Регион
Масовни протести низ Романија против декриминализацијата
Повеќе од 250.000 Романци протестираа во средата вечерта против владината уредба со којашто се декриминализираат некои корупциски кривични дела, што се смета ако најголемо отстапување од реформите откако земјата во 2007 година ѝ се приклучи Европската унија.
Романското највисоко правосудно надзорно тело Врховниот суски совет (CSIM) претходно во средата вложи жалба пред Уставниот суд против уредбата којашто ја објави новата социјалдемократската влада на премиерот Сорин Гриндеану. Владата ја прифати уредбата во вторникот вечерта.
Уредбата би се однесувала на тековните истраги и судења, како и на новите случаи. Криминалната негрижа повеќе не би била кривично дело, а дефиницијата на судирот на интересите е стеснета.
Бројот на демонстрантите во текот на ноќта се искачил на130 до 150 илјади пред зградата на владата во престолнината Букурешт, според процените на агенциите. Уште меѓу 100.000 до 150.000, според процените на интервентната полиција, вкупно протестирале во други 55 градови и места низ Романија.
„Отповикајте ја, па заминете си“ и „Крадци, крадци“ извикувале демонстрантите носејќи бројни романски национални знамиња.
Доколку биде спроведена, како што е планирано во рок од десет дена, уредбата ќе овозможи, меѓу другото, и декриминализација на злоупотребата на службените овластувања во кои сумите не минуваат над 200.000 леи, или 48.000 долари.
Со тоа би се прекинала тековната постапка против претседателот на Социјалдемократската партија, Ливиу Драгнеа, обвинет дека го користел политичкото влијание за да обезбеди плати за две лица кои работеле во штабот на неговата партија во периодот од 2006 до 2013 година.
„Не разбирам поради што демонстрантите се вознемирени“, изјави Драгнеа за новинарите во вторникот.
Меѓутоа, и десетици други политички функционери од сите политички партии во Романија би требало да имаат полза од оваа владина уредба.
Двете опозициски партии, центристичките Либерали и Сојузот – Да ја спасиме Романија, покренаа во средата интерпелација за изгласување недоверба на владата, што според коментаторите има малку надежи дека ќе мине.
Романските социјалдемократи повторно дојдоа на власт на изборите во декември 2016 година, цела година откако демонстрантите ги соборија од власт во гневните протести поради смртоносниот пожар во еден ноќен клуб во Букурешт во кој загинаа неколку десетици млади луѓе, за што многумина ја обвинуваа корупцијата и практиката на неказнивост.
Антикорупциските обвинители во моментов истражуваат повеќе од 2,000 случаи на злоупотребана власта и позициите.
Романскиот претседател Јоханис Клаус учествуваше на вонредната седница на CSIM и потаи изјави за новинарите дека „Проблемот е дека не може да се прави она што го направи владата во земја на владеење на правото, како што е Романија и сака таква да остане“.
Европската комисија соопшти дека „борбата против корупцијата треба да зајакне а не да биде укината“. Претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер во писмена изјава порача дека „со голема загриженост го следат развојот на најновите случувања во Романија“.
Шест западни земји, меѓу кои и Германија и САД, во соопштенија предупредија дека владината уредба ќе го поткопа меѓународниот углед на Романија и нејзината позиција во ЕУ и во НАТО./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Братот на осомничениот за убиството на малата Данка починал од насилство, а не од природна смрт, пишуваат медиуми
Д.Д.(40), брат на еден од осомничените за исчезнувањето и смртта на двегодишното девојче Д.И., починал од насилна смрт на 7 април во раните утрински часови во полициската станица во Бор, констатирано е од стручното мислење на Институтот за судска медицина во Белград, објави Радар.
Во судско-медицинскиот извештај на телото на Д.Д биле констатирани бројни повреди, поради што вештаците констатирале дека се работи за насилна смрт. Наодите на вештачењето се проследени до надлежното Вишо јавно обвинителство Заечар за понатамошно постапување, пишува Радар.
Осомничениот Д.Д од Бор, во саботата на 6 април, во полициската станица во Бор бил задржан до 48 часа поради постоење основи на сомнение дека по извршеното кривично дело му помогнал на својот десетгодишен брат, кој е осомничен за убиството на двегодишната Данка Илиќ.
Истата вечер, три часа по полноќ, полицијата соопшти дека од „природна смрт“ починал Д.Д. Во соопштението на полицијата од 7 април, се наведува дека на осомничениот му се „слошило“ во раните утрински часови и дека „и покрај навремената реакција на полициските службеници и лекарите од Здравствениот дом во Бор, кои се обиделе да извршат реанимација, Д.Д. починал во 3 часот и 10 минути“.
Вештачењето на Институтот за судска медицина во Белград, пак, покажа дека Д.Д. не починал од природна смрт, но од последиците од тепањето, чии траги беа јасно видливи и детално опишани во вештачењето.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.