Европа
Јункер ќе ја промовира идејата за ЕУ „во различни брзини“
Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер изјави во четвртокот вечерта дека Европската унија (ЕУ) би требало да им олесни на своите членки да ги продлабочат своите интеграции во некои области без тоа да се очекува од сите држави.
Извршниот челник на Европската унија, како претседател на Европската комисија, долгогодишниот поранешен луксембуршки премиер и челник на еврогрупата, Жан-Клод Јункер, своите предлози ќе ги изнесе во документот кој ќе го објави следната седмица, откри во говорот пред белгиските студенти во градот Ловен-ла-Нев.
Идејата за ЕУ во „повеќе брзини“ веќе долго време е предмет на жестоки расправи. Откако Велика Британија на 23-ти јуни 2016 година преку референдум одлучи да истапи од Европската унија, некои влади изразија намери за продлабочување на поделениот суверенитет, за ЕУ да стане поефикасна, додека другите тврдат дека британското излегување и растот на популарноста на националистичките партии ширум ЕУ докажува дека на Европејците не им се допаѓа таа идеја.
„Ова веќе не е време во коешто можеме да замислиме дека сите заедно ја правиме истата работа. Нели би требало да биде така што оние кои сакаат забрзано да одат напред да можат да го сторат тоа без да ги вознемируваат другите, така што ќе создадат поструктурирана рамка, која е отворена за сите? Тоа ќе го аргументирам следните денови“, изјави Јункер.
Германската канцеларка Ангела Меркел пред три седмици го изнесе предвидувањето за Европската унија „во различни брзини“, што ги одушеви италијанските организатори на самитот во Рим каде што на 25-ти март ќе биде одбележан зародишот на идејата за обединетата Европа. Меѓутоа, другите членки, претежно посиромашните поранешни комунистички земји од централните и источните делови на континентот, стравуваат дека таа идеја ќе внесе поделби и дека таа ќе претставува ризик за нивното зголемување.
Некои тврдат дека сегашните правила на ЕУ веќе овозможуваат засилена соработка меѓу некои држави. Пример за тоа е еврозоната во којашто учествуваат 19 од моментално 28-те членки, но постојат и други. Јункер истакна дека една од областа во којашто членките сакаат да ја забрзаат соработката е заедничката одбрана./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.