Европа
Француските конзервативци ќе предложат нов кандидат, Фијон ќе ѝ се обрати на јавноста
Француските конзервативни водечки политичари ќе предложат алтернатива за контроверзниот поранешен премиер Франсо Фијон, соопшти во неделата извор од партијата Републиканци, сугерирајќи дека тоа би можел да биде Ален Жипе, додека Фијон во текот на вечерта ќе се појави на телевизија откако претходно го откажа настапот на радио каде што требаше да зборува за својата кандидатура.
„Во текот на следните неколку часови ќе предложиме алтернатива. Најдобар избор е личноста којашто беше втора на партиските предизбори, Ален Жипе“, рекол Кристијан Есртози, поранешен близок сојузник на поранешниот претседател Николас Саркози во чијашто влада премиер беше Франсоа Фијон.
Агенцијата AFP објави дека уште во саботата вечерта поранешниот премиер Ален Жипе и поранешниот претседател Николас Саркози разговарале за можното излезно решение од кризната ситуација со кандидатурата на Франсоа Фијон. За агенцијата извори блиски на Саркози само ја потврдиле средбата на двајцата конзервативни лидери.
Ветеран меѓу конзервативните челници, 71-годишниот Ален Жипе, поранешен шеф на француската дипломатија, имаше обид да се кандидира на претседателските избори во 2012 година, но тогаш беше условено доколку се повлече дотогашниот шеф на Републиката и на тогашната партија UMP, Николас Саркози.
Сегашен градоначалник на Бордо и поранешен премиер во владата на претседателот Жак Ширак кој загуби во вториот круг од партиските предизбори во кој директно се соочи со Фијон, Жипе изјави дека ваквата варијанта ќе ја земе предвид само доколку Фијон самиот се повлече, а партијата му даде едногласна поддршка.
Телевизијата France 2 најави дека Фијон ќе се појави во вечерните часови. „Сака да им се обрати на Французите“, изјави за Reuters функционер од неговиот изборен штаб. Томас Сото, водител на радиото Europe 1 претходно во неделата на Twitter објави дека поранешниот премиер го откажал гостувањето во програмата.
Фијон, кој во саботата наполни 63 години, важеше за фаворит до крајот на јануари кога започна истрагата за неговата наводна злоупотреба на средства на даночните обврзници и објавите на весникот Le Canard Enchaine дека на својата сопруга Пенелопа ѝ исплатил 500.000 евра за работа којашто не ја вршела, обвинувања коишто тој ги отфрли.
Во четвртокот вечерта полицијата изврши претрес на неговиот дом во Париз, а најверојатно ќе биде обвинет во афера за фиктивни вработувања и трошење буџетски средства, поради што неговата кампања влезе во сериозна криза.
Меѓутоа, пред предизборниот собир во неделата во Париз, Фијонт не ја загуби самодовербата. „Ќе ја покажеме моќта на волјата на народот. Бидете цврсти! Франција ја заслужува нашата храброст“, напиша Фијон на Twitter.
Во Париз подоцна попладнето во недела ќе се одржи собир на неговите приврзаници, а успехот или неуспехот на собирот ќе покаже каков е неговиот капацитет да ја мобилизира поддршката на гласачите. Многу политички аналитичари сметаат дека парискиот собир кој ќе се одржи во близина на Ајфеловата кула е последната проверка а популарноста на Фијон.
Весникот Le Journal du Dimanche ги објави резултатите од најновата анкета според коишто повеќе од две третини од француските гласачи сакаат Фијон да ја повлече претседателската кандидатура./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Бремена жена дошла на редовен преглед, лекарите по грешка ѝ направиле абортус во болница во Прага
Во трагичен инцидент претходно оваа недела во Универзитетската болница „Буловка“ во Прага 8 дошло до забуна кај лекарите за две жени што не биле од Прага, а тоа резултирало со абортус на бремена жена без нејзино знаење или желба, пренесуваат тамошните медиуми.
Здравствениот експерт вели дека, освен големата негрижа од страна на персоналот, за шокантниот настан придонела и јазичната бариера.
