Европа
Австрија во нов обид да избере претседател, се стравува од победа на крајната десница
Австријците гласаат во неделата на изборите во новиот обид да изберат претседател на државата, а доколку победи обеди кандидатот на Слободарската партија ќе стане првиот австриски претседател од крајната десница, но и во Европската унија.
Потпретседателот на австрискиот парламент, од Слободарската партија (FPOe), 45-годишниот Норберт Хофер, во неделата повторно му се спротиставува на либералниот еколог поранешен претседател на Зелените кој поради тактички причини настапува како независен кандидат, 72-годишниот Александер Ван дер Белен, а изборните резултати ќе бидат познати дури во понеделникот.
Повеќето избирачки места беа отворени во 7 часот, а се затвораат по 187 часот, по што ќе бидат познати првите процени. Приближно 6,4 милиони избирачи се повикани да излезат на избирачките места. Министерството за внатрешни работи објави дека резултатите ќе бидат објавени дури во понеделник, кога ќе се пребројат и гласовите од дописното гласање.
Иако улогата на шефот на австриската држава првенствено е протоколарна, изборот на Хофер во Европската унија се доживува како нова победа на крајната десница и популистите, шест месеци по референдумот по кој Велика Британија изгласа истапување од ЕУ и еден месец откако политичкиот естаблишмент во САД беше поразен со изборот на 8-ми ноември на Доналд Трамоп за нов американски претседател.
Во мај се чинеше дека ќе победи Ван дер Белен, а тоа беше првпат по Втората светска војна во вториот круг од претседателските избори да не влезат кандидати на етаблираните парти Народната партија (OeVP) и на социјалдемократите (SPOe), кои се и двете најголеми партии во земјата.
Аналитичарите велат дека дури и доколку десничарот Хофер загуби на овие избори, а левичарот Ван дер Белен победи, десниот популизам ќе доживее само привремен удар, а не пораз. Имено, партијата на Хофер – FPOe, веројатно ќе победи на следните парламентарни избори, а нејзиниот антиимгрантски став го преземаа и ткн „мејнстрим“ партии. Непознато е колкава ќе биде стапката на одѕив на гласачите, на 22-ри мај таа беше 72 отсто, по продолжената кампања во текот на која кандидати речиси 11 месеци се изложени во медиумите.
Денешните избори всушност се повторување на вториот круг од крајот на мај, кој Уставниот суд го поништи поради неправилности во пребројувањето на гласањето по пошта.
Поранешниот челник на австриските Зелени кој имаше големо заостанување по првиот изборен круг, Александер Ван дер Белен, на вториот круг на 24-ти мај тесно го победи Норберт Хофер од Слободарска партија FPОе, кој за малку пропушти да стане првиот претседател од крајната десница во Европа. Со 50,3 отсто од гласовите, откако во првиот круг освои 21,3 проценти, по пребројувањето на гласовите пристигнати по пошта, Ван дер Белен за 0,6 отсто, или 31.026 гласови, го победи Хофер кој освои 49,7 отсто, а во првиот круг имаше убедливо водство од 35,1 отсто од гласовите. По вложените жалби и испитување на сведоците, австрискиот Уставен суд нареди изборите да се повторат поради неправилности при броењето на гласовите./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Голем руски напад врз Украина, Полска ги подигна борбените авиони
Руските сили рано утринава ја напаѓаа инфраструктурата во областа Камјанск во близина на украинскиот град Днипро, при што е повредено најмалку едно лице, изјави регионалниот гувернер, додека медиумите во Суспилна објавија дека има експлозии и во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки.
„Непријателот ја нападна критичната инфраструктура во регионот. Главна цел на непријателот е нашиот народ и виталните места за населението“, напиша на Телеграм гувернерот на регионот Дњепропетровск, Серхиј Лисак.
Лисак не објасни за каков напад станува збор, но коментаторите на Телеграм известија за употребените проектили и експлозиите во областа. Исто така, наводно имало и прекин во снабдувањето со електрична енергија и вода.
Ројтерс не можеше независно да ги потврди извештаите од областа. Украинските медиуми јавуваат дека експлозии се слушнале и во Лавов, град на крајниот запад на Украина.
Медиумската куќа Суспилна објави за руски крстосувачки ракети во украинскиот воздушен простор и експлозии во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки и градот Днипро, додавајќи дека не е познато дали проектилите погодиле некоја цел.
Руските сили извршија големи напади врз објектите на енергетската инфраструктура во последните неколку недели, вклучувајќи го и масовниот напад на 22 март, кој Киев го опиша како најголем таков напад од инвазијата на московските сили во февруари 2022 година.
Оперативната команда на полските вооружени сили соопшти дека полските и сојузничките авиони биле активирани рано утринава откако Русија извршила ракетни напади врз Украина.
„Полските и сојузничките авиони летаат во полскиот воздушен простор, што може да резултира со зголемени нивоа на бучава, особено во југоисточниот дел на земјата“, објави командата на социјалната платформа „Икс“.
Југоисточниот дел на Полска се граничи со Украина, додаде Ројтерс.
Европа
Автобус повторно се преврте на автопат во Германија, патниците биле средношколци
Автобус со околу 60 патници се преврте вчера на автопатот А44 во западната германска покраина Северна Рајна Вестфалија, јавува дпа. Во сообраќајката се повредени над 20 лица, извести полицијата синоќа.
Да потсетиме, ден претходно слична несреќа се случи во Германија кога автобус на „Фликсбас“ се преврте на автопатот во близина на градот Лајпциг на истокот од земјата. Во таа несреќа загинаа четири лица, а над 20 се повредени.
Автобусот излетал од патот и се превртел на страна во близина на градот Верл, 100 километри источно од Дизелдорф. Целосно е затворен делот од 20 километри од автопатот А44 од излезот Уна Ост до Верл во правец на Касел. На местото на несреќата пристигнале полицајци, пожарникари и спасувачки хеликоптер.
Полицијата првично соопшти дека 21 лице е полесно повредено, а едно е тешко. Подоцна, тие ја ревидираат бројката на 20 полесно повредени и еден тешко повреден. Портпаролот на полицијата изјави дека автобусот превезувал ученици од стручно училиште во Варбург кои се враќале од патување во Англија.
Се уште не е јасна причината за несреќата. Полицијата соопшти дека никој не е во животна опасност и дека во несреќата не учествувале други возила. Несреќата се случи само еден ден откако четири лица загинаа во автобуска несреќа во близина на Лајпциг во источна Германија.
Европа
Украина се обидува да ја убеди Индија да застане на страната на Киев, а не на Москва
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ја повика Индија да застане со Киев, велејќи дека блиските врски на Индија со Русија се засноваат на избледеното советско наследство, објави денеска Фајненшл тајмс.
Кулеба вчера пристигна во Њу Делхи со цел да ги зајакне врските со Индија, како и да ја промовира визијата на Киев за пат кон мирот во Украина.
Според Ројтерс, Индија традиционално има блиски економски и одбранбени врски со Москва и се воздржува да ја критикува Русија поради нејзината инвазија на Украина. Згора на тоа, купувањето на руска нафта од Индија е на рекордно ниво во последно време.
Кулеба рече дека Индија има многу да добие од проширувањето на трговските и технолошките врски со Украина, поставувајќи го прашањето за улогата на индиските компании во повоената обнова на Украина.
Украина сака да ја „врати трговијата“ со Индија, во форма на извоз на земјоделски производи како што е сончогледовото масло, а самата сака да купи повеќе индиски стоки. „Ние сме заинтересирани да увеземе дел од тешката машинерија што ја произведува Индија“, рече Кулеба.
Украина се надева дека во наредните месеци ќе одржи самит на светските лидери без учество на Русија, со цел да го промовира и зајакне својот план за мир, кој меѓу другото повикува на повлекување на руските трупи од нејзината територија.
Русија ја отфрли таа украинска дипломатска иницијатива.