Европа
Варшава ги отфрла критиките од Брисел поради Уставниот суд
Полска, членката на Европската унија на којашто Брисел ѝ се заканува со санкции какви што досега не се видени во блокот поради нејзината реформа на Уставниот суд која ја оценува како спорна, ја одби критиката и оцени дека спорот е решен.
Полската конзервативна влада предводена од партијата Правда и справедливост (PiS), во својот одговор кој во понеделникот го испратила до Европската комисија, уште еднаш „изјавите за системската закана за владеењето на правото во Полска ги оценува како неосновани“.
Според мислењето на Варшава, законите кои неодамна ги донесе мнозинството во парламентот, а опозицијата ги оцени како неуставни, „одговараат на европските стандарди“ и „водат сметка за целата низа препораки од Венецијанската комисија“, тело на Советот на Европа. „Така што прашањето на работењето на Уставниот суд е решено во целост и конечно“, се наведува во текстот на полската влада.
Полската влада во истото писмо го обвинува потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс, дека „го политизира случајот“ и дека „ги повикува другите членки на ЕУ да создадат единствен фронт со ЕК насочен против Полска“. Притоа официјална Варшава „го повикува потпретседателот на ЕК да престане со таквото дејствување“,
Спорната реформа на Уставниот суд од пред една година поттикна политичка криза и улични протести во Полска, но владата на премиерката Беата Шилдо има стабилно мнозинство и голема поддршка со која надмоќно победи на изборите кон крајот на 2015 година.
Варшава и Брисел преговараат во врска со реформата на полскиот Уставен суд започнаа уште во мај 2016 година, со цел Варшава да не добие опомена поради состојбата на владеењето на правото во државата
„Сé додека полскиот Уставен суд е спречуван во спроведувањето на вистинската уставна контрола, нема да може ефикасно да надгледува дали законските акти одговараат на основните права“, истакнаа ланскиот мај од ЕК.
Полската премиерка Беата Шидло тогаш остро возврати, истакнувајќи дека нејзината влада „никогаш нема да попушти пред уцените“. Полскиот парламент, пак, ја повика владата „да се спротистави на секое делување насочено против државниот суверенитет“.
Европската комисија на 13-ти јануари годинава покрена дијалог со полските власти откако тамошната опозиција обвини дека новата конзервативна влада, меѓу другото, го изменила законот за Уставниот суд, што довело до негово парализирање.
Дијалогот е покренат во склоп на рамката за заштита на владеењето на правото кое може да доведе до активирање на членот 7 од договорот за ЕУ, кој предвидува суспендирање на правот на глас на држава членка која не го почитува основните начела и вредности на ЕУ, а што досега ниеднаш не е употребено. Тој механизам ЕК го усвои во март 2014 година, по критиките дека несоодветно реагирала на „заканите за демократските стандарди“ во Унгарија.
Ова е првпат овој механизам да биде покренат, а се состои од три чекора: процена на ЕК, потоа препорака на ЕК до земјата членка да го исправи она што не е во согласност со европското законодавство и одговорот на таа држава. Доколку се утврдат недостатоци и таа земја членка се согласи тоа да го исправи, постапката се прекинува, а во спротивно Комисијата може да предложи активирање на членот 7.
Варшава имаше време две седмици да одговори на мислењето на Комисијата, а потоа треба да работи со Брисел на решавање на проблемот на кои е предупредена. Доколку тоа не се случи во „разумен рок“, ЕК може да ѝ испрати препорака со формален рок до кој тоа би требало да го стори, доколку сака да го избегне покренување и постапка на активирање на членот 7.
Конзервативна влада во Варшава во декември 2015 година го измени законот според кој Уставниот суд од петнаесет членови сега мора да ги носи одлуките со двотретинско мнозинство од гласовите и со најмалку тринаесет судии присутни на седницата, наместо досегашните девет. Опозицијата критикува дека сега партијата PiS може лесно да ја блокира секоjа одлука на судот која е спротивна на партискиот став и оти го пременила редоследот на предметите за разгледување. Во ова партија, пак, тврдат дека законот воведува ред во Уставниот суд и ги отстранува пречките за спроведување на изборните ветувања.
