Европа
Тереза Меј официјално стана британска премиерка
Новата челничка на владејачката Конзервативна партија, Тереза Меј, во средата попладнето официјално е именувана за премиер на Велика Британија, откако во Бакингемската палата кралицата Елизабета Втора ја задолжи да ја формира новата влада, а ќе има тешка задача да го спроведе излегувањето Обединетото Кралство од Европската унија, за што Британците се изјаснија на референдумот од 23-ти јуни.
Ауденцијата во Бакингемскиот дворец се одржа веднаш откако кралицата Елизабета Втора ја прифати оставката на досегашниот премиер Дејвид Камерон, ветена во текот на кампањата за референдумот, на кој тој се залагаше за останување во ЕУ.
Меѓу заминувањето од дворецот на Камерон со семејството и пристигнувањето на Тереза и Филип Меј, минале само 26 секунди, забележаа прецизните британски медиуми.
Церемонијата на именувањето на премиер е прилично едноставна: кралицата го прашува кандидатот дали се согласува да формира влада. По потврдниот одговор, премиерот се смета за назначен.
По своето назначување на должноста, 59-годишната Тереза Меј, досегашна министерка за внатрешни работи, изјави дека ќе го продолжи курсот на нејзиниот претходник и сопартиец Дејвид Камерон, во настојувањата за обединување на земјата и востановување на социјалната справедливост.
„Сега сме во една етапа, настапуваат времињата на големите национални промени. Но, затоа што сме Велика Британија, ние ќе го прифатиме предизвикот. И ќе направиме држава која ќе биде за сите. Тоа ќе биде мисијата на владата којашто ќе ја водам. Ние ќе изградиме подобра Британија“, изјави Меј во својот прв настап на новата должност.
Од Бакингемскиот дворец Меј веднаш по Камерон пристигнала на Даунинг стрит, каде што се одржува предавањето на клучевите од резиденцијата и „нуклеарниот куфер“. Во продолжение на церемонијата, Меј ќе се сретне со високите државни функционери, како секретарот на кабинетот на министри, сер Џереми Хејворд. Потоа ја очекуваат детални брифинзи од сферата на националната безбедност и одбраната.
За време на брифингот, премиерката треба да потпише писмо до командантите на четирите нуклеарни подморници од класата „Trident“, со инструкции за дејствување во случај на нуклеарен напад врз Велика Британија/
Покрај тоа, новата премиерка треба да назначи двајца заменици за нуклеарните прашања, кои носат одлука во случат таа од кои и да е причини самата да не може да го стори тоа.
Тереза Меј е тринаесеттиот британски премиер во ерата на кралицата Елизабета Втора, и втора жена во историја на Велика Британија, по „Челичната леди“ односно Маргарет Тачер, која исто така како челник од 1975 година на Конзервативната партија ја водеше британската влада во периодот од 4-ти мај 1979 д 28-ми ноември 1990 година.
Како министерка за внатрешни работи Тереза Меј се залагаше за зачувување на членството на Велика Британија во ЕУ, но е позната и како заговорник на ограничување на имиграцијата, како и за протерување од земјата на радикали и лица вклучени во терористички активности./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Голем руски напад врз Украина, Полска ги подигна борбените авиони
Руските сили рано утринава ја напаѓаа инфраструктурата во областа Камјанск во близина на украинскиот град Днипро, при што е повредено најмалку едно лице, изјави регионалниот гувернер, додека медиумите во Суспилна објавија дека има експлозии и во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки.
„Непријателот ја нападна критичната инфраструктура во регионот. Главна цел на непријателот е нашиот народ и виталните места за населението“, напиша на Телеграм гувернерот на регионот Дњепропетровск, Серхиј Лисак.
Лисак не објасни за каков напад станува збор, но коментаторите на Телеграм известија за употребените проектили и експлозиите во областа. Исто така, наводно имало и прекин во снабдувањето со електрична енергија и вода.
Ројтерс не можеше независно да ги потврди извештаите од областа. Украинските медиуми јавуваат дека експлозии се слушнале и во Лавов, град на крајниот запад на Украина.
Медиумската куќа Суспилна објави за руски крстосувачки ракети во украинскиот воздушен простор и експлозии во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки и градот Днипро, додавајќи дека не е познато дали проектилите погодиле некоја цел.
Руските сили извршија големи напади врз објектите на енергетската инфраструктура во последните неколку недели, вклучувајќи го и масовниот напад на 22 март, кој Киев го опиша како најголем таков напад од инвазијата на московските сили во февруари 2022 година.
Оперативната команда на полските вооружени сили соопшти дека полските и сојузничките авиони биле активирани рано утринава откако Русија извршила ракетни напади врз Украина.
„Полските и сојузничките авиони летаат во полскиот воздушен простор, што може да резултира со зголемени нивоа на бучава, особено во југоисточниот дел на земјата“, објави командата на социјалната платформа „Икс“.
Југоисточниот дел на Полска се граничи со Украина, додаде Ројтерс.
Европа
Автобус повторно се преврте на автопат во Германија, патниците биле средношколци
Автобус со околу 60 патници се преврте вчера на автопатот А44 во западната германска покраина Северна Рајна Вестфалија, јавува дпа. Во сообраќајката се повредени над 20 лица, извести полицијата синоќа.
Да потсетиме, ден претходно слична несреќа се случи во Германија кога автобус на „Фликсбас“ се преврте на автопатот во близина на градот Лајпциг на истокот од земјата. Во таа несреќа загинаа четири лица, а над 20 се повредени.
Автобусот излетал од патот и се превртел на страна во близина на градот Верл, 100 километри источно од Дизелдорф. Целосно е затворен делот од 20 километри од автопатот А44 од излезот Уна Ост до Верл во правец на Касел. На местото на несреќата пристигнале полицајци, пожарникари и спасувачки хеликоптер.
Полицијата првично соопшти дека 21 лице е полесно повредено, а едно е тешко. Подоцна, тие ја ревидираат бројката на 20 полесно повредени и еден тешко повреден. Портпаролот на полицијата изјави дека автобусот превезувал ученици од стручно училиште во Варбург кои се враќале од патување во Англија.
Се уште не е јасна причината за несреќата. Полицијата соопшти дека никој не е во животна опасност и дека во несреќата не учествувале други возила. Несреќата се случи само еден ден откако четири лица загинаа во автобуска несреќа во близина на Лајпциг во источна Германија.
Европа
Украина се обидува да ја убеди Индија да застане на страната на Киев, а не на Москва
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ја повика Индија да застане со Киев, велејќи дека блиските врски на Индија со Русија се засноваат на избледеното советско наследство, објави денеска Фајненшл тајмс.
Кулеба вчера пристигна во Њу Делхи со цел да ги зајакне врските со Индија, како и да ја промовира визијата на Киев за пат кон мирот во Украина.
Според Ројтерс, Индија традиционално има блиски економски и одбранбени врски со Москва и се воздржува да ја критикува Русија поради нејзината инвазија на Украина. Згора на тоа, купувањето на руска нафта од Индија е на рекордно ниво во последно време.
Кулеба рече дека Индија има многу да добие од проширувањето на трговските и технолошките врски со Украина, поставувајќи го прашањето за улогата на индиските компании во повоената обнова на Украина.
Украина сака да ја „врати трговијата“ со Индија, во форма на извоз на земјоделски производи како што е сончогледовото масло, а самата сака да купи повеќе индиски стоки. „Ние сме заинтересирани да увеземе дел од тешката машинерија што ја произведува Индија“, рече Кулеба.
Украина се надева дека во наредните месеци ќе одржи самит на светските лидери без учество на Русија, со цел да го промовира и зајакне својот план за мир, кој меѓу другото повикува на повлекување на руските трупи од нејзината територија.
Русија ја отфрли таа украинска дипломатска иницијатива.