Кобната грешка се случила на 25 март, јавуваат чешките медиуми. Имено, една трудница дошла во болница на редовен преглед на бременоста. Меѓутоа, медицинските сестри, лекарите, гинеколозите и анестезиолозите ја помешале со друга трудница, која имала закажана киретажа (метод на абортус).
Така, бремената мајка била ставена под општа анестезија и лекарите по грешка ѝ направиле абортус.
„Министерството за здравство изразува најдлабоко жалење до пациентот и целото семејство“, рече портпаролот на Министерството, Онџеј Јакоб, во соопштението за печатот во четвртокот.
„Имаше неопростлива човечка грешка, а одговорните се разрешени“, додаде тој.
Од самата болница за информативниот портал „Новинки.чз“ изјавија дека се подготвени да платат отштета.
Според чешките медиуми, и двете пациентки биле странски државјанки, кои живееле во Чешка.
Официјалните лица не објавија никакви информации за идентитетот на жените.
Европа
Голем руски напад врз Украина, Полска ги подигна борбените авиони
Руските сили рано утринава ја напаѓаа инфраструктурата во областа Камјанск во близина на украинскиот град Днипро, при што е повредено најмалку едно лице, изјави регионалниот гувернер, додека медиумите во Суспилна објавија дека има експлозии и во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки.
„Непријателот ја нападна критичната инфраструктура во регионот. Главна цел на непријателот е нашиот народ и виталните места за населението“, напиша на Телеграм гувернерот на регионот Дњепропетровск, Серхиј Лисак.
Лисак не објасни за каков напад станува збор, но коментаторите на Телеграм известија за употребените проектили и експлозиите во областа. Исто така, наводно имало и прекин во снабдувањето со електрична енергија и вода.
Ројтерс не можеше независно да ги потврди извештаите од областа. Украинските медиуми јавуваат дека експлозии се слушнале и во Лавов, град на крајниот запад на Украина.
Медиумската куќа Суспилна објави за руски крстосувачки ракети во украинскиот воздушен простор и експлозии во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки и градот Днипро, додавајќи дека не е познато дали проектилите погодиле некоја цел.
Руските сили извршија големи напади врз објектите на енергетската инфраструктура во последните неколку недели, вклучувајќи го и масовниот напад на 22 март, кој Киев го опиша како најголем таков напад од инвазијата на московските сили во февруари 2022 година.
Оперативната команда на полските вооружени сили соопшти дека полските и сојузничките авиони биле активирани рано утринава откако Русија извршила ракетни напади врз Украина.
„Полските и сојузничките авиони летаат во полскиот воздушен простор, што може да резултира со зголемени нивоа на бучава, особено во југоисточниот дел на земјата“, објави командата на социјалната платформа „Икс“.
Југоисточниот дел на Полска се граничи со Украина, додаде Ројтерс.
Европа
Автобус повторно се преврте на автопат во Германија, патниците биле средношколци
Автобус со околу 60 патници се преврте вчера на автопатот А44 во западната германска покраина Северна Рајна Вестфалија, јавува дпа. Во сообраќајката се повредени над 20 лица, извести полицијата синоќа.
Да потсетиме, ден претходно слична несреќа се случи во Германија кога автобус на „Фликсбас“ се преврте на автопатот во близина на градот Лајпциг на истокот од земјата. Во таа несреќа загинаа четири лица, а над 20 се повредени.
Автобусот излетал од патот и се превртел на страна во близина на градот Верл, 100 километри источно од Дизелдорф. Целосно е затворен делот од 20 километри од автопатот А44 од излезот Уна Ост до Верл во правец на Касел. На местото на несреќата пристигнале полицајци, пожарникари и спасувачки хеликоптер.
Полицијата првично соопшти дека 21 лице е полесно повредено, а едно е тешко. Подоцна, тие ја ревидираат бројката на 20 полесно повредени и еден тешко повреден. Портпаролот на полицијата изјави дека автобусот превезувал ученици од стручно училиште во Варбург кои се враќале од патување во Англија.
Се уште не е јасна причината за несреќата. Полицијата соопшти дека никој не е во животна опасност и дека во несреќата не учествувале други возила. Несреќата се случи само еден ден откако четири лица загинаа во автобуска несреќа во близина на Лајпциг во источна Германија.