Полскиот уставен суд тогаш веднаш оцени дека главните одредби од новиот закон за нивната работа, која ги усвои конзервативното парламентарно мнозинство, содржат бројни неправилности и причина за сериозна правна криза во Полска, а членовите на конзервативната влада веднаш предупредија дека нема да ја признаат одлуката на судот, бидејќи според нив е донесена спротивно од новиот закон за уставниот суд. Предупредија, исто така, дека нема да ја објават во службениот весник. Одлуката на владата е во спротивност со ставот на Европската унија, која е критична кон споменатите реформи./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.
Европа
Нова корупциска афера во Украина, осомничен министер за земјоделство
Украинската антикорупциска полиција го именуваше министерот за земјоделство Микола Солски како осомничен во кривичната истрага за незаконско стекнување на државно земјиште во вредност од седум милиони долари.
Солски, кој го надгледува производството на жито во Украина за време на војната од март 2022 година, рече дека не разбира зошто сега се појавија наводите поврзани со настаните од 2017 и 2018 година.
„Не се согласувам со обвинувањата“, им рече тој на новинарите во Киев откако Украинското национално биро за борба против корупцијата објави соопштение со резултатите од истрагата.
Канцеларијата соопшти дека министерот го предводел планот за стекнување на државно земјиште во вредност од околу 6,9 милиони евра и обид да се стекне земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски е првиот министер во владата на претседателот Володимир Зеленски кој е осомничен во корупциски скандал.
Зеленски се обидува да спроведе стапка на нулта толеранција за корупција, а минатата година го отпушти министерот за одбрана поради обвинувања за примање мито поврзани со одбранбената индустрија.
Законодавците изминативе денови порачаа дека очекуваат реконструкција на Владата, секако до крајот на пролетта.
Европа
Русија: Ќе ги таргетираме украинските магацини во кои се доставува западното оружје
Русија ќе ги интензивира нападите врз украинските бази за складирање во кои е сместено оружјето доставено од Запад, изјави денеска министерот за одбрана, Сергеј Шојгу, а Соединетите Држави се подготвуваат да одобрат и достават долго одложувана нова воена помош.
Шојгу рече дека Русија „го отфрли митот за супериорноста на западното оружје“ и дека нејзините сили презеле иницијатива на фронтот долг 1.000 километри.
Тој алудира на фактот дека в сабота, по гласањето во Претставничкиот дом, Вашингтон е подготвен да достави нов пакет воена помош за Украина, вреден речиси 61 милијарда долари.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев набргу ќе добие повеќе ракетни системи со долг дострел ATACMS како дел од ветениот пакет. Американските власти рекоа дека помошта ќе вклучува испорака на муниција и пресретнувачи за системи за противвоздушна одбрана за Украина.
„Со оглед на заканите од САД и нивните сојузници, ние мора да продолжиме да ги подобруваме составот и структурата на вооружените сили и да го зголемиме производството на најпопуларното оружје и воена опрема“, рече Шојгу додавајќи дека руските сили „ќе го зголемат интензитетот на нападите врз логистичките центри и базите за складирање на западното оружје“.
Рускиот министер за одбрана повтори дека Русија овој месец ги освоила селата Первомајске, Бохданивка и Новомихајливка.
Во понеделникот украинскиот командант го негира падот на Новомихајливка велејќи дека неговите војници сè уште држат 15- 20 отсто од селото.
Руското Министерство за одбрана објави дека руските маринци, кои учествувале во заземањето на Новомихајливка, заробиле оружје од западно производство, вклучувајќи шведски фрлачи на гранати, американски противоклопни системи Javelin и системи за електронско војување на НАТО.