Европа
Евробарометар: Корупцијата годишно ја чини ЕУ 120 млрд евра
Корупцијата е сериозен предизвик за сите општества, при што исклучок не се ниту Европската унија и нејзините членки коишто годишно ги чини околу 120 милијарди евра, покажува извештајот на Евробарометар објавен во средата по повод одбележувањето на 13-от Меѓународен ден на борбата против корупцијата.
„Корупцијата е сериозен предизвик за сите општества и ЕУ не е исклучок, Иако видот на корупцијата варира, кумулативниот ефект на корупцијата врз ЕУ како целина е значаен, а целата корупција за ЕУ и нејзините земји членки на годишно ниво изнесува 120 милијарди евра, само незначително помалку од годишниот буџет на Унијата“, се истакнува во извештајот на Евробарометар кој го објави Европската комисија.
Истражувањето било насочено на нивото на корупција кое го искусиле работодавачите кои вработуваат едно или повеќе лица во шест клучни стопански сектори: енергетика, рударство, нафтата и гасот, хемиската индустрија, здравството и фармацевтската индустрија, инженерството и електрониката, производството на моторни возила, градежништвото, телекомуникациите и ИТ технологиите, финансиските услуги, банкарството и вложувањата.
Со истражувањето е опфатена цела низа области, како што се зачестеноста на коруптивната практика, особено на тендерите и постапките за јавни набавки, митото и корупцијата во политичките партии и поткупувањата високи функционери, како и начините на коишто поедини земји се справуваат со корупцијата и како ја казнуваат.
Кога станува збор за проблемите во работењето, четири од десет компании – или 40 отсто, тврдат дека корупцијата им претставува проблем при работењето во својата земја, но не и главниот.
„Најчестиот проблем кој го споменуваат компаниите при работењето се даночните стапки (67 отсто), постојаното менување на законите и политиките на работење (64 отсто) како и сложеноста на административната процедура (62 отсто)“, се наведува уште во извештајот. Тие проблеми, меѓутоа, се помалку изразени отколку во извештајот од февруари 2014 година, кој се однесуваше на проблемот на корупцијата во ЕУ во текот на претходната година, Најмногу со споменатите проблеми во работењето се среќаваат компаниите во градежништвото и енергетиката.
Непотизмот и патронатот е најголем проблем во работењето за дури околу 70 отсто од компаниите во Романија, Грција и Бугарија, додека следи Хрватска каде со тој проблем се среќаваат 50 отсто компаниите. За разлика од овие земји, во Данска со непотизам се соочуваат 4 проценти од компаниите, а Во Велика Британија – 5 отсто.
Во десет земји членки на ЕУ, најмалку половината од компаниите ја наведуваат корупцијата како еден од проблемите во своето работење, а предничат компаниите во Романија и Грција (со 74 отсто), Бугарија (61 отсто), Италија (60). Најмалку на корупцијата се жалат компаниите во Данска (2 отсто), Велика Британија (8 отсто), Шведска (11 отсто), Естонија и Финска (16 отсто) и во Ирска – 17 отсто.
Во однос на минатиот извештај, состојбата се поправила во Чешка и во Португалија, а се влошила во Бугарија и во Италија.
Кога станува збор за раширеноста на корупцијата во сопствените земји, 71 отсто од компаниите тврдат дека корупцијата е широко распространета, додека 24 отсто од нив сметаат дека е ретка појава. Во Данска 11 отсто од компаниите тврдат дека корупцијата е раширена во тамошната власт, за разлика на пример од Италија каде што тоа го тврдат дури 98 отсто од компаниите. Во Хрватска 90 отсто до компаниите ја наведуваат раширената корупција како проблем во работењето, и оваа држава е во групата со Кипар, Бугарија, Грција, Романија и Шпанија.
На прашањето за најчестите коруптивни активности, компаниите најмногу го наведуваат фаворизирањето на членови на семејствата и пријателите, затајувањето на даноците и неплаќањето на ДД, фаворизирањето на семејството и пријателите во јавните институции и финансирањето на политичките партии во замена за договори за работа и политичко влијание.
Во 18 земји членки на ЕУ, половината од компаниите наведуваат барем три коруптивни практики како многу раширени, а најмногу такви компании има во Шпанија (82 отсто), Франција (65 отсто), Малта (61 отсто), и во Хрватска и Австрија (по 60 отсто).
Апсолутно мнозинство компании во 22 земји од ЕУ, што значи од 75 отсто на нагоре, сметаат дека се многу раширени митото и злоупотребата на власта меѓу функционерите на национално ниво.
За тесната поврзаност на политиката и деловниот сектор, во сите земји членки на ЕУ, со исклучок на Данска, најмалку половината од компаниите сметаат дека постои преголема поврзаност меѓу политиката и бизнисот, чијшто краен исход е корупцијата. Во тоа се убедени по 92 отсто од компаниите во Грција и во Италија, и по 90 отсто од компаниите во Хрватска, Шпанија и Бугарија. Дека фаворизирањето и корупцијата се пречката за деловната конкурентност сметаат дури 86 отсто од компаниите во Хрватска, а пред нив е само компаниите од Португалија со 90 отсто.
Во однос на казнувањата за помали корупциски дела, на ниво на Европската унија половина од компаниите сметаат дека корупцијата примерно се казнува, додека другата половина тврди дека не се казнува доволно./крај/мф/сн
Извор: Hina
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Лавров: Москва се уште инсистира на вистинска руска Украина
По повеќе од две години интензивна војна во Украина, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска го потврди тврдењето на Москва дека полага право да владее над соседната земја.
„Во најдобар случај, иднината на западна Украина е непозната“, рече Лавров во интервјуто во Москва за неколку руски телевизиски станици.
„Во спротивно ќе има само Украина која е навистина руска, која сака да биде дел од рускиот свет, која сака да зборува руски и да ги образува своите деца“, рече тој.
Не станува збор за каква било алтернатива, смета Лавров, кој е министер за надворешни работи од 2004 година и е лојален поддржувач и доверлив човек на претседателот Владимир Путин.
Русија не сака да ги напаѓа земјите на НАТО, како што се тврди на Запад за да ги исплаши гласачите, рече Лавров. „Но, ако сакаат да го донесат НАТО до нашите граници, тогаш секако дека ќе знаеме како да го спречиме тоа во Украина“, рече тој.
Како и другите високи членови на руското раководство, Лавров рече дека Русија е подготвена за преговори со Украина, но само под посебни услови.
Нема да има прекин на огнот за време на можните преговори, разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски се бесмислени, а Киев мора да се откаже од својата формула за мир, рече тој.
Во есента 2022 година, Зеленски презентираше десет точки за мир, меѓу кои се издвојуваат повлекувањето на руската армија, реконструкцијата и компензацијата и гонењето на воените злосторници.
Европа
Генералниот секретар на НАТО и вети на Украина дополнителни системи за воздушна одбрана
Сојузниците на НАТО се согласија да обезбедат дополнителни системи за противвоздушна одбрана во Киев, изјави шефот на НАТО Јенс Столтенберг по специјалната средба на министрите за одбрана на сојузниците со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Покрај „Патриот“, има и други оружја што сојузниците можат да ги обезбедат, вклучувајќи го и SAMP/T (францускиот систем), а многу други кои немаат достапни системи ветија дека ќе обезбедат финансиска поддршка за нивните набавки за Украина“, изјави Столтенберг за новинарите во Брисел.
Зеленски го побара состанокот бидејќи неговата земја се соочува со недостиг на муниција и задржување на клучните американски финансирања, што со месеци е блокирано од републиканците во Конгресот, додека ЕУ не успева да испорача муниција навреме.
Тој во петокот им рече на членките на НАТО дека на Украина и се потребни најмалку седум системи за воздушна одбрана „Патриот“ или други напредни системи за воздушна одбрана за да се спротивстави на руските воздушни напади, повикувајќи ги да ја засилат воената помош за Киев.
Во емотивниот говор преку видео врска, украинскиот лидер го опиша сегашното ниво на странска помош како „многу ограничено“ и рече дека Израел не бил оставен на себе за време на масовниот ирански воздушен напад во саботата.
„(Рускиот претседател Владимир) Путин мора да биде симнат на земјата, а нашето небо мора повторно да стане безбедно… И тоа целосно зависи од вашиот избор… (од) изборот дали сме навистина сојузници“, рече Зеленски во неговиот говор.
Европа
Орбан: Западот е на чекор од испраќање војници во Украина, Брисел си игра со оган
Западот е на чекор од испраќање војници во Украина и во Брисел владее провоено мнозинство, најави унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Во Европа расположението е војна, а во политиката доминира логиката на војната. Гледам подготовки за војна од сите страни. Генералниот секретар на НАТО сака да формира украинска мисија на НАТО. Европските лидери веќе влегоа во војна, разговарам со нив, ги слушам, тие ја гледаат оваа војна како нивна и така ја водат“, истакна Орбан.
Унгарскиот лидер укажа на постепено зголемување на помошта на Европа за Украина, почнувајќи од испраќање воена опрема и воведување санкции кон Русија до испраќање оружје и пари, објави HirTV.
Пари, пари, оружје, но состојбата не се подобрува, всушност се влошува. На чекор сме од Западот да испрати војници во Украина. Ова е вител на војна што може да ја одвлече Европа во длабочините. Брисел си игра со оган – предупреди Орбан и нагласи дека Будимпешта нема да биде вовлечена во руско-украинскиот конфликт.