Европа
Меркел: Грција мора да го почитува секој параграф од договорот
Германската канцеларка Ангела Меркел изјави во петокот дека Грција мора да се придржува до „секој параграф“ од договорот за продолжување на финансиската помош со еврозоната, иако ќе бидат разгледани и можни нови предлози на грчкиот премиер Алексис Ципрас.
„Секој параграф од договорот е важен“ изјави германската канцеларка Ангела Меркел на прес-конференцијата на крајот од самитот на Европската унија во Брисел, додавајќи дека идниот потег во решавањето на грчката должничка криза е должен да го стори грчкиот премиер Алексис Ципрас, кој следните денови треба да ги претстави конкретните реформи.
Грција може да предлага нови економски реформи коишто се однесуваат на пензиите и оданочувањата „сé додека тие имаат ист ефект“ како и сегашните обврски, истакна во продолжение Меркел и додаде дека тие предлози би требало да ги оценат европските институции, пишува Reuters.
Како што пренесува германската агенција DPA, грчката влада во петокот најавила дека во предлогот на реформите коишто им ги ветила на европските челници во замена за продолжување на финансирање нема да бидат мерките за штедење.
„Списокот од реформите нема да содржат рецесиски мерки. Не се вклучени дополнителни мерки за штедење“, изјави портпаролот на владата на Грција, Гаврил Сакеларидес. „Нема да има реформи кои дополнително ги намалуваат пригодите, не затоа што тоа добро звучи туку затоа што не може да се извлекува нешто од некој кој нема повеќе што да даде“, истакна. Наместо тоа, владините предлози ќе се концентрираат на начините како да се зголемат приходите“ додаде Секеларидес, наведува DPA.
Во меѓувреме претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер изјави дека ЕК на Грција ѝ ставила на располагање две милијарди евра „неискористени пари“ од буџетот на Европската унија за 2015 година за да ѝ помогне во справувањето со хуманитарната криза. Тие пари не се наменети „за пополнување на касата на грчката држава“, туку ќе може да се искористат за „јакнење на напорите за поттикнување на економскиот раст и социјалната кохезија“, во прв ред во однос на големиот проблем со невработеноста меѓу младите, истакна Јункер според AFP.
Со цел на грчката влада да ѝ се овозможи што полесно да ги привлече тие средства, Европската унија во Брисел постави техничка екипа, а работната група во Атина доби упатствата тесно да соработува со грчките власти. Атина од почетокот на финансиската криза доби два пакета помош од 240 милијарди евра и отпис на уште околу 110 милијарди евра од приватните доверители, а сега повторно ризикува во рок од неколку дена да остане без пари за сервисирање на своите обврски. Освен банкротот, постојат стравувања дека Грција би можела да ја напушти еврозоната, доколку не се усогласи со меѓународните доверители околу реформите неопходни за да се деблокираат преостанатите 7,2 милијарди евра од сегашната програма за помош./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Кремљ за евентуалното блокирање на Телеграм: „Се повеќе станува алатка во рацете на терористите“
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска изјави дека во моментов не се планира блокирање на социјалната мрежа Телеграм во Русија.
„Не, во моментов нема такви планови“, изјави Песков за каналот Шот на прашањето дали Русија планира да го блокира Телеграма.
Тој додаде дека основачот на таа платформа Павел Дуров треба повеќе да внимава како се користи оваа социјална мрежа.
„Секако, би очекувале поголемо внимание од Павел Дуров, бидејќи овој уникатен и феноменален ресурс од технолошки аспект, кој порасна, всушност, пред очите на нашата генерација, се повеќе станува алатка во рацете на терористите, се користи за терористички цели“, рече портпаролот на Кремљ, пренесува РИА Новости.
Како што изјави во средата за РИА Новости, извор запознаен со ситуацијата, сторителите на терористичкиот напад во предградието на Москва биле регрутирани преку каналот на Телеграм, Глас Хорасан, сопственост на авганистанското крило на Исламската држава.
Пратеникот на Државната дума од Обединета Русија Олег Морозов денеска оцени дека е неопходно да се развие механизам за автоматско блокирање на каналите на Телеграм кои регрутираат терористи користејќи клучни зборови користејќи вештачка интелигенција.
Европа
Шолц: Мирот во Украина е можен во секој момент, само ако Путин ги повлече своите војници
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави денеска дека мирот во Украина е можен во секој момент доколку рускиот претседател Владимир Путин ја прекине својата, како што наведе, „варварска“ кампања и ги повлече војниците.
Шолц за „Маркише Агемајне Цајтунг“ изјави дека секогаш имало иницијативи за посредување.
„На пример, веднаш по избувнувањето на војната, Русија и Украина директно преговараа меѓу себе. Преговорите потоа пропаднаа затоа што Русија ги искористи само како изговор за истовремено да ги премести своите трупи на исток за голема офанзива“, посочи тој.
Како што тврди, токму тогаш на виделина излегле „масакрите“ во Буча и Ирпин, злосторства против човековите права извршени од страна на руските вооружени сили врз цивилното население, со што разговорите се лишени од секаква основа, пренесува медиумот.
„Малку подоцна се разговараше за договорот за жито, со успех. За жал, Путин во одреден момент повторно го откажа“, додаде Шолц.
Тој изјави дека имало разговори и за безбедноста во нуклеарната централа Запорожје и за размена на затвореници.
„Голем број земји, вклучително и Украина, во моментов разговараат на ниво на советници за безбедност за тоа што би можело да изгледа како нешто што може да доведе до мировен процес, но дозволете ми да бидам многу јасен: мирот е можен во секое време. Путин само треба да стави крај на неговата „варварска“ кампања и да ги повлече трупите“, истакна Шолц.
Европа
В недела голем тест за Ердоган: ќе успее ли „султанот на Турција“ повторно да ја освои власта во Истанбул и Анкара
Во недела во Турција ќе се одржат општински избори, а во оваа прилика партијата на претседателот Реџеп Таип Ердоган (АКП) ќе се обиде да ја врати контролата врз Истанбул и Анкара, градови кои гласаа против АКП во 2019 година.
Аналитичарите тврдат дека овие избори ќе бидат мерка за поддршка на Ердоган на национално ниво, но и за силата на опозицијата, особено на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу. Според Ројтерс, се очекува тесна трка за градот Босфор, кој е дом на повеќе од 16 милиони луѓе и придонесува повеќе од една четвртина од националниот БДП.
На последното локално гласање во 2019 година, главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) го изненади Ердоган кога преовлада во Истанбул и Анкара, ставајќи крај на повеќе од две децении владеење на АКП и нејзините исламистички претходници.
Главниот противник на актуелниот градоначалник на Истанбул, пратеникот на ЦХП, Имамоглу е членот на АКП, Мурат Курум, поранешен министер во кабинетот, додека анкетите покажуваат мала предност за Имамоглу. Анкетите велат дека актуелниот градоначалник на Анкара, Мансур Јавас, е далеку пред противникот на АКП, Тургут Алтинок, поранешен претседател на општина во тој град.
Речиси 11 милиони луѓе имаат право на глас во Истанбул, според Врховниот изборен совет. Излезноста на општите и локалните избори е многу висока во Турција, близу 90 проценти. Минатиот мај, Ердоган беше реизбран за претседател и неговата алијанса освои мнозинство во парламентот на тесни општи избори, резултат што, според Ројтерс, ја поделил и деморализирал алијансата ЦХП и другите опозициски партии.
Буџетот на Истанбул е многу поголем од сите други 80 градови во земјата со 516 милијарди лири (16,05 милијарди долари) во 2024 година вклучувајќи ги и нејзините подружници, додека буџетот за главниот град Анкара, од друга страна, е 92 милијарди лири.
Освен во Истанбул и Анкара, резултатите се очекува да бидат блиски и во градовите Бурса, Адана и Анталија. Во недела, Турција ќе гласа и во другите 79 провинции во земјата, за лидери и окружни шефови на провинции, окружни совети и локални администратори.