Регион
Вучиќ: Нападот во Сребреница е организиран, раката на помирување кон Бошњаците останува подадена
Српскиот премиер Александар Вучиќ порача по вонредната седмица на неговата влада во Белград откако претходно во саботата беше нападнат во Поточари на комеморацијата на жртвите од масакрот во Сребреница кој Србија не го прифаќа како геноцид туку како воено злосторство со конкретни извршители, изјави дека неговата рака на помирување останува подадена и дека жали за тоа што некои не ја препознале неговата порака до Србите и Бошњаците дека треба заедно да го градат мирот.
„И покрај тоа што денеска го доживеав, мојата рака кон бошњачкиот народ останува подадена и јас ќе продолжам со таа политика и секогаш ќе бидам подготвен да ги решаваме и надминуваме проблемите“, истакна српскиот премиер Александар Вучиќ во обраќањето за медиумите по вонредната владина седница.
Оцени дека нападот врз него и врз српската делегација во комплексот кај Поточари бил организиран и дека првите повици со омраза од масата му ги упатиле припадници на една навивачка група до Србија, ненаведувајќи за кој клуб станува збор.
„Тоа не беше никаков инцидент, тоа беше организиран напад. Прво група навивачи на еден фудбалски клуб од Србија почна да извикува навреди, а потоа од масата следеа повиците ‘Алаху акбар’, ‘убиј го Вучиќ’, ‘убиј го четникот’… Прво не сакав да се засолнам, туку да ги запрашам зошто тоа го прават кога веќе дојдов и подадов рака за помирување, но веќе започна кошкањето, па реагираа момчињата од обезбедувањето“, појасни српскиот премиер.
Потврди дека во мешаницата бил удрен со камен во усната, како и дека во мешаницата останал без очилата.
Вучиќ порача дека тие луѓе не се свесни дека „ги навредија мајките и семејствата на жртвите, бидејќи на денешен ден повеќе се зборува за тие будали кои сакаа да организираат нечиј линч, отколку за одавањето чест на жртвите“.
Го повтори ставот на владата и својот личен дека раката на помирување и соживотот останува подадена за Бошњаците.
Она што му го забележуваат бошњачките медиуми во Босна и Херцеговина, е што Србија одбива масакрот на како што се наведува осум илјади машко население во Сребреница да го карактеризира како геноцид, како што го квалификуваат Меѓународниот кривичен суд за воени злосторства сторени на територијата на поранешна СФРЈ и Меѓународниот суд на правдата. Русија во средата на Советот за безбедност при ОН ја блокираше резолуцијата за Сребреница со која тоа злосторство се карактеризира како геноцид, откако претходно не беше прифатена нејзината резолуција, со образложување дека таквиот текст на резолуцијата ќе предизвика нови омрази и напнатости во регионот. Европскиот парламент во четвртокот, пак, усвои резолуција со која настаните во Сребреница се квалификуваат како геноцид остро осудувајќи го и критикувајќи го „негирањето и релативизирањето на тој геноцид“.
Вучиќ, пак, ги повика сонародниците и сограѓаните и покрај денешниот инцидент во Поточари да не покажуваа омраза кон Бошњаците. „Будали има во секој народ, во тоа ниту ние сме во дефицит… Тој напад бил добро организиран и подготвен, имаше многу политички пораки, но среќен сум што тоа не беа семејствата на жртвите, рече српскиот премиер.
„Никој сега нема права по ова што денеска се случи да прави што ќе му се посака… Соседи и пријатели Бошњаци, уште еднаш ја подавам раката. И не грижете се за будалите коишто го сторија ова денеска, такви има насекаде“, порача Вучиќ.
Му се заблагодари на градоначалникот на Сребреница, Ќамил Дураковиќ, кој му испратил извинување по нападот.
На бошњачкиот член на Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ, кој претходните денови му упатуваше остри пораки во врска со апсењето на воениот командант на бошњачките сили во текот на војната од 1992 до 1995 година Насер Орлиќ, кого Србија го товари за воени злосторства врз босанските Срби, и во контекст на подготовката на резолуцијата во ОН за Сребреница, Вучиќ му порача дека „никогаш ништо лошо нема да му се случи во Србија“ и дека не сака да го доведува Изетбеговиќ во никаква врска со инцидентот.
