МАКФАКС

Италијанскиот суд го измени изборниот закон, создадени услови за предвремени избори

(Бепе Грило, лидерот а Движењето пет ѕвездички M5S, ANSA/MASSIMO PERCOSSI)

Италијанскиот суд го измени изборниот закон, создадени услови за предвремени избори
25.01.2017, 19:49

Уставниот суд на Италија го поништи во средата дел од долго оспоруваниот изборен законик, меѓутоа поголемиот дел од изборниот систем остана на сила, со што се создава можноста за одржување на предвремени парламентарни избори веќе оваа година.

Уставниот суд ја отфрли идејата дека изборите на национално ниво може да се одржат во два круга, но прифати дека партијата којашто ќе освои најмалку 40 отсто од гласови автоматски го освојува парламентарното мнозинство.

Судот, исто така, донесе одлука дека изменетиот изборен законик може веднаш да се применува, доколку бидат распишани избори.

Парламентарните избори во Италија редовно треба да се одржат на почетокот од следната 2018 година, но сега поранешниот премиер Матео Ренци, кој сé уште е претседател на владејачката левоцентристичка Демократска партија, се залага, како и неговите десничарски противници, да се одржат што е поскоро можно.

По одлуката на уставните судии од средата, антиестаблишмент Движењето пет ѕвезди (М5S) кое инаку поединечно имаше најмногу пратеници во двата дома а го води познатиот сатиричар и блогер Бепе Грило, повика предвремените парламентарни избори да бидат распишани веднаш.

„Судот ни укажа што треба да правиме за на земјата да ѝ донесеме изборен законик кој е во согласност со Уставот, сега ние мораме да ги почитуваме одлуките на судот и да ги одржиме изборите“, објави на Facebook сенаторот од редовите на движењето, Никола Мора.

Идејата јавно беше поддржана и од неколку пратеници на водечките опозициски партии./крај/ммф/сн

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *