Регион
Independent: Грчкиот Хари Потер кој може ја сруши Еврозоната
Лидерот на грчката партија СИРИЗА, Алексис Ципрас е „грчкиот Хари Потер кој може да ја сруши Еврозоната“, пишува британски Independent.
Поранешниот комунист и посветен лидер во борбата против мерките за штедење, може радикално да ја промени Европа, оценува британскиот весник. Споредбите со популарниот книжевен и филмски лик, магионичарот Хари Патер, на адреса на Ципрас дојдоа од страна на актуелниот грчки вицепремиер и министер за надворешни работи Евангелос Венизелос, поради тоа што според него, лидерот на СИРИЗА „давал фантастични ветувања кои не може да ги исполни“.
„Ципрас ветува рај на земјата без жртвувања, враќање на благосостојбата на некој магичен начин, како да е Хари Потер“, била изјавата на Венизелос, кој додал дека адутот на СИРИЗА на претстојните предвремени парламентарни избори е во тоа што Ципрас никогаш не бил на власт и не е одговорен за финансиската криза.
„Технички, долгот е одржлив, ние плаќаме за 40 проценти помали камати отколку во 2010 година. И ова е точката на несогласување со СИРИЗА, која тврди дека долгот е неодржлив поради тоа што Грција нема да може никогаш да го врати“, потенцирал Венизелос, потсетувајќи дека „проблемите остануваат и молат да бидат решени“.
Во предизборната кампања Ципрас ветува дека ќе престане со мерките за штедење кои и се наметнаи на Грција, и многумина стравуваат дека тој ќе одбие да го врати долгот од 240 милијарди евра кои Грција им ги должи на меѓународните кредитори.
„Штедењето не е дел од европските договори, а демократија и принципот на суверенитетот се“, порачал Ципрас.
Во колумна за Financial Times, тој навел дека „владата на СИРИЗА ќе ги почитува обврските на Грција како членка на Еврозоната, односно буџетот да остане балансиран и ќе се посвети на квантитативните цели“.
Генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) Кристин Лагард, пак, ја предупреди Грција, која се обидува да се спогоди околу долгот, дека „заедничките потфати се добредојдени, но истовремено долгот си е долг и тој се наоѓа во договорот“.
Според последните анкети во Грција, се проценува дека СИРИЗА ќе освои 35 проценти од гласовите, што е значајно повеќе од десно ориентираната и владејачка партија Нова Демократија, која би требало да освои 31 процент.
Ветувајќи зголемување на минималната плата, потоа поефтинување на храната и струјата, како и нови 300 илјади работни места, Ципрас стана неверојатно популарен во Грција, која во моментов се бори со сиромаштијата. Околу една четвртина од грчкото население е невработено, а повеќе од 200 илјади Грци ја напуштија земјата по почетокот на финансиската криза во 2010 година.
Предвремените парламентарни избори ќе се одржат во недела, откако грчкиот Парламент во декември не успеа да избере нов претседател на државата, што значеше и распишување на нови парламентарни избори./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Воз налета на пешак: трагедија кај Стара Пазова
Вечерва околу 19:15 часот брз воз налетал на пешак на брзата пруга Нови Сад-Белград.
Несреќата се случила меѓу станиците Инѓија и Стара Пазова.
Засега не се знае точно како дошло до несреќата, а полицијата врши увид на лице место.
Информирани се сите надлежни служби, пишуваат српските медиуми.
Регион
Вучиќ: За Словенците мислам се најдобро, но нема да им се извинувам на нивните политичари
Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска во Њујорк изјави дека не сака да го навреди народот на Словенија и дека го мисли најдоброто за нив, но дека нема намера да им се извинува на нивните политичари бидејќи, како што рече, водат одвратна политика.
„Реков дека Словенците се одвратни, мислејќи на седницата на Советот за безбедност. Тоа беше темата и на сите им беше јасно дека се работи за поединецот и се работи за нивната политика. Сигурно не треба да се користи вокабуларот, но јас на човечки начин кажав што мислам за нивната политика“, рече Вучиќ во обраќањето пред новинарите.
Тој додаде дека на Словенците им мисли најдобро како народ и дека има многу пријатели и роднини во Словенија.
„Ако некого сум навредил, сакам да и се извинам на целата јавност во Словенија и истовремено да кажам дека нема да им се извинувам на словенечките политичари, бидејќи тие водат одвратна политика кон Србија и српскиот народ“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека неговата изјава е извадена од контекст и е оценета како нешто „страшно“, но дека нарушувањето на територијалниот интегритет на Србија не е оценето како „страшно“.
„Не е страшно што ја спонзорираат резолуцијата за Сребреница против нашиот народ, без претходно да не консултираат, да не информираат или да не прашаат. Ја користам можноста да ги поканам, премиерот на Словенија, Роберт Голоб и претседателката на Словенија Наташа Пирц Мусар во Белград и Србија. Дефинитивно треба уште еднаш да се извинам, да укажам дека секако не мислев на Словенците, туку да им кажам в лице што мислам за нивната лоша политика кон Србија и српскиот народ“, заклучи Вучиќ.
Регион
Словенечката опозиција бара истрага за случаите со крадење бебиња во Југославија: „Можеби се продадени повеќе од 20.000 деца“
Опозициските партии во Словенија поднесоа барање за парламентарна истрага за потенцијалното учество и одговорност на јавните службеници во случаите на кражба на деца во таа земја во периодот од 1965 до 1991 година, изјави денеска пратеничката на Словенечката демократска партија (СДС) Аленка Јерај.
„Во таканаречената трговија со бебиња, којашто се случуваше воглавно во 70те и 80те години во поранешна Југославија, повеќе од 20.000 деца можеби се продадени“, рече Јерај и додаде дека се соработува со српските друштва за овие случаи, пренесе СТА.
Овој проблем минатата година словенечкото здружение на родители на украдени деца го презентираше до собраниската Комисија за претставки, човекови права и еднакви можности со пропратна документација, а министерката за внатрешни работи Татјана Бобнар тогаш вети дека надлежните служби ќе направат се во нивната моќ.
Јерај изјави дека надлежните не презеле ништо, наведувајќи дека медицинскиот персонал инволвиран во неколку случаи на кражба на бебиња не бил вклучен во полициската истрага, а полицијата не ја презела документацијата од здружението на родители.
Словенечкиот премиер Роберт Голоб претходно оваа недела истакна дека 45 од 59 случаи на сомнителни кражби на бебиња се веќе затворени.