МАКФАКС

Поради корупција и злоупотреби уапсени 47 лица во Србија

Поради корупција и злоупотреби уапсени 47 лица во Србија
06.03.2017, 18:06

Српската полиција уапсила во понеделникот 47 лица и поднела кривични пријави против уште 19 поради сомневања дека од 2005 година можеле да нанесат штета од 17,5 милиони евра на државниот буџет на Србија, на покраината Војводина, на Градот Белград, но и на компании и поединци.

 

Станува збор за кампања за сузбивање кривични дела од областа на перењето пари, финансиски криминал и корупција, поврзано со злоупотреби на службените овластувања и позиции во државните органи.

Акцијата, којашто се води под кодното име „Плутон 2“, е спроведена во 19 градови ширум Србија: Белград, Панчево, Нови Сад, Сремска Митровица, Сомбор, Зрењанин, Суботица, Ваљево, Смедерево, Јагодина, Ужице, Крагуевац, Краљево, Ниш, Лесковац, Врање, Пирот, Прокупље и Нови Пазар.

Според соопштението на српското МВР, осомничените се товарат за даночни затајувања, злоупотреби на функциите и овластувањата во економијата, ненаменско трошење пари од државниот буџет, проневери, фалсификувања на службени документи, измами и тешки кражби.

Меѓу уапсените е и поранешниот началник на Одделот за прехранбени производи во Републиката дирекција за стокови резерви, некогашен директор на Здравствениот дом во Инџија, лекар, градежни инспектори, матичари, инвеститори..

Во Нови САД три лица се товарат дека со злоупотреба на функциите го оштетиле Клиничкиот центар на Војводина во милионски суми.

Српската полиција уапси на 1-ви март во слична акција против финансискиот криминал, злоупотреби и корупција 53 лица, против 25 се поднесени кривични пријави, а сите се осомничени дека на државниот буџет му нанеле штета поголема од 10 милиони евра./крај/мф/сн

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *