Европа
Уделот на Шпанија во вкупниот износ на помошта за Грција ќе биде до 12 отсто
Уделот на Шпанија во вкупниот износ од третиот пакет меѓународна финансиска помош за Грција, доколку планот за спас на грчката економија биде на крајот одобрен, ќе изнесува 11 до 12 отсто, изјави ви понеделникот шпанскиот премиер Маријано Рахој, откако по 17-часовните дискусии во понеделникот утрото челниците на земјите од еврозоната објавија дека едногласно донеле решени за грчката должничка криза, што на оваа земја ќе ѝ овозможи да остане во европската монетарна унија.
Шпанскиот конзервативен премиер во понеделникот договорот што го постигнаа челниците од еврозоната го нарече „разумен“ и „избалансиран“. Во рамките на програмата Европски механизам за стабилизација (ESM) „соодветниот удел на Шпанија ќе изнесува 11/12“ соопшти Маријано Рахој на прес-конференција. Оваа програма, како што беше претходно во понеделникот соопштено, предвидува доделување на 86 милијарди евра на Грција во следните три години.
Рахој, исто така, потсети дека конкретниот план за помошта нема да стапи на сила, доколку грчкиот парламент не ги усвои четирите закони коишто ги бараат доверителите.
„Мораме да го постигнеме максимумот, а максимумот се состои во тоа што се дојде до договор“, рече Рахој повторни нарекувајќи го „клучно прашање“ исполнувањето на обврската од страна на сите субјекти. „Тоа ќе доведе до економски раст и создавање на нови работни места“, во Грција, смета шпанскиот премиер,
Останувањето на Грција во еврозоната е „добра вест“, истакна Рахој додавајќи дека „мнозинството сака да биде во еврозоната и никој не сака да излезе од неа“.
Според него, европските земји „ја демонстрираа својата солидарноста со Грција, давајќи ѝ помош во износ од 90 отсто од нејзиниот бруто домашен производ (БДП)“. Рахој, сепак, повика на „доверба“ во Европа, критикувајќи ја Грција за спроведување на референдумот од 5-ти јули, кога Грците го послушаа премиерот Алексис Ципрас и со 61 отсто го отфрлија предлогот на доверителите за начините на продолжување на помошта, што според шпанскиот премиер „доведе до ситуација да се јавни недоверба“.
Шпанија, инаку, е меѓу најголемите економии во еврозоната кои се кредитори на Грција. Далеку најголем доверител е Германија со 42,98 милијарди евра, Италија со 37,76 милијарди и Шпанија со сума од 25,1 милијарди евра. Тоа е прилог на придонесите за заемите од ММФ, сразмерни со квотите коишто тие земји ги имаат во овој глобален кредитор./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.