Европа
Во Варшава собири за „местото“ на Полска во Европа и против „диктатот“ на Брисел
Во полската престолнина Варшава во саботата се одржаа два паралелни собира, на опозицијата којашто смета дека конзервативна влада го загрозува „местото на Полска во Европа“, како и на десничарските групи протестираа против членството на земјата во Европската унија и „диктатот од Брисел“, а и двете поворки коинцидираа со традиционалната парада Шуман, организирана по повод Денот на Европа.
Според организаторите на протестот против актуелната влада предводена од конзервативната партија Право и справедливост (PiS), во центарот на Варшава пред седиштето на владата се собрале повеќе од 240.000 луѓе, што е оценето како еден од најголемите по падот на комунизмот во 1989 година.
Протестот под мотото „Ние сме и ќе останеме во Европа“, се одржа на повикот на Комитетот за одбрана на демократијата (KOD), граѓанска иницијатива којашто ги обединува повеќето парламентарни опозициски партии, меѓу кои либералната Граѓанска платформа (PO), либералната Новошчешна, Селанската партија (PSL), и вонпарламентарните како социјалдемократската SDL и Зелените.
Главно левичарските демонстранти ги носеа црвенобелите национални знамиња како и знамето на ЕУ, истакнувајќи проверопски транспаренти. Пред почетокот на поворката ја отпеаја полската национална химна и скандираа „Ќе ги одбраниме демократијата и уставот“, пренесува AFP.
„Тука сме бидејќи сакаме да се бориме за слободата во Полска и за демократијата“, изјави поранешниот полски претседател Бронислав Коморовски.
На вториот собир, според процената на агенциите, се собрале околу 2.500 симпатизери на десничарските католички движења и националисти, кои протестираа против мешањето на Европската унија во националните политики. Тие протестираа против членството на Полска во ЕУ и „диктатот на Брисел“.
Дваесет и четиригодишен студент по медицина од Варшава, кој се претставил како Кондриан, за агенцијата DPA изјавил дека излегол на протестот зашто сака Полска да ја поврати целата своја сувереност. „Ќе биде најдобро доколку ја напуштиме ЕУ“, рекол пред мисата во соборниот храм на Свети Флоријан, каде што анти-ЕУ демонстрантите се собрале пред почетокот на нивната поворка.
„Ние не сме против Европа, но не сакаме некој да ни кажува што да правиме“, додал 50-годишниот инженер Пјотр Гожчински, додавајќи дека во прв ред мисли на бегалските квоти на ЕУ и, мешањето во внатрешната политика на Полска.
Политиките што ги спроведува владејачката конзервативна партија Право и справедливост (PiS), којашто надмоќно победи на парламентарните избори ланскиот октомври, со месеци наназад предизвикуваат напнати односи со Брисел.
ЕУ започна со преиспитување на новите закони донесени за именувањето на челните лица во јавните медиумски сервиси во Полска, за Уставниот суд и за полициските сили, што се смета за подривање на основните вредности и придобивки на Унијата./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц: Војната во Украина може да трае уште неколку години
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека верува оти војната во Украина може да се пролонгира уште неколку години.
„Никој не може да каже дали оваа војна ќе трае можеби пет години“, рече Шолц вечерва во источниот германски град Кемниц.
Тој ја бранеше германската воена помош за Украина и додаде дека заедно со неа мора да се негува и дипломатијата.
„Меѓутоа, од почетокот на војната, рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци на движење напред“, рече тој.
„Диктиран мир е неприфатлив. Не смее да се дозволи да се извлече со ова“, додаде германскиот канцелар.
Европа
Лавров: Москва се уште инсистира на вистинска руска Украина
По повеќе од две години интензивна војна во Украина, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска го потврди тврдењето на Москва дека полага право да владее над соседната земја.
„Во најдобар случај, иднината на западна Украина е непозната“, рече Лавров во интервјуто во Москва за неколку руски телевизиски станици.
„Во спротивно ќе има само Украина која е навистина руска, која сака да биде дел од рускиот свет, која сака да зборува руски и да ги образува своите деца“, рече тој.
Не станува збор за каква било алтернатива, смета Лавров, кој е министер за надворешни работи од 2004 година и е лојален поддржувач и доверлив човек на претседателот Владимир Путин.
Русија не сака да ги напаѓа земјите на НАТО, како што се тврди на Запад за да ги исплаши гласачите, рече Лавров. „Но, ако сакаат да го донесат НАТО до нашите граници, тогаш секако дека ќе знаеме како да го спречиме тоа во Украина“, рече тој.
Како и другите високи членови на руското раководство, Лавров рече дека Русија е подготвена за преговори со Украина, но само под посебни услови.
Нема да има прекин на огнот за време на можните преговори, разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски се бесмислени, а Киев мора да се откаже од својата формула за мир, рече тој.
Во есента 2022 година, Зеленски презентираше десет точки за мир, меѓу кои се издвојуваат повлекувањето на руската армија, реконструкцијата и компензацијата и гонењето на воените злосторници.
Европа
Генералниот секретар на НАТО и вети на Украина дополнителни системи за воздушна одбрана
Сојузниците на НАТО се согласија да обезбедат дополнителни системи за противвоздушна одбрана во Киев, изјави шефот на НАТО Јенс Столтенберг по специјалната средба на министрите за одбрана на сојузниците со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Покрај „Патриот“, има и други оружја што сојузниците можат да ги обезбедат, вклучувајќи го и SAMP/T (францускиот систем), а многу други кои немаат достапни системи ветија дека ќе обезбедат финансиска поддршка за нивните набавки за Украина“, изјави Столтенберг за новинарите во Брисел.
Зеленски го побара состанокот бидејќи неговата земја се соочува со недостиг на муниција и задржување на клучните американски финансирања, што со месеци е блокирано од републиканците во Конгресот, додека ЕУ не успева да испорача муниција навреме.
Тој во петокот им рече на членките на НАТО дека на Украина и се потребни најмалку седум системи за воздушна одбрана „Патриот“ или други напредни системи за воздушна одбрана за да се спротивстави на руските воздушни напади, повикувајќи ги да ја засилат воената помош за Киев.
Во емотивниот говор преку видео врска, украинскиот лидер го опиша сегашното ниво на странска помош како „многу ограничено“ и рече дека Израел не бил оставен на себе за време на масовниот ирански воздушен напад во саботата.
„(Рускиот претседател Владимир) Путин мора да биде симнат на земјата, а нашето небо мора повторно да стане безбедно… И тоа целосно зависи од вашиот избор… (од) изборот дали сме навистина сојузници“, рече Зеленски во неговиот говор.