ЕУ: Белград и Приштина помалку да се коментираат еден со друг, повеќе да работат на дијалогот

ЕУ: Белград и Приштина помалку да се коментираат еден со друг, повеќе да работат на дијалогот

 

Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, ги повика Белград и Приштина помалку да се коментираат еден со друг и повеќе да се ангажираат во дијалогот, пренесуваат српските медиуми. Според Могерини, што повеќе двете страни секојдневно се коментираат една со друга, тогаш ангажирањето на Белград и Приштина во дијалогот ќе биде помалку конструктивно.

 

„Се надевам дека во наредните часови и денови ќе обезбедиме двете страни што помалку да се коментираат една со друга и поконкретно да се ангажираат во решавање на сите проблеми кои и понатаму се на маса“, изјавила таа. Могерини изјавила дека состанокот во вторникот, иако не бил еден од најлесните, бил позитивен и конструктивен и дека сите четворица учесници, претседателите и премиерите на Србија и Косово, покажале „посветеност, одлучност и лидерство“.

 

„Вчера видов почитување и конструктивен пристап“, рекла Могерини, додавајќи дека на состанокот помеѓу другото било договорено учениците да се фокусираат на дијалогот, не само во смисла на процедурата, туку и во „духот на разговорите“. Состанокот беше организиран бидејќи тензиите минатата недела биле „јасни и загрижувачко високи“, рекла таа, додавајќи дека видела „силна посветеност при ангажирањето во дијалогот на највисоко политичко ниво“. Високата претставничка најавила дека наскоро ќе биде одржан и следниот состанок, а во меѓувреме тимовите ќе работат на конкретни можности за решавање на отворените прашање./крај/мф/бс