Регион
Дачиќ: Не се откажуваме од Харадинај и казнувањето на воените злосторства
Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ во петокот изјавил дека Србија нема да се откаже од гонењето на еден од поранешните команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Рамуш Харадинај, и барањето за негово испорачување поради воените злосторства, пренесуваат српските медиуми.
Дачиќ изјавил дека Србија смета оти Европската унија (ЕУ) има некои принципи, меѓу кои и казнувањето на воените злосторства. Тој истакнал дека Србија верува во тоа дека Франција ќе ги задржи принципите на Унијата, а според него доколку не дојде до тоа, тогаш Белград го задржува правото „да се однесува на ист начин кога се работи за нејзините интереси“.
„Кои принципи се над тоа? Дали политичкиот опортунизам и одлуки се поважни од тие принципи?“, запрашал шефот на српската дипломатија.
Францускиот суд во четвртокот нареди ослободување на Харадинај, под услов да не ја напушта Франција, одземен му е пасошот и мора двапати неделно да се јавува во надлежната полициска управа. Како што се наведува, тој на слобода ќе ја чека конечната одлука по барањето на Србија за негово испорачување поради обвинувањата за воени злосторства на Косово.
Косовскиот политичар минатата среда беше лишен од слобода на аеродромот Басел-Милуз, врз основа на потерницата која Србија ја има по него распишано во 2004-та година./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Сообраќајка на бугарски автобус во Турција, повредени 11 лица
Единаесет лица се повредени кога автобус со бугарски регистарски таблици што сообраќал од Истанбул за Бугарија се превртел во областа Киркларели во Турција, јави агенција та Анадолија.
Сообраќајната несреќа се случила на 50 километри од бугарската граница. Автобусот е на компанијата „Метро туризам“.
На местото на несреќата се упатени екипи на полиција и медицински лица.
Повредените, вклучувајќи го и возачот на автобусот, се хоспитализирани во околните болници.
Регион
Братот на осомничениот за убиството на малата Данка починал од насилство, а не од природна смрт, пишуваат медиуми
Д.Д.(40), брат на еден од осомничените за исчезнувањето и смртта на двегодишното девојче Д.И., починал од насилна смрт на 7 април во раните утрински часови во полициската станица во Бор, констатирано е од стручното мислење на Институтот за судска медицина во Белград, објави Радар.
Во судско-медицинскиот извештај на телото на Д.Д биле констатирани бројни повреди, поради што вештаците констатирале дека се работи за насилна смрт. Наодите на вештачењето се проследени до надлежното Вишо јавно обвинителство Заечар за понатамошно постапување, пишува Радар.
Осомничениот Д.Д од Бор, во саботата на 6 април, во полициската станица во Бор бил задржан до 48 часа поради постоење основи на сомнение дека по извршеното кривично дело му помогнал на својот десетгодишен брат, кој е осомничен за убиството на двегодишната Данка Илиќ.
Истата вечер, три часа по полноќ, полицијата соопшти дека од „природна смрт“ починал Д.Д. Во соопштението на полицијата од 7 април, се наведува дека на осомничениот му се „слошило“ во раните утрински часови и дека „и покрај навремената реакција на полициските службеници и лекарите од Здравствениот дом во Бор, кои се обиделе да извршат реанимација, Д.Д. починал во 3 часот и 10 минути“.
Вештачењето на Институтот за судска медицина во Белград, пак, покажа дека Д.Д. не починал од природна смрт, но од последиците од тепањето, чии траги беа јасно видливи и детално опишани во вештачењето.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.