Бонева, Срцев и Прекопуца не ги вратиле парите во буџетот

Бонева, Срцев и Прекопуца не ги вратиле парите во буџетот

Петмина од членовите на Државната изборна комисија вратиле пари во буџетот на РМ. Според информации од Министерството за финансии, Виолета Дума, Игор Милев, Субхи Јакупи и Атанас Урумов, сега веќе поранешни членови на ДИК, вратиле пари во буџетот, откако претходно си доделија бонуси во износ од четири плати. Меѓу нив е и сè уште актуелниот член на Комисијата, Ермира Асани Салија, која доби надоместок од две плати. Од Министерството не откриваат колкава е вкупната сума која е вратена во народната каса, а на листата не се имињата на Силвана Бонева, Сашо Срцев и Реџеп Прекопуца. Експретседателот на ДИК, Александар Чичаковски, веќе ги донира средствата од бонусот во износ од 260.000 денари во граѓанската организација „Полио плус“ за проекти поврзани со унапредување на правата на лицата со хендикеп.

Сите осуммина членови на ДИК поднесоа оставки од функциите, како што наведоа, од лични причини, а претседателот на Собранието, Талат Џафери, ги констатира минатата недела. Оставките следуваа по притисокот на јавноста која реагира зошто бонусите во износ од четири плати си ги доделиле тајно за ангажманот за локалните избори во октомври. Информацијата ја обелодени американскиот амбасадор Џес Бејли, од Комисијата се правдаа дека