Совет за безбедност во Србија: Состојбата е стабилна, нема сериозна закана за мирот

Совет за безбедност во Србија: Состојбата е стабилна, нема сериозна закана за мирот

 

По седницата на Советот за национална безбедност што се одржа во понеделникот во Белград е констатирано дека Србија е стабилна и не постои можност за сериозна закана за мирот и безбедноста на територијата на Републиката, пренесуваат српските медиуми.

 

Исто така е заклучено дека ситуацијата во регионот е комплексна и не треба да се дозволи прелевање на никакви политички или други конфликти на територијата на Србија. Советот е загрижен во врска со иницијативата за ставање крај на дијалогот меѓу Белград и Приштина, особено по барањето за формирање на војска на Косово.

 

Седницата на Советот беше предводена од претседателот на Србија, Томислав Николиќ,а на неа присуствуваше и премиерот Александар Вучиќ. Разгледувана е политичко-безбедносната состојба во Република Србија и во земјите од Западен Балкан, како и ситуацијата на Косово и Метохија.

 

“Советот заклучи дека ситуацијата во регионот е турбулентна и сложена.Србија има вложено огромни напори во овој дел од Европа да се зачува мирот и стабилноста и да се воспостават добри и пријателски односи помеѓу различните народи, етнички и религиозни групи. Сепак, без нашето влијание, постои ризик од ширење на политички конфликти во рамките на одделни земји во регионот, кои се потикнати од домашни фактори поради политичка нетрпеливост, но и од значајни влијанија на странски цивилни и воени разузнавачки служби “, се вели во соопштението на претседателството на Србија.

 

Во него се додава дека сите органи на Република Србија добиле задача да не се дозволи било кое политичко прелевање, но и на други конфликти на територијата на Република Србија. При тоа да се почитува независноста на другите земји и да не се меша во нивните внатрешни работи.

 

“Во исто време, Советот ги обврзува националните власти да ги почитуваат своите обврски и да соработуваат со Србите во регионот, кои се под политички притисок од страна на централната власт во одделните земји од Западен Балкан, но со целосно почитување на територијалниот интегритет на овие земји”, се вели во соопштението.

 

Советот за национална безбедност на Република Србија изразува загриженост во врска со ескалацијата на реториката која е забележлива во функционирањето на властите во Приштина.

 

“Особена загриженост претставува иницијативата за престанок на дијалогот меѓу Белград и Приштина, која се појави по барањето за формирање на војска на Косово. Република Србија силно и недвосмислено бара продолжување на дијалогот во Брисел, почитување на меѓународното право, резолуцијата 1244 и Бриселскиот договор. Советот ги обврза органите на Република Србија, по политички и дипломатски пат да се спротивстават на дестабилизацијата на ситуацијата на Косово и Метохија, како и создавање на т.н. војска на Косово, која ќе го загрози опстанокот на Србите во јужната српска покраина “, беше речено по состанокот на Советот./крај/мф/кс