Европа
Камерон се повлекува во среда, нов британски премиер Тереза Меј
Британската министерка за внатрешни работи Тереза Меј ќе стане премиерка во среда, објави во понеделникот премиерот на заминување Дејвид Камерон, челник на владејачката Конзервативна партија и најави дека истиот ден тој ќе поднесе оставка, како што вети откако на референдумот од 23-ти јуни Британците се определија за истапување од Европската унија, на што тој се противеше.
Според Дејвид Камерон, тој на 13-ти јули, откако претходно во вторникот ќе ја има последната седница на владата, ќе ја одржи вообичаената 30-минутна серија прашања и одговори во парламентот по што на кралицата ќе ѝ ја поднесе својата оставка „за да имаме премиер до средата вечер“.
„Потоа очекувам дека ќе заминам во Бакингемската палата и ќе ја предложам оставката. Ќе имаме нова премиерка во оваа зграда зад мене во среда навечер“, изјави Камерон за новинарите пред својата резиденција на Даунинг стрит 10.
Тереза Меј е единствената кандидатка за негов наследник на чело на владејачката Конзервативна партија, а со самото тоа и за премиер, откако од трката во понеделникот се повлече Аднреа Лидсом, заменичката министер за енергетика, која оцени дека нема доволна поддршка за формирање силна влада.
Камерон оцени дека Меј е „силна, компетентна“. „Таа ќе ја добие мојата целосна поддршка“, порача досегашниот премиер и партиски челник на конзервативците додавајќи дека „не е потребен долг транзициски период“.
Тереза Меј ќе стане тринаесеттиот премиер во времето на кралицата Елизабета Втора и втора жена на оваа позиција. Досега единствена жена премиер на Обединетото Кралство беше „железната леди“ Маргарет Тачер./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Фон Дер Лајен: На Европа не и се заканува војна, но треба да бидеме подготвени и да произведуваме оружје
Европа во моментов не се соочува со непосредна закана од војна, но мора да биде подготвена за тоа, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Заканата од војна можеби не е непосредна, но не е невозможна. Треба да бидеме подготвени и тоа започнува со итната потреба за зајакнување и трансформирање на вооружените сили на членките на блокот“, рече Фон дер Лајен на Европскиот самит за одбрана и безбедност.
Според неа, ЕУ мора да произведе оружје од новата генерација за да „победи на бојното поле“.
„Европа треба да се стреми да развие и произведе нова генерација на оперативни способности за да победи во битките и да обезбеди доволно материјално количество и технолошка супериорност што можеби ќе и треба во иднина, а тоа значи турбо полнење на нашиот одбранбен индустриски капацитет во следните пет години,“ изјави Фон дер Лајен.
Европа
(Видео) Русите го гранатираа Чернихив, загинаа најмалку 13 лица, Зеленски бара дополнителна помош
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика западните партнери на потребната решителност и поддршка по рускиот ракетен напад врз северниот град Чернихив утринава, при што загинаа најмалку 13 лица.
„Ова немаше да дојде до ова доколку Украина добиеше доволно опрема за противвоздушна одбрана и ако беше доволна решеноста на светот да се спротивстави на рускиот тероризам“, објави Зеленски на „Телеграм“.
Министерот за внатрешни работи, Ихор Клименко, во изјава за „Телеграм“ рече дека во нападот загинале најмалку 13 лица, а повеќе од 60 се повредени и дека спасувачките операции се во тек.
Во нападот беа оштетени и четири катни згради, болница, образовна институција и десетици автомобили, додаде тој.
Русија изврши напад со три крстосувачки ракети „Искандер“, изјави регионалниот гувернер Вјачеслав Чаус во коментар за украинскиот јавен сервис „Суспилна“. Тој рече дека три проектили паднале во близина на центарот на градот и дека е оштетена цивилната инфраструктура.
Локалното население е повикано да дарува крв, изјави градоначалникот Олександр Ломако. Чернихив се наоѓа на речиси 150 километри северно од Киев, недалеку од границата со Русија. Кога руските сили ја нападнаа Украина во февруари 2022 година, Чернихив беше нападнат, но не беше преземен.
Европа
Во Германија уапсени 10 лица: за пари набавувале дозволи за престој на странци
Во Германија денеска во полициска акција се уапсени десет лица осомничени дека за големи суми пари набавувале дозволи за престој во Германија за странци од Кина и арапските земји.
„Главни осомничени се двајца адвокати од Келн, а истрагата се води против 38 можни члена на шверцерската банда и против 147 други лица, кои се занимавале со систематски шверц на луѓе“, се вели во соопштението на полициската управа на град веднаш до Келн, кои ја водат операцијата.
Осомничените се обвинети дека донеле странски државјани во Германија и ги набавиле потребните документи за големи суми пари, од 30 до 350 илјади евра. Осомничените основале фиктивни фирми и лажни адреси со кои се регистрирале лица од странство.
Весникот „Билд“ пишува дека меѓу осомничените има и вработени во неколку канцеларии за странци во регионот Рајнланд-Пфалц, кои издавале дозволи за престој за пари. Еден од нив е меѓу уапсените. Како што е соопштено, за време на рацијата била запленета и голема количина пари. Минатата година, со 300.000 бегалци и баратели на азил, Германија забележа значителен пораст на илегалниот влез во земјата.