Децата бегалци во грчките кампови во очај се обидуваат да се самоубијат

Децата бегалци во грчките кампови во очај се обидуваат да се самоубијат

Бегалците и мигрантите во грчките бегалски кампови, вклучително и деца од девет години, сè почесто се самоповредуваат, се обидуваат да се самоубијат и се дрогираат, барајќи излез од „очајот на кој не му се гледа крајот“, се наведува во извештајот на меѓународните хуманитарни организации.

Во извештајот објавен по една година откако Европската унија(ЕУ) постигна договор со Турција за запирање на бегалскиот бран кон Европа, организациите „Спасете ги децата“ и „Лекари без граници“ наведуваат дека анксиозноста, депресијата и агресивноста се сè пораширени меѓу бегалците.

Менталното здравје „рапидно се влошува заради условите кои се создадени како резултат на тој договор“, објавено е во извештајот.

„Една од најшокантните и најпотресните работи за кои работниците на организацијата ‘Спасете ги децата’ сведочеа е зголемениот број на самоубиства и самоповредувања меѓу децата на возраст и од само девет години“, се додава во извештајот.

Еден 12 годишник го снимал својот обид за самоубиство откако ги видел другите бегалци како се обидуваат да се убијат.

„Работниците на организацијата Спасете ги децата видеа деца…како злоупотребуваат супстанци за да се соочат со нешто што изгледа како очај на кој не му се гледа крајот“, се вели во извештајот.

ЕУ и Анкара во март 2016 година постигнаа договор откако во 2015 година околу милион бегалци и мигранти, во главно од Сирија, Ирак и Авганистан, преминаа од Турција во Европа преку грчките острови.

Според тој договор, секој што ќе влезе во Грција без документи, ќе може да биде депортиран во Турција, освен во случаите што се квалификувани како азил. Но, заради долгите процедури, околу 14 илјади баратели на азил сè уште се наоѓаат на пет грчки острови, што е двојно повеќе од капацитетот на тамошните кампови.

ЕУ договорот го смета за успех, но условите за живот во камповите се лоши, посебно за децата.

Спасете ги децата наведува дека камповите се пренатрупани и дека азилантите се борат за основни работи, како прекривка, суво и топло место за спиење и храна и вода.

„Заради катастрофалните животни услови тие ја загубија надежта…тие се чувствуваат како животни, како објекти“, рече еден хуманитарен работник.

Само на островот Лезбос, каде што се сместени 3.000 баратели на азил, „Лекари без граници“ забележале 2,5 пати поголема стапка на мачнина и депресија, а симптомите на психоза и случаите на самоповредување и самоубиства, исто така се во пораст. /крај/хн/ст