МАКФАКС

Лепен се жали дека е жртва на политичка кампања

Лепен се жали дека е жртва на политичка кампања
10.03.2017, 16:11

Кандидатката на француската крајна десница на претстојните претседателски избори, Марин Лепен, повторно во петокот оцени дека против неа се води приземна политичка кампања, на денот кога требаше да се појави на суд поради истрагата поради сомневањата дека наводно со пари на Европскиот парламент ги плаќала функционерите во својата партија.

 

„Некои сакаат да го инструментализираат правосудството за да влијаат врз претседателските избори, нема во тоа да учествувам, работите се јасни“, изјави Марин Лепен во разговорот за радиото France Bleu Berry.

„Јас сум жртва на политичката кампања којашто Европскиот парламент ја води веќе три години, И самата барав да се одреди истражен судија во овој случај пред повеќе од една година, тоа беше одбиено. Како случајно, ова се случува повторно пред самите претседателски избори“, истакна Лепен.

Првиот круг од француските претседателски избори се одржува на 23-ти април и сите досегашни анкети покажаа дека таа е водечка за влегување во вториот круг кој ќе се одржи на 7-ми мај, но дека ќе биде поразена од некој од противкандидатите поради вообичаеното коалицирање на конзервативците и левицата против крајната десница.

Сепак, во Париз и особено во Брисел стравуваат од можно изненадување на изборите, имајќи ги предвид неочекуваните за нив резултати од ланскиот референдум во Велика Британија за излегувањето од Европската унија, и победата на Доналд Трамп на американските претседателски избори.

Лепен во петокот беше повикана на суд во рамките на истрагата дека со парите на Европскиот парламент предвидена за асистентите на пратениците ги плаќала службениците во нејзината партија Национален фронт (FN). Покрај тоа, Европскиот парламент ѝ го укина пратеничкиот имуните бидејќи во декември 2015 година на Twitter објавила фотографии од милитантите на џихадистичката групација Исламска држава како убиваат луѓе.

И кандидатот на десниот центар и конзервативците Франсоа Фијон е обвинет во сличен скандал поради наводно фиктивното вработување на членови на своето семејство и, исто така, го обвинува естаблишментот дека се обидува политички да го елиминира, бидејќи во анкетите до крајот на јануари, пред избувнувањето на аферата, беше означен како конечен победник на претседателските избори.

Меѓутоа, Фијон одлучи да се појави пред судот идната среда, кој би можел да му го потврди обвинението./крај/мф/сн

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *