Европа
Британската влада против нов шкотски референдум
Британската влада не мисли дека би требало повторно да биде организиран референдум за независност на Шкотска, соопшти во средата портпаролот на британската премиерка Тереза Меј.
Мнозинството Шкоти, со 62 отсто, го поддржаа останувањето на Обединетото Кралство во Европската унија на британскиот референдум од 23-ти јуни 2016 година, како и гласачите во Северна Ирска, но надвладеаја гласањето за Брегзитот во Англија и во Велс, каде што има и повеќе избирачи.
На тоа, владејачката Шкотска национална партија (SNP) на шкотската премиерка Никола Старџен, која освои 56 од 59 места кои ѝ припаѓаат на Шкотска на парламентарните избори во Велика Британија, а беше поразена на контроверзниот референдум за самоопределување во 2014 година, кога 55,3 отсто од Шкотите во цела Велика Британија гласаа за останување во Кралството, објави дека ќе бара ново гласање по тоа прашање поради изменетите услови. Старџен веќе неколкупати се закани со организирање нов плебисцит за шкотска независност, доколку бидат игнорирани ставовите на Шкотска кон Брегзитот.
Весникот Courier од шкотскиот град Данди објави дека британската премиерка Тереза Меј верува дека шкотската колешка по должност Никола Старџен во рок од две седмици би можела да побара нов референдум за независност. Во написот на шкотскиот дневен весник се тврди дека Меј работи на стратегијата за да се спречи вториот шкотски референдум за независност, кој најверојатно сега би успеал.
Одговарајќи на прашање за овој напис, портпаролот на Меј одговори: „Не веруваме дека би требало да се одржи втор референдум. Референдумот е одржан. Беше јасен, конечен и легитимен Двете страни се согласија дека ќе ги прифатат резултатите од референдумот“, пренесе BBC.
А шкотскиот парламент во вторникот со големо мнозинство го отфрли планот на британската влада со кој се овластува премиерката Тереза Меј да ги започне процесот на излегување на Обединетото Кралство од Европската унија, што сепак е само симболичен и необврзувачки чин. Ова изјаснување на шкотските парламентарци со 90 гласови „за“ и 34 “против’ отфрлањето на плановите на владата во Лондон нема никаква правна тежина. Британскиот Врховен суд одлучи во јануари дека само сојузниот парламент може да се консултира во врска со покренувањето на процесот за излегување од ЕУ, но не и регионалните парламенти.
Шкотска мора да има можност да прогласи независност од Обединетото Кралство ако нејзините барања во поглед на Брегзит бидат отфрлени, рече пред три седмици Никола Старџен. Таа оцени дека планот излезот од ЕУ што британската премиерка Тереза Меј го изнесе е „економски катастрофален“ за Обединетото Кралство и истакна дека Шкотска не гласаше за тоа./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц: Војната во Украина може да трае уште неколку години
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека верува оти војната во Украина може да се пролонгира уште неколку години.
„Никој не може да каже дали оваа војна ќе трае можеби пет години“, рече Шолц вечерва во источниот германски град Кемниц.
Тој ја бранеше германската воена помош за Украина и додаде дека заедно со неа мора да се негува и дипломатијата.
„Меѓутоа, од почетокот на војната, рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци на движење напред“, рече тој.
„Диктиран мир е неприфатлив. Не смее да се дозволи да се извлече со ова“, додаде германскиот канцелар.
Европа
Лавров: Москва се уште инсистира на вистинска руска Украина
По повеќе од две години интензивна војна во Украина, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска го потврди тврдењето на Москва дека полага право да владее над соседната земја.
„Во најдобар случај, иднината на западна Украина е непозната“, рече Лавров во интервјуто во Москва за неколку руски телевизиски станици.
„Во спротивно ќе има само Украина која е навистина руска, која сака да биде дел од рускиот свет, која сака да зборува руски и да ги образува своите деца“, рече тој.
Не станува збор за каква било алтернатива, смета Лавров, кој е министер за надворешни работи од 2004 година и е лојален поддржувач и доверлив човек на претседателот Владимир Путин.
Русија не сака да ги напаѓа земјите на НАТО, како што се тврди на Запад за да ги исплаши гласачите, рече Лавров. „Но, ако сакаат да го донесат НАТО до нашите граници, тогаш секако дека ќе знаеме како да го спречиме тоа во Украина“, рече тој.
Како и другите високи членови на руското раководство, Лавров рече дека Русија е подготвена за преговори со Украина, но само под посебни услови.
Нема да има прекин на огнот за време на можните преговори, разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски се бесмислени, а Киев мора да се откаже од својата формула за мир, рече тој.
Во есента 2022 година, Зеленски презентираше десет точки за мир, меѓу кои се издвојуваат повлекувањето на руската армија, реконструкцијата и компензацијата и гонењето на воените злосторници.
Европа
Генералниот секретар на НАТО и вети на Украина дополнителни системи за воздушна одбрана
Сојузниците на НАТО се согласија да обезбедат дополнителни системи за противвоздушна одбрана во Киев, изјави шефот на НАТО Јенс Столтенберг по специјалната средба на министрите за одбрана на сојузниците со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Покрај „Патриот“, има и други оружја што сојузниците можат да ги обезбедат, вклучувајќи го и SAMP/T (францускиот систем), а многу други кои немаат достапни системи ветија дека ќе обезбедат финансиска поддршка за нивните набавки за Украина“, изјави Столтенберг за новинарите во Брисел.
Зеленски го побара состанокот бидејќи неговата земја се соочува со недостиг на муниција и задржување на клучните американски финансирања, што со месеци е блокирано од републиканците во Конгресот, додека ЕУ не успева да испорача муниција навреме.
Тој во петокот им рече на членките на НАТО дека на Украина и се потребни најмалку седум системи за воздушна одбрана „Патриот“ или други напредни системи за воздушна одбрана за да се спротивстави на руските воздушни напади, повикувајќи ги да ја засилат воената помош за Киев.
Во емотивниот говор преку видео врска, украинскиот лидер го опиша сегашното ниво на странска помош како „многу ограничено“ и рече дека Израел не бил оставен на себе за време на масовниот ирански воздушен напад во саботата.
„(Рускиот претседател Владимир) Путин мора да биде симнат на земјата, а нашето небо мора повторно да стане безбедно… И тоа целосно зависи од вашиот избор… (од) изборот дали сме навистина сојузници“, рече Зеленски во неговиот говор.