто ги спроведува Bild am Sonntag“, истакнува весникот.

Со години SPD заостануваа зад коалицијата на Меркел, до именувањето на Шулц за свој кандидат за канцелар. Последен пат германските социјалдемократи победиле на изборите во 2002 година, предводени од Герхард Шеедер.

„Ова е сериозно истражување коешто покажува дека SPD стигнува од никаде за да го престигне CDU/CSU… Неверојатно е како CDU биле неподготвени за некој како што е Шулц… Претпоставуваа дека SPD ќе остане на поддршка меѓу 20 и 25 отсто“, коментира Томас Јагер, политиколог од Универзитетот во Келн.

Во петокот, пак, Electoral Research Group ги објави резултатите од анкетата спроведена за телевизиската станица ZDF која покажа дека SPD на септемвриските избори би добил 30 отсто поддршка, а CDU/CSU би добиле 34 отсто.

Мартин Шулц, поранешен продавач на книги кој не завршил ниту средно образование, го ревитализираше SPD со своите искрени настапи. Гласачите ги привлекува со верувањата дека ќе се бори за социјална правда и против крајно десниот популизам. И иако SPD е помалиот коалиционен партнер во големата коалиција на Меркел од 2013 година, Шулц постојано водеше кампања против нејзините политики.

„Сосема е неочекувано како Шулц повторни придоби многу поранешни гласачи на SPD коишто ѝ го свртија грбот на партијата. Тој зборува со нивниот јазик и звучи како еден од нив. Одеднаш се појави голем ентузијазам“, вели Јагер.

Испитувањето на Emnid, исто така, покажува дека SPD би можела да формира влада на левиот центар со крајно левите партии Левица (Linke) и Зелените. Левица според оваа анкета би добила 8 отсто од гласовите, а Зелените 7 проценти, Заедно со 33-те отсто на SPD би имале 48 отсто, што е доволно бидејќи помалите партии не би го минале изборниот праг од 5 отсто.

Испитувањето на CDU/CSU им дава 32 отсто од гласовите, на Слободните демократи (FDP) 6 отсто и на евроскпетичната и антидоселеничка партија Алтернатива за Германија (AfD) 9 отсто, што е еден процентен поен помалку, односно вкупно 47 отсто од гласовите./крај/мф/сн

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *