Европа
Повеќе од 3,7 милиони луѓе на поворките против тероризмот во Франција
Повеќе од 3,7 милиони луѓе во неделата земаа учество во поворките против тероризмот во знак на сеќавање на 17-те жртви од терористичките напади изминатата седмица во Париз и во одбраната на демократските вредности и слободата на изразувањето, а на повик на претседател Франсоа Оланд во француската престолнина во поворката, според организаторите, учествувале повеќе од 1,5 милиони луѓе.
Француското министерство за внатрешни работи неделната манифестација ја нарече „без преседан“ воопшто во историјата на земја. Според, властите најмалку 3,7 милиони луѓе низ целата земја излегле на улицата во знак на солидарноста со жртвите на терористите.
Жителите на ниеден град во Франција во неделата не останаа рамнодушни на трагедијата, истакнуваат тамошните медиуми. Најголемата поворка се одржа во Лион, третиот по големина град во земјата, каде што во чест на убиените во тридневната париска агонија „не“ на тероризмот и радикализмот му рекоа околу 300 илјади луѓе. Во Бордо се проценети 140 илјади учесници, а во Марсеј околу 60 илјади. Во западниот француски град Рен со население малку повеќе од 200 илјади, во поворката земал учество секој втор жител, односно според процените на тамошната полиција околу 115 илјади луѓе.
Трикилометарската маршрута на ткн „републикански марш“ во Париз се протегаше од Плоштадот на Републиката до Плоштадот на Нацијата преку булеварот Волтер, филозофот кој се залагаше за принципот на слободата на говорот преку максимата „Јас не се согласува со неден ваш збор, но готов сум да умрам за вашето право да ги кажете“.
Поворката којашто го започна својот марш во 15 часот ја предводеа роднините на жртвите во терористичките напади кои започнаа во средата со нападот врз редакцијата на сатиричниот неделник Charlie Hebdo, во кој загинаа карикатуристи и полицајци, продолжија во четвртокот со убиство на полицајка и беа завршени во петокот со полициските акции со кои беа завршени заложничките драми во гратчето Демартен-ан-Гоел каде што се криеја браќата Саид и Шариф Каши осомничени за масакрот во редакцијата и ликвидирани, и во кошер супермаркетот во 20-от париски арондисман каде беа убие четворица заложници и напаѓачот Амади (Ахмед) Кулибали.
Маршот во неделата стана израз на француското национално единство. На него земаа учество претседателот Франсоа Оланд, до кого застана неговиот претходник и челник на најголемата опозициска партија Никола Саркози, членови на актуелната влада и поранешни премиери и министри. На манифестацијата земаа учество речиси сите политички партии и граѓански движења во Франција, без оглед на идеолошките ставови и политички убедувања. Челничката на крајната десница Национален фронт, Марин Лепен, која не беше поканета од организаторите на манифестацијата во Париз, владејачките социјалисти, ѝ се приклучи на сенационалната поворка против тероризмот во градот Бокер во јужна Франција, каде што има голем контингент на гласачи на нејзината партија.
Учество во поворката во Париз земаа и десетици политички челници од Европа и светот. Францускиот претседател Франсоа Оланд пред почетокот на манифестацијата во Елисејскиот дворец се сретна со најмалку 56 шефови на држави, влади и меѓународни организации. Една од највпечатливите сцени беше прегратката меѓу претседателот Оланд и германската канцеларка Ангеле Меркел пред стотици камери и објективи на влезот од Елисеј. По кусата средба во Елисејската палата сите со автобус се довезоа до Плоштадот Волтер каде симболички минаа стотина мери на чело на поворката.
Покрај премиерите на Австрија, Белгија, Велика Британија, Германија, Италија, Полска, Шпанија и Шведска и рускиот министер за надворешни работи Сереј Лавров, а САД ги претставуваше државниот обвинител Ерик Холдер кој најави одржување на 18-ти февруари во Вашингтон самит со сојузниците за справувањето со тероризмот, на покана на Оланд на демонстрацијата за поддршка на демократските вредности учествуваа и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху а на само неколку метри од него и претседателот на Палестинската самоуправа Махмуд Абас.
„Заедно со сите наши сојузници ќе разговараме за мерките што може да се преземат за спротиставување на насилниот екстремизам кој постои во светот“, порача челникот на министерството за правда на САД, Ерик Холдер.
Проблемот на тероризмот и исламскиот екстремизам „не може да се реши за кусо време“, изјави во своето обраќање во Париз, британскиот премиер Дејвид Камерон. „Заканата од тероризмот се појави уште пред многу години, и за нејзиното елиминирање ќе бидат потребни години. Многу важно е сите земји и надлежните власти да го дадат својот придонес во справувањето со овој проблем, во спротивно нема да биде можно да се реши овој проблем. Само заедно можеме да победиме“, порача Камерон.
Британскиот премиер истакна дека веќе во понеделник ќе се сретне со челниците на британските разузнавачки служби уште еднаш да разговараат за „стратегијата за справувањето со тероризмот“ на Островот. „По трагедијата во Франција сите треба да извлечеме поуки, и токму затоа ќе се посветам на консултациите со безбедносните служби“, истакна Камерон.
Како што истакна чешкиот министер за надворешни работи Љубомир Заоралек, терористичката организација Исламска држава повеќе не е далечна реалност за Европејците и стана директна закана за мирот и стабилноста во Европа.
„Ние сме тука да покажеме дека нема да му дозволиме на теророт и стравот да не сопрат“, изјави пред почетокот на маршот италијанскиот премиер Матео Ренци./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.
Европа
Нова корупциска афера во Украина, осомничен министер за земјоделство
Украинската антикорупциска полиција го именуваше министерот за земјоделство Микола Солски како осомничен во кривичната истрага за незаконско стекнување на државно земјиште во вредност од седум милиони долари.
Солски, кој го надгледува производството на жито во Украина за време на војната од март 2022 година, рече дека не разбира зошто сега се појавија наводите поврзани со настаните од 2017 и 2018 година.
„Не се согласувам со обвинувањата“, им рече тој на новинарите во Киев откако Украинското национално биро за борба против корупцијата објави соопштение со резултатите од истрагата.
Канцеларијата соопшти дека министерот го предводел планот за стекнување на државно земјиште во вредност од околу 6,9 милиони евра и обид да се стекне земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски е првиот министер во владата на претседателот Володимир Зеленски кој е осомничен во корупциски скандал.
Зеленски се обидува да спроведе стапка на нулта толеранција за корупција, а минатата година го отпушти министерот за одбрана поради обвинувања за примање мито поврзани со одбранбената индустрија.
Законодавците изминативе денови порачаа дека очекуваат реконструкција на Владата, секако до крајот на пролетта.