„Не сакам сега да зборувам. Јас не организирав никаква хајка против друга држава и народ… Кога ќе можам да се седнам морно и трпеливо, тогаш (Изетбеговиќ) ќе го повикам телефонски и ќе разговараме“, рече српскиот претседател.
На новинарско прашање призна оти свесно ги прекршил безбедносните протоколи по предупредувањата од разузнавачко-полициските служби. „Ги прекршив безбедносните протоколи, да, Но, доколку не ги прекршев, ќе рековте дека сум кукавица. И да ја загубев главата, јас ќе бев виновен“, рече српскиот премиер Александар Вучиќ./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Воз налета на пешак: трагедија кај Стара Пазова
Вечерва околу 19:15 часот брз воз налетал на пешак на брзата пруга Нови Сад-Белград.
Несреќата се случила меѓу станиците Инѓија и Стара Пазова.
Засега не се знае точно како дошло до несреќата, а полицијата врши увид на лице место.
Информирани се сите надлежни служби, пишуваат српските медиуми.
Регион
Вучиќ: За Словенците мислам се најдобро, но нема да им се извинувам на нивните политичари
Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска во Њујорк изјави дека не сака да го навреди народот на Словенија и дека го мисли најдоброто за нив, но дека нема намера да им се извинува на нивните политичари бидејќи, како што рече, водат одвратна политика.
„Реков дека Словенците се одвратни, мислејќи на седницата на Советот за безбедност. Тоа беше темата и на сите им беше јасно дека се работи за поединецот и се работи за нивната политика. Сигурно не треба да се користи вокабуларот, но јас на човечки начин кажав што мислам за нивната политика“, рече Вучиќ во обраќањето пред новинарите.
Тој додаде дека на Словенците им мисли најдобро како народ и дека има многу пријатели и роднини во Словенија.
„Ако некого сум навредил, сакам да и се извинам на целата јавност во Словенија и истовремено да кажам дека нема да им се извинувам на словенечките политичари, бидејќи тие водат одвратна политика кон Србија и српскиот народ“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека неговата изјава е извадена од контекст и е оценета како нешто „страшно“, но дека нарушувањето на територијалниот интегритет на Србија не е оценето како „страшно“.
„Не е страшно што ја спонзорираат резолуцијата за Сребреница против нашиот народ, без претходно да не консултираат, да не информираат или да не прашаат. Ја користам можноста да ги поканам, премиерот на Словенија, Роберт Голоб и претседателката на Словенија Наташа Пирц Мусар во Белград и Србија. Дефинитивно треба уште еднаш да се извинам, да укажам дека секако не мислев на Словенците, туку да им кажам в лице што мислам за нивната лоша политика кон Србија и српскиот народ“, заклучи Вучиќ.
Регион
Словенечката опозиција бара истрага за случаите со крадење бебиња во Југославија: „Можеби се продадени повеќе од 20.000 деца“
Опозициските партии во Словенија поднесоа барање за парламентарна истрага за потенцијалното учество и одговорност на јавните службеници во случаите на кражба на деца во таа земја во периодот од 1965 до 1991 година, изјави денеска пратеничката на Словенечката демократска партија (СДС) Аленка Јерај.
„Во таканаречената трговија со бебиња, којашто се случуваше воглавно во 70те и 80те години во поранешна Југославија, повеќе од 20.000 деца можеби се продадени“, рече Јерај и додаде дека се соработува со српските друштва за овие случаи, пренесе СТА.
Овој проблем минатата година словенечкото здружение на родители на украдени деца го презентираше до собраниската Комисија за претставки, човекови права и еднакви можности со пропратна документација, а министерката за внатрешни работи Татјана Бобнар тогаш вети дека надлежните служби ќе направат се во нивната моќ.
Јерај изјави дека надлежните не презеле ништо, наведувајќи дека медицинскиот персонал инволвиран во неколку случаи на кражба на бебиња не бил вклучен во полициската истрага, а полицијата не ја презела документацијата од здружението на родители.
Словенечкиот премиер Роберт Голоб претходно оваа недела истакна дека 45 од 59 случаи на сомнителни кражби на бебиња се веќе затворени.