Европа
ЕУ ги усвои санкциите за Русија но ја одложи нивната примена
Членките на Европската унија доцна во понеделникот се договориле формално да го усвојат пакетот санкции за Русија, но тие ќе стапат на сила по неколку дена, соопшти претседателот на Европскиот совет, Херман Ван Ромпуј, пренесуваат светските агенции.
„Советот низ пишана процедура го усвои пакетот санкции против Русија“, соопшти Ромпуј во изјава за медиумите, но додава дека истите ќе стапат на сила за неколку дена. „ЕУ е подготвена делумно или во целина да ги преиспита усвоените пакет мерки во зависност од ситуацијата на терен“, се вели во соопштението од Ван Ромпуј.
Амбасадорите на земјите членки на вонреден состанок по жестока дебата донеле одлука да ги прифатат новите мерки со кои веќе донесените санкции се прошируваат и на делови од руската нафтена индустрија, како и забрана на извоз на оружје и технологии.
Дипломатски извори наведуваат дека новите пакет мерки ќе ги опфатат руските нафтени компании во државна сопственост. На овие компании ќе им биде скратен пристапот до европските финансиски пазари доколку новите мерки стапат на сила.
Покрај тоа, ќе биде изречена и забрана за извоз на оружје во Русија, како и таканаречените производи за двојна намена, која може да се користи и при цивилна и при воена употреба.
Новите санкции опфаќаат и забрана за извоз на опрема за истражување и експлоатација на нафта, што, пак, на Русија треба да и’ го отежни пристапот до нафтените полиња во арктичкиот појас.
Меѓутоа, како што во петокот изјави чешкиот премиер Бохумил Слоботка, чешките преговарачи „успеале да ги истакнат принципиелните приговори владата“. „Одобрениот план (за санкции) не претставува директна опасност за чешкиот индустрискиот извоз во Русија, особено алати и технологија за нафтена експлоатација“, рече Слоботка.
Одлуката претставува компромис меѓу земјите кои барале санкциите да стапат веднаш на сила, и оние кои се залагале овие мерки да не се спроведуваат, а меѓу противниците за овие санкции предводник била Финска. Финците гласале за санкциите откако претходно бил усвоен механизам за нивно укинување доколку примирјето во Украина се одржи и отпочнат преговори за траен мир./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Повеќе од сто килограми кокаин пронајдени меѓу банани во супермаркети во Германија
Вработени во неколку германски супермаркети во Берлин и Бранденбург откриле повеќе од 100 килограми кокаин во пакувања со банани, пренесува „Билд“ повикувајќи се на полициски извори.
Во Бранденбург, како што се наведува, во најмалку четири продавници биле пронајдени меѓу 20 и 100 килограми кокаин, пренесува „Танјуг“.
Полицијата во моментот спроведува истрага со проверка на стоката во продавниците поради што сѐ уште не се знае конечната количина дрога во нив, но не и информацијата во колку продавници има.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.