Европа
ИС ја презеде одговорноста за терористичките напади во Париз
Исламска држава (ИС) ја презеде одговорноста за терористичките напади во Париз во петокот, во кои загинаа најмалку 128 лица, според полицијата, а 250 се ранети, пренесе Reuters.
Во официјалната изјава се вели дека борци на Исламска држава, опремени со појаси со бомби и автоматско оружје, извеле внимателно планирани благословени напади на неколку локации во срцето на главниот град на Франција.
Францускиот претседател, Франсоа Оланд, нападите ги нарече „акт на војна, направен од терористичка армија, Исламска држава, против Франција, против тоа што сме, слободна држава“. Тој прогласи тридневна жалост во земјата.
По нападите во јануари на редакцијата Шарли Ебдо и на уште две локации, Франција стравуваше од нови напади и беше само прашање на време кога тоа ќе се случи, но никој не беше подготвен за она што се случи во петокот, коментира уредникот на The Local France, Бен Мекпартланд. „Се плашевме од нов напад, но не од војна“.
Германските фудбалери кои одиграа натпревар против репрезентацијата на Франција, останаа цела ноќ во стадионот, во чија близина претходно се разнесе еден терорист, за да се избегнат секакви ризици од движење по Париз.
Полицијата, за сабота, ги забрани сите јавни собири, се до вторник.
Нападите се најголеми во Европа по оние во Мадрид 2004 година, кога имаше експлозии во метрото, Премиерот на Шпанија Мариано Рахој изрази поддршка за францускиот народ. „Шпанците ја знаат болката предизвикана од тероризам. Нашите француски пријатели ја имаат нашата поддршка и солидарност #WeAreParis.”
Во Париз и во цел свет луѓето изразуваат сочуство и поддршка за жртвите и нивните семејства, со боење на светските знаменитости во боите на франција, со полошување цвеќе на местата на напади.
Францускиот министер за надворешни работи Лоренс Фабиус повика дека е крајно време да се координира борбата против тероризмот.
„Повеќе од потребно е под овие околности да се координира меѓународната борба против тероризмот“, рече Фабиус на разговорите за завршување на војната во Сирија, што се одржуваат во Виена.
Француските доктори го прекинаа штрајкот во знак на солидарност, а во заедничка изјава на повеќе медицински синдикати и здруженија се вели дека тие го откажуваат штрајкот што требаше да трае за време на викендот.
Франција е во шок. Францускиот дневник Le Monde излезе со насловна на која стои „Франција се буди по ноќта помината во шок“, Le Figaro, оди со наслов „Терористички напади: војна во срцето на Париз“.
Во синоќешните напади на шест локации учествувале осум милитанти, облечени со бомбашки елеци и автоматско оружје, кои не носеле маски на главите. Сите се мртви, а седум од нив се саморазнеле, додека еден е убиен.
Форензичарите работат на идентификација на телата на жртвите. Според BFMTV форензичката полиција има голема задача да ги идентификува жртвите и да го потврди нивното име, но некои од телата се толку измасакрирани за што ќе им требаат неколку дена./крај/тл/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Лукашенко: Опозицијата и НАТО планираат напад врз Белорусија, ни треба нуклеарно оружје
Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко изјави денеска дека неговата земја се соочува со сериозни внатрешни и надворешни закани поради кои треба да го промени својот безбедносен став и да и дозволи на Русија да распореди тактичко нуклеарно оружје на нејзина територија.
Лукашенко, без да обезбеди докази, рече дека белоруската опозиција планира да окупира дел од западот на земјата и да побара поддршка од трупите на НАТО, тврдење што опозицијата го отфрли, нарекувајќи го апсурдно.
На истиот состанок, Иван Тертел, шеф на белоруската безбедносна служба КГБ, рече дека неговите оперативци спречиле напади врз главниот град Минск со беспилотни летала лансирани од членката на НАТО Литванија, но таа земја негира дека организирала каков било напад.
Тертел, исто така, тврди дека белоруските безбедносни сили секојдневно се обидуваат да спречат постојани обиди за шверц на оружје од Украина во Белорусија „со цел таму да извршат саботажа и терористички напади“.
Лукашенко, близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, често ги истакнува опасностите од нападите на НАТО или Украина, со што ја оправдува блиската воена интеграција со Русија и постојаното одржување на одбранбениот и безбедносниот апарат во состојба на висока готовност.
Лукашенко зборуваше на состанокот на Белорускиот национален конгрес, уставно тело составено од 1.200 пратеници. На состанокот треба да се одобри ажурираниот концепт за национална безбедност и воената доктрина на Белорусија.
Државната новинска агенција Белта ја објави изјавата на Лукашенко дека „актуелната реалност бара промени во безбедносната положба на земјата“.
„Новата тема на Лукашенко е – нуклеарно одвраќање. Оние кои нè туркаат кон тоа треба да можат рационално да ги согледаат директните последици од нивните, најблаго речено, непромислени одлуки“, пишува Белта.
Руски Тасс ја пренесува изјавата на Лукашенко дека во Белорусија се распоредени „неколку десетици парчиња“ руско тактичко нуклеарно оружје во согласност со договорот што тој и Путин го објавија минатата година. Тоа е прв пат Русија да распореди нуклеарни ракети во странска земја од советската ера.
Белоруската опозиција, од кои повеќето лидери се во затвор, а останатите побегнаа во странство, ја исмеа изјавата на Лукашенко дека планираат да окупираат дел од западот на земјата.
„Мислам дека Лукашенко треба да биде коментиран од психотерапевт бидејќи тој живее во свој свет и се чини дека губи допир со реалноста“, рече Франак Виацорка, главен соработник на прогонетиот опозициски лидер Светлана Тихановскаја.
„Овој конгрес е негов очајнички обид некако да ја врати сопствената доверба, но и да му покаже на надворешниот свет дека сè уште има поддржувачи. Се разбира, најлесниот начин да ги консолидира своите поддржувачи е да создаде чувство дека има надворешни непријатели“, изјави Виацорка за Ројтерс.
Европа
Приходите на Русија од нафта и гас се речиси двојно зголемени
Приходите од нафта и гас на Русија ќе достигнат 1,29 трилиони рубљи (14 милијарди долари) во април, што е речиси двојно повеќе од истиот месец минатата година благодарение на зголемените цени, покажуваат пресметките на Ројтерс.
Ројтерс ги заснова проценките на податоците од индустриските извори и официјалната статистика за производство, преработка и снабдување со нафта и гас на рускиот и меѓународниот пазар.
Руското Министерство за финансии на почетокот на мај ќе ги објави податоците за април. За цела 2024 година, владата буџетираше приходи од продажба на нафта и гас од 11,5 трилиони рубљи, за 30 отсто повисоки отколку во 2023 година, кога се намалија за 24 отсто поради пониските цени на нафтата и намалениот извоз на гас под притисок на санкциите.
Благодарение на закрепнувањето на приходите од продажбата на енергетски производи, рускиот буџетски дефицит се намали во првите три месеци од оваа година на 607 милијарди рубљи, што одговара на 0,3 отсто од бруто домашниот производ (БДП), наведува Ројтерс.
Западните земји воведоа бројни санкции кон Русија поради нејзината инвазија на Украина, настојувајќи да ги намалат приходите на Русија од продажбата на нафта и гас, кои сочинуваат околу една третина од федералниот буџет. Казнените мерки вклучуваат забрана за водење бизнис со руски финансиски институции.
Европа
Русија и се закани на Полска
Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков се закани дека Русија ќе ги таргетира нуклеарните оружја и објектите на НАТО, доколку тие бидат распоредени во Полска. Тој рече дека заедничките нуклеарни мисии на НАТО во близина на руската граница се сметаат за закана за нејзината безбедност, пренесува руската државна агенција ТАСС.
„Да не кажам ништо за трајно распоредување, за што зборуваат жешките глави во Варшава. Затоа сите оние политичари кои разговараат за таква опција во Полска и во странство треба да разберат: соодветните капацитети неизбежно ќе бидат цел. Тие ќе бидат први на список на нашето воено планирање“, се закани тој.
Полска во понеделникот објави дека е подготвена да прифати нуклеарно оружје на своја територија доколку НАТО, чиј член е, одлучи да го зајакне своето источно крило бидејќи Русија распоредува ново оружје во Калининград и Белорусија.
„Доколку нашите сојузници одлучат да распоредат нуклеарно оружје на наша територија како дел од дистрибуцијата на нуклеарно оружје за да ја зајакнеме безбедноста на источното крило на НАТО, ние сме подготвени на тоа“, изјави Анджеј Дуда за весникот Факт.
„Војната меѓу Русија на Владимир Путин и НАТО би завршила со неизбежен пораз на Москва“, изјави денеска полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски.
„Ние, Западот, не треба да се плашиме од конфликт со Путин, туку обратно“, рече Сикорски за време на говорот во Сејм, Долниот дом на полскиот парламент. Сикорски додаде дека рускиот воен и економски потенцијал „бледи во споредба со оној на Западот“, бидејќи НАТО има три пати повеќе воен персонал, три пати повеќе воздушен персонал и четири пати повеќе бродови од Русија.