Европа
Кремљ сé уште чека „разумно“ објаснување од Турција, не воведува ембарго
Кремљ во четвртокот соопшти дека Русија и натаму чека разумен одговор од Анкара за причините и поради што го урна во вторникот рускиот бомбардер, како што тврди над територијата на Сирија, и додава дека не разгледува воведување санкции против Турција, ниту наметнување ембарго на увозот на храна од оваа земја.
„Сé уште очекуваме објаснување, разумно објаснување од турската страна“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Руското министерство за земјоделие претходно во четвртокот најави дека ќе бидат засилени контролите на храната и земјоделските производи увезени од Турција.
„Не воведуваме ембарго. Тие рестрикции се воведени поради засилената опасност од различните облици на екстремизам. Секако, се преземаат дополнителни мерки за контрола. Тоа е природно, особено земајќи ги предвид непредвидливите дејствија на Турција“, истакна Песков.
Министерот за земјоделие, Алесандар Ткачев, изјави за „повторното кршење на руските норми кај турските производители“, што би можело да се однесува на приближно 15 отсто од земјоделските производи увезени од Турција. Го спомена, исто така, присуството на „забранети во Русија и штетни супстанции“, како и претераните дози пестициди или нитрати.
Оттаму, владата во Москва ѝ наложи на агенцијата задолжена за фитосанитарната сигурност Роселхознадзор да ја засили контролата на „земјоделските и прехранбените производи“ увезени од Турција и да „организира дополнителна проверка на границите и местата на производство во Турција“./крај/мф/сн
Извор: TACC
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Повеќе од сто килограми кокаин пронајдени меѓу банани во супермаркети во Германија
Вработени во неколку германски супермаркети во Берлин и Бранденбург откриле повеќе од 100 килограми кокаин во пакувања со банани, пренесува „Билд“ повикувајќи се на полициски извори.
Во Бранденбург, како што се наведува, во најмалку четири продавници биле пронајдени меѓу 20 и 100 килограми кокаин, пренесува „Танјуг“.
Полицијата во моментот спроведува истрага со проверка на стоката во продавниците поради што сѐ уште не се знае конечната количина дрога во нив, но не и информацијата во колку продавници има.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.