МАКФАКС

Гласот на Америка: Исламската држава ја менува пропагандата

Гласот на Америка: Исламската држава ја менува пропагандата
20.02.2017, 09:37

Со губењето територии во Ирак и Сирија, терористичката група Исламска држава (ИД), ја смени својата пропаганда отстапувајќи од идејата за исламска утопија и фокусирајќи се на напади, јавува Гласот на Америка (VoA), повикувајќи се на експерти и аналитичари на тероризам.

Повеќето снимки направени неодамна ги прикажуваат борбите за ирачкиот град Мосул, а повиците до странските борци да им се придружат на џихадистите не се веќе толку забележливи, се наведува во текстот.

Една од последните пропагандни снимки кои ги објави џихадистичката Исламска држава прикажува самоубиствени бомбашки напади на ирачката војска во Мосул.

„Дојде до големо отстапување од идејата за исламистичка утопија кон нешто поврзано со војување. Оваа снимка, и слични снимки, сите покажуваат дека е така, Исламската држава можеби губи територија, но ќе ја брани и непријателот скапо ќе плати“, вели Чарлс Винтер од Центарот за студии за радикализација со седиште во Лондон. Овој Центар со години ја следи медиумската кампања на ИД.

На врвот на својата моќ, кога контролираше голем дел територии, многу видео записи на Исламската држава беа фокусирани на утопистичкиот сон за исламски калифат, прикажувајќи мирнодопски пејсажи и помалку борба. Еден филм од 2014 година прикажува британски војник кој моли муслимани да патуваат во Сирија и Ирак.

„Таа група и понатаму се обидува да комуницира со странски борци, но квалитетот е поинаков. Сега веќе нема повикување на „хиџрах“, односно на миграција во Ирак и Сирија. Сега велат „останете во своите земји и таму напаѓајте“, наведува Винтер.

Исламската држава спроведе неколку терористички напади надвор од Блискиот исток – меѓу друго во Франција, Германија и Турција. Меѓутоа сонот за исламски калифат бледнее, а пропагандата е се послаба, вели Винтер.

Тој истанкува дека Исламската држава продолжува да го исфрла ултра-насилничкиот видео материјал, а телевизиите се поретко објавуваат такви снимки, што претставува промена за која аналитичарите велат дека дополнително го ослабела медиумското присуство на ИД, пренесува Гласот на Америка. крај/мф/вс

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *