Вучиќ и Николиќ „на мегдан“ со Мустафа и Тачи во Брисел

Вучиќ и Николиќ „на мегдан“ со Мустафа и Тачи во Брисел

 

Дијалогот за нормализацијата на односите помеѓу Белград и Приштина, со посредништво на ЕУ, продолжува во вторник во Брисел, со учество на претседателите и премиерите на Косово и Србија, пренесуваат српските медиуми.

 

Во новата рунда од дијалогот кој беше закажан од страна на високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини ќе учествуваат претседателот и премиерот на Србија, Томислав Николиќ и Александар Вучиќ, и нивните косовски колеги Хашим Тачи и Иса Мустафа.

 

Агендата на состанокот не е соопштена, а од Брисел порачуваат дека „нагласена е потребата од посилно ангажирање“ на Белград и Приштина и дека „напредокот во нормализацијата на односите помеѓу Косово и Србија е од клучно значење за двете страни, за ЕУ и целиот западен Балкан“.

 

Европски дипломатски извори за агенцијата Бета навеле дека доаѓањето на делегациите на Белград и Приштина на највисоко ниво е знак кој ветува дека перспективата на дијалогот ќе биде силно потврдена.

 

Изворите навеле дека очигледно и двете страни сакаат да и објаснат на ЕУ до каде дошле во процесот на дијалогот и какви се изгледите за да се унапреди процесот на нормализацијата, имајќи ги предвид неодамнешните тензии во односите.

 

Српскиот премиер Вучиќ навел дека од состанокот не очекува премногу но дека очекува смирување на состојбата, додавајќи дека разговорите ќе бидат доста тешки бидејќи „загубил доверба во Приштина и очекува јасни пораки од ЕУ околу употребата на оружје“.

 

Косовскиот претседател Хашим Тачи рекол дека состанокот во Брисел е состанокот „на високо политичко меѓудржавно ниво“ и дека создадени се условите за двете земји да влезат во процесот на нормализација на меѓудржавните односи, по „тешките провокации од страна на Србија со апсењето, возот и ѕидот во Митровица“.

 

До растење на напнатоста во односите помеѓу Белград и Приштина дојде на почетокот на годината поради апсењето на лидерот на Алијансата за иднината на Косови и еден од поранешните команданти на ОВК, Рамуш Харадинај во Франција по потерница од страна на Србија во која се товари за воени злосторства, а дополнително на 14-ти јануари, од Белград за Косовска Митровица тргна воз украсен со српски православни мотиви и паролата „Косово е Србија“, по што Приштина ги испрати специјалните полициски единици РОСУ на северот од Косово за да го сопрат возот./крај/мф/бс