Европа
Силите на НАТО се истоварија во Литванија за поддршка на одбраната на границата кон Русија
Германија и НАТО ја потврдија во вторникот својата определба за јакнење на одбраната на источните граници на Европската унија со Русија, откако првиот од четирите баталјони на Алијансата се истовари во Литванија.
Оваа операција беше договорена минатата година, во времето на поранешниот американски претседател Барак Обама чијашто администрација имаше извонредно остар став кон Русија обвинувајќи ја за наводна нејзина агресивност кон соседите. НАТО со ваквите потези го засилува своето присуство на европскиот континент кое не е забележано од крајот на Студената војна, обвинувајќи ја Москва за нејзина вмешаност во украинската криза, на што руската страна одговара дека провокацијата е од страната на Алијансата за барање одговор за приближување до руските граници со што се нарушува договорот од 1990-те години.
На баталјонот со којшто командува Германија во Литванија во текот на годинава ќе му се придружи и американската единица во Полска, британската во Естонија и силите кои ги предводи Канада во Латвија.
По победата на Доналд Трмап на американските претседателски избори, европските партнери стравуваат во предаденоста на САД на НАТО, бидејќи новиот американски претседател жестоко ги критикуваше велејќи дека сојузот не е ефикасен кога во него вложуваат само Соединетите држави, и побара од сојузниците да вложуваат во сопствената одбрана според договореното.
Германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лејен истакна дека во телефонски разговор со американскиот министер за одбрана Џејмс Матис повторно била уверувана во американската лојалност кон НАТО. Дер Лејен и Матис првпат ќе се сретнат во петок во Вашингтон.
„По нашиот разговор нема сомневања за неговото длабоко уверување за важноста на НАТО и доследноста на Американците на она што е договорено во овој сојуз“, истакна министерката дер Лејен во текот на церемонијата на пристигнувањето на силите на Алијансата во воената база Рукла, на само 100 километри од границата со Русија, пренесува Reuters.
Литванската претседателка Далиа Грубаусаите истана дека германската бригада пристигнала „на вистинското место во вистинско време“, додавајќи дека се надева дека таа ќе остане во мир.
Трамп во телефонскиот разговор со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во неделата, ја прифати поканата за средба со европските челници во мај.
Неименуван функционер на НАТО за Reuters открил дека силите на сојузот во јуни ќе учествуваат во „голема воена акција во источна Европа“. Друг функционер, кој исто така, барал да остане анонимен, најавил дека таа ќе вклучува и симулација од нуклеарен напад.
НАТО не ги одреди роковите до кога новите контингенти, во кои предничат американските, ќе останат во источна Европа, главно во земјите кои граничат со Русија. Тие ќе ротираат на секои шест месеци, делумно и затоа за да го одржат договорот меѓу НАТО и Русија од 1997 година дека ќе се избегнува „трајното стационирање на значителни воени сили“ во централна и во источна Европа./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.
Европа
Нова корупциска афера во Украина, осомничен министер за земјоделство
Украинската антикорупциска полиција го именуваше министерот за земјоделство Микола Солски како осомничен во кривичната истрага за незаконско стекнување на државно земјиште во вредност од седум милиони долари.
Солски, кој го надгледува производството на жито во Украина за време на војната од март 2022 година, рече дека не разбира зошто сега се појавија наводите поврзани со настаните од 2017 и 2018 година.
„Не се согласувам со обвинувањата“, им рече тој на новинарите во Киев откако Украинското национално биро за борба против корупцијата објави соопштение со резултатите од истрагата.
Канцеларијата соопшти дека министерот го предводел планот за стекнување на државно земјиште во вредност од околу 6,9 милиони евра и обид да се стекне земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски е првиот министер во владата на претседателот Володимир Зеленски кој е осомничен во корупциски скандал.
Зеленски се обидува да спроведе стапка на нулта толеранција за корупција, а минатата година го отпушти министерот за одбрана поради обвинувања за примање мито поврзани со одбранбената индустрија.
Законодавците изминативе денови порачаа дека очекуваат реконструкција на Владата, секако до крајот на пролетта.