МАКФАКС

Распишани претседателските избори во Србија, Вучиќ главен фаворит

Распишани претседателските избори во Србија, Вучиќ главен фаворит
02.03.2017, 14:02

 

Претседателката на српското Собрание, Маја Гојковиќ во четвртокот ги распиша претседателските избори кои ќе се одржат на 2-ри април, додавајќи дека „програмите на кандидатите се од извонредно значење за понатамошната иднина на Србија и стабилноста на државата“, пренесуваат српските медиуми.

 

„Го повикувам граѓаните и им посакувам да го изберат најдобриот кандидат кој сериозно и одговорно ќе соработува со владата на Србија и кој заедно со нејзе ќе се бори за зачувување на политичката и економската стабилност, како и за слободата, независноста и суверенитетот на Србија“, рекла Гојковиќ.

 

„На кандидатите сакам да им порачам во кампањите да не ги заборават граѓаните на Србија, да ги почитуваат граѓаните на Србија и да сметаат на нивните гласови доколку им се обраќаат со програмата, а не преку омраза. Да се борат преку работа и одговорност, да ги почитуваат демократските процеси и волјата на граѓаните“, навела таа.

 

Владејачката Српска напредна партија го кандидираше својот лидер и премиер Александар Вучиќ, а за над застанаа и Социјалистичката партија и останатите помали партии кои учествуваат во владејачката коалиција.

 

Во јануари својата кандидатура ја истакна и Вук Јеремиќ, зад кого застанаа неколку пратеници од српското Собрание, а како сериозен кандидат може да се смета и српскиот омбудсман Саша Јанковиќ, кој е поддржан од страна на Демократската партија.

 

Меѓу првите кои ги објавија претседателските кандидатури за овогодинешните избори беа и лидерот на радикалите Војислав Шешељ и претседателот на движењето Двери, Бошко Обрадовиќ./крај/мф/бс

 

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *