Европа
Австриската полиција на жените ќе им подели 6.000 рачни аларми
Австриската полиција во пресрет на новогодишните празници планира на граѓаните, во прв ред на жените, да подели околу шест илјади рачни сигнализатори за спречување на евентуални сексуални напади, соопшти во вторникот министерството за внатрешни работи.
„Станува збор за операција на национално ниво, којашто се спроведува по повод празнувањата на крајот од годината и е насочена првенството за заштита на жените“, се наведува во изјавата на портпаролот на австриското министерство за внатрешни работи Карл-Хајнц Хрјундбек, кого го цитира агенцијата AFP.
Алармите чијашто цена е 3,5 евра по парче, ќе бидат делени бесплатно. При активирање на уредот испушта продорен звук, со цел да го заплаши потенцијалниот напаѓач и да испрати предупредување.
Традиционално стапувањето на Новата година на улиците низ градовите ширум Австрија го празнуваат илјадници локални жители и туристи. Австриските власти ги засилуваат безбедносните мерки во текот на празничните денови, како и поради понеделничкиот напад на божикниот базар во Берлин, така и поради минатогодишните настани од прославата на Нова година во соседна Германија.
Ноќта кон 1-ви јануари 2016 година врз илјадници жени во центарот на германскиот град Келн беа извршени масовни напади од страна на бегалци и доселеници, главно од северноафриканските и блискоисточните земји. Полицијата само во Келн доби повеќе од 700 пријави за сексуални напади и две силувања, а стотици слични случаи беа пријавени и во другите германски градови, како Хамбург, Штутгарт, Берлин, Франкфурт. Такви случаи, во помал обем, беа пријавени и во Шведска, Финска, Австрија, Швајцарија и други западноевропски земји./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Во недела голем тест за Ердоган: ќе успее ли „султанот на Турција“ повторно да ја освои власта во Истанбул и Анкара
Во недела во Турција ќе се одржат општински избори, а во оваа прилика партијата на претседателот Реџеп Таип Ердоган (АКП) ќе се обиде да ја врати контролата врз Истанбул и Анкара, градови кои гласаа против АКП во 2019 година.
Аналитичарите тврдат дека овие избори ќе бидат мерка за поддршка на Ердоган на национално ниво, но и за силата на опозицијата, особено на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу. Според Ројтерс, се очекува тесна трка за градот Босфор, кој е дом на повеќе од 16 милиони луѓе и придонесува повеќе од една четвртина од националниот БДП.
На последното локално гласање во 2019 година, главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) го изненади Ердоган кога преовлада во Истанбул и Анкара, ставајќи крај на повеќе од две децении владеење на АКП и нејзините исламистички претходници.
Главниот противник на актуелниот градоначалник на Истанбул, пратеникот на ЦХП, Имамоглу е членот на АКП, Мурат Курум, поранешен министер во кабинетот, додека анкетите покажуваат мала предност за Имамоглу. Анкетите велат дека актуелниот градоначалник на Анкара, Мансур Јавас, е далеку пред противникот на АКП, Тургут Алтинок, поранешен претседател на општина во тој град.
Речиси 11 милиони луѓе имаат право на глас во Истанбул, според Врховниот изборен совет. Излезноста на општите и локалните избори е многу висока во Турција, близу 90 проценти. Минатиот мај, Ердоган беше реизбран за претседател и неговата алијанса освои мнозинство во парламентот на тесни општи избори, резултат што, според Ројтерс, ја поделил и деморализирал алијансата ЦХП и другите опозициски партии.
Буџетот на Истанбул е многу поголем од сите други 80 градови во земјата со 516 милијарди лири (16,05 милијарди долари) во 2024 година вклучувајќи ги и нејзините подружници, додека буџетот за главниот град Анкара, од друга страна, е 92 милијарди лири.
Освен во Истанбул и Анкара, резултатите се очекува да бидат блиски и во градовите Бурса, Адана и Анталија. Во недела, Турција ќе гласа и во другите 79 провинции во земјата, за лидери и окружни шефови на провинции, окружни совети и локални администратори.
Европа
Силен земјотрес во Италија, почувствуван и во Словенија и Хрватска
Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC) соопшти дека вечерва во 22 часот и 20 минути, северниот дел на Италија е погоден од земјотрес со јачина од 5,0 степени според Рихтеровата скала.
Епицентарот на земјотресот бил на 13 километри од градот Толмецо.
Според првите податоци, земјотресот се случил на длабочина од 10 километри.
Се почувствува и во соседните земји, вклучително и Словенија и дел од Хрватска, пишуваат хрватските медиуми.
Европа
Бројот на жртвите во терористичкиот напад во Москва се искачи на 143
Руското Министерство за вонредни ситуации денеска соопшти дека бројот на загинати во терористичкиот напад на Crocus City Hall во предградието на Москва се искачи на 143.
Како што соопшти претходно денеска Рускиот истражен комитет, веќе се идентификувани телата на 84 жртви. Меѓу нив има пет деца на возраст од девет до 16 години.
Нападот на концертната сала Crocus City Hall во Красногорск кај Москва се случи во петокот вечерта, кога неколку вооружени терористи во маскирни униформи влегоа во објектот и отворија оган врз присутните.
Тие активирале експлозивни направи на повеќе места, што предизвикало пожар, поради што се урнал покривот, а концертната сала целосно изгорела.