Холандија: Вилдерс нема да се појавува во јавноста поради безбедноста

Холандија: Вилдерс нема да се појавува во јавноста поради безбедноста

Холандскиот пратеник и претставник на крајната десница Геерт Вилдерс, чија партија е фаворит за освојување најмногу мандати на изборите на 15-ти март, во четвртокот објави дека ќе го сопре своето дејствување во јавноста до добивањето на резултатите од истрагата за полицаецот обвинет дека пренел информации за неговото движење кои би можеле да ја компромитираат неговата и безбедноста на неговите соработници и приврзаници.

 

„Станува збор за исклучително загрижувачка информација. Сé до добивањето на резултатите од истрагата, партијата го запира секое јавно дејствување“, наведе на Twitter Геерт Видлерс, кој е челник на европскептичната и антиисламска Слободарска партија (PVV).

Засега неименуван полициски службеник е уапсен во средата поради нарушување на службените тајни, соопшти претходно холандската полиција.

Тој е осомничен дека ѝ пренел информации за движењето на Вилдерс на една мароканска група којашто полицијата ја третира како криминална група. Тој агент бил во тимот задолжен за обезбедување на јавните простори пред доаѓањето на политичарите или членови на кралското семејство.

Холандскиот премиер Марк Руте се сретна со Геерт Вилдерс за да разговара за неговата безбедност. Шефот на холандската полиција за радиото BNR изјави дека безбедноста на Вилдерс никогаш не била доведена во прашање.

Поранешниот челник на холандската крајна десница, Пим Фортујин (Вилхемус Симон Петрус Фортујин) на 6-ти мај 2002 година, на 54-годишна возраст, беше убиен во градот Хилверсјум во текот на кампањата за парламентарните избори. Две години подоцна контроверзниот режисер Тео ван Гог беше убиен од исламски екстремист.

Видлерс, 53-годишен десничар, се истакнува со острите ставови против исламот. Во текот на официјалниот почетокот на кампањата минатата сабота во Спијкенисе, дел од етнички разноличната индустриска зона околу Ротердам, Видлерс порача дека „ќе го исчисти мароканското ѓубре од улиците“.

Геерт Вилдерс се надева дека на ваквата платформа ќе победи на парламентарните избори на 15-ти март. Оттаму, ветува забрана за доселувањето на муслиманите, затворање на сите џамии, забрана за продавање и подучување на Куранот и излегување на Холандија од Европската унија.

Според последните испитувања на јавното мнение пред парламентарните избори закажани за 15-ти март, партијата на Вилдерс има најмалку исти шанси за победа во однос на Либералната партија (VVD) на премиерот Руте.

Партијата на Вилдерс води во анкетите со 17 отсто. Но тоа е само незначително повеќе од поддршката за либералите на актуелниот премиер Марк Руте, чијшто рејтинг порасна токму копирајќи еден дел од неговата противдоселеничка реторика, и благодарејќи на економскиот раст.

Дури и доколку победи на изборите, тешко ќе биде Вилдерс да формирам влада, имајќи предвид дека повеќето големи партии не сакаат со него да коалицираат, сметајќи ги неговите политики за навредливи и дури неуставни. Имајќи ја предвид фрагментираноста на холандската политичка сцена, коалициска влада од четири или повеќе партии речиси е неизбежна./крај/мф/сн