Регион
Во Атина наскоро првата џамија по стотина години
Половината милион муслимани кои живеат во Атина наскоро треба да ја добијат првата официјална џамија во којашто ќе се одржува богослужба, по повеќе од стотина години.
Атина нема службена џамија откако во 1833 година се протерани османлиите и е единствената таква престолнина во Европската унија, па и на континентот, како што минатата година предупреди во парламентот министерот за надворешни работи Јоанис Аманантидис.
Поради тоа, атинските муслимани беа принудени да се молат на различни импровизирани локации, во подрумски простории или напуштени складишта каде што се жалат дека се често напаѓани од националистите.
Премиерот Алексис Ципрас изјави ланскиот мај дека веќе одамна било време да се изгради џамија. Владата тоа ќе го стори „од почитување кон муслиманските жители на градот, но и затоа што има обврска активно да ги штити своите вредности“, истакна.
Новата џамија, зграда со површина од 1.000 квадратни метри без минарето, би требала да биде довршена во април годинава во старата поморска база во индустрискиот дел на грчката престолнина.
„Имаме потреба од џамија за нашата нова генерација, за нашите млади… за да се чувствуваат еднакви пред законот, еднакви во општеството“, изјави портпаролката на Здружението на грчките муслимани Ана Стамоу, Гркинка која преминала во ислам.
Критичарите на ваквиот потфат, меѓутоа, предупредуваат дека презадолжената земја не може да си дозволи најмалку 800.000 евра, колку што стои изградбата на џамијата.
Ултрананционалистичката партија Златна зора, која е третата според рејтингот меѓу грчките избирачи, смета дека муслиманите го оптоваруваат државниот буџет во време на длабока финансиска криза. Други, од нив, пак, џамијата и натаму ја поврзуваат со Турција, вечниот регионален непријател на Грција.
Повеќе десетици грчки националисти минатата година со месеци се собираа на просторот на кој се гради џамијата и подигнаа на тоа место центар за бездомници. „хот спот за Грците“, правејќи паралела со центрите на грчките острови за муслиманските беглаци и имигранти кои доаѓаат преку Турција .
Претставниците на Златна зора повторно најавуваат протести овие денови./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Завршено вештачењето на мобилниот телефон на мајката на Данка, биле бришени пораки и повици, објавија српските медиуми
Мобилниот телефон на мајката на Данка Илиќ бил испратен на вештачење по исчезнувањето на девојчето. Неофицијалните податоци говорат дека мајката избришала многу пораки и повици ден пред и на денот на исчезнувањето на Данка, објави српски „Блиц“.
Според неофицијални сознанија од истрагата, вештачењето на мобилниот телефон на Ивана Илиќ покажало дека се избришани многу пораки и податоци за повици, пишува српски „Информер“.
„На ден пред исчезнувањето и на денот на исчезнувањето на Данка Илиќ многу пораки и повици се избришани од телефонот. Ова го утврдиле инспекторите за високотехнолошки криминал. Пораките и повиците може да се избришат од телефонот, но да останат во базата на податоци“, рекол изворот.
Како што се дознава, пред исчезнувањето на Данка Илиќ мајката трипати го фотографирала детето од разни агли.
Да потсетиме, мајката на Данка Илиќ, Ивана, денеска повторно е во полициската станица во Бор, каде што е на распит за околностите на својата исчезната ќерка. Таткото помина на полиграфското тестирање.
Регион
„Клучот е кај родителите, тие мора да одговорат на едно прашање“, вели поранешен шеф на белградската полиција за случајот со исчезнувањето на Данка
Родителите се тие што имаат многу да објаснат. Прво, зошто чекаа да го пријават исчезнувањето? Колку што знам, чекаа два часа. Познато е дека кога ќе исчезне дете, веднаш се пријавува за да се реагира бргу, изјави Марко Ницовиќ, поранешен началник на белградската полиција, за „Телеграф.рс“.
Според Ницовиќ, полицијата оди во добра насока бидејќи ја проверува секоја педа од земјата, но се надеваат и дека темелно се проверуваат граничните премини бидејќи не ја исклучуваат можноста за киднапирање.
„Би можело да биде сè, не е исклучена никаква можност. Ако мајката рече дека го оставила девојчето на минута, го поставуваме прашањето каде би можело да оди двегодишното дете? Колку далеку, без мајка му да го најде? Второ, зошто чекаа два часа? Има простор и за киднапирање, а знаеме дека границата е блиску, но и за многу повеќе. Отворени се многу прашања и останува да се почека истражните органи да си ја завршат работата“, вели Ницовиќ за српски „Телеграф“.
Да потсетиме, потрагата по двегодишната Данка Илиќ влезе во четвртиот ден. Во потрагата од утрово се вклучени уште 18 пожарникари и кучето Зиги.
Багери вчера цел ден копаа и вадеа ѓубре и шут од куќата, а пред куќата каде што последен пат беше видена исчезнатата Данка по која трага цела Србија, пристигна тешка механизација, која ќе продолжи да работи денес за да се расчисти теренот.
Регион
Нов силен земјотрес ја погоди Грција: се стресе на Крит
Нов земјотрес со јачина од 3,7 степени според Рихтеровата скала ја погоди Грција, соопшти ЕМСЦ.
Земјотресот е регистриран на Крит, на 62 километра од Ираклион, на длабочина од 16 километри.
Земјотресот е регистриран во 12.37 часот по локално време.
Засега нема информации за повредени или материјална штета.
Грција утрово ја погоди силен земјотрес со јачина од 5,7 степени според Рихтеровата скала по што следеа афтершокови.