Европа
Баварската партија се надева дека ќе профитира од шкотскиот референдум
Германската влада во понеделникот ги отфрли тврдењата дека богатиот јужен регион на Баварија би го следел примерот на Шкотска, доколку земјата одлучи да се оддели од Велика Британија подоцна оваа недела, пишува Euractiv.
Локалната Баварска партија веќе со децении бара независност од Германија и порачала дека доколку Шкотска одлучи да стане независна, тоа би значело и поддршка за идеите на оваа германска партија.
„Сметам дека оваа идеја е апсурдна“, изјавил портпаролот на германската канцеларка Ангела Меркел, Стефан Сајберт, пренесуваат тамошните медиуми.
Последните анкети покажале дека исходот од шкотскиот референдум е неизвесен, и дека перспективата на распањето на унијата меѓу Англија, Шкотска, Велс и Северна Ирска, стара 307 години, би можела да ги отвори апетитите на многу региони низ Европа – од Каталонија до Фландрија.
Во своите најдобри времиња во 50-тите години од минатите век, Баварската партија освоила речиси 18 отсто од баварските гласови, но во локалниот парламент немала свој преставник уште од 1966-та година. Минатата година партијата освои 2,1 процента на локалните избори, а нејзините барања не се на агендата на владејачката Христијанско социјална унија (CSU).
„Баварската партија им посакува на нашите шкотски пријатели, победа на референдумот. Она што е значајно, е тоа што независна Шкотска би била повеќе поврзана со своите граѓани и би придонела за динамика во демократијата. ’Да’ на референдумот би имало и позитивни ефекти за многу други региони во Европа. Дури и во Баварија, тоа би придонело за поддршка и нашите медиуми веќе не би можеле да ја игнорираат оваа тематика или да ја исмејуваат“, порачале од Баварската партија.
Шефот на германската дипломатија, Франк-Валтер Штајнмајер минатата недела изјавил дека сака Британија да остане целосна. Берлин често се воздржува од коментари за британските внатрешни прашања, но канцеларката Меркел и останатите претставници често изразуваат загриженост поради можноста Британија да ја напушти Европската унија, откако во земјата ќе има референдум по ова прашање во 2017 година./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.