Европа
Чешка ги засилува контролите кон Австрија, Словачка ќе стави вето на квотите
Чешка ќе ги зајакне контролите на својата граница со Австрија, откако Германија донесе одлука за повторно воведување на граничните контроли поради приливот на бегалците, а истовремено Словачка најави дека ќе стави вето на секоја одлука за воведување на задолжителните квоти за распределување на мигрантите во земјите членки на Европската унија.
Чешка ги засилува контролите на својата граница со Австрија. Следните фази ќе бидат одредени според бројот на бегалците кои се движат кон Чешка, изјави министерот за внатрешни работи Милан Чованец за државната телевизија. Портпаролката на министерството, Петра Кучерова, пак, за AFP изјави дека одлуката на Прага е поврзана со одлуката на Берлин повторно да ги воведе контролите на своите граници.
Чешка е транзитна земја за бегалците чија цел се побогатите земји во ЕУ, како Германија или Шведска, и само неколку десетици бегалци побарале азил досега во оваа земја.
Како и Унгарија, Словачка и Полска, и Чешка остро се спротиставува на системот на квоти кој го предложи Европската комисија. Чешкиот премиер Бохуслав Соботка оцени во неделата дека тој систем „нема да функционира“, бидејќи бегалците не сакаат да останат во најсиромашните земји од ЕУ.
Речиси истовремено во неделата, словачкиот министер за внатрешни работи Роберт Калинак соопшти дека Словачка ќе вложи вето на секоја одлика за задолжителните квоти за распределувањето на бегалците и мигрантите меѓу земјите членки на ЕУ, на состанокот во понеделник.
Министрите за внатрешни работи на 28-те земји членки ќе одржат вонреден состанок во Брисел во понеделник за да ги разгледаат предлозите за распределбата на мигрантите кои во средата ги изложи претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.
„Имам мандат од владата и од парламентот да вложам вето на кое и да е прашање во врска со квотите, бидејќи тие немаат смисла, директно се насочени против бегалците и на ниеден начин не ја решаваат оваа криза“, изјави Калинак во телевизиското интервју.
Јункер во средата предложи земјит ечленки на ЕУ, според одредени податоци и според задолжителни квоти да ги распределбата меѓу себе на веќе 170-те илјади мигранти и бегалци кои во моментов се наоѓаат во Италија, Грција и Унгарија и кои сакаат да дојдат до богатите западноевропски земји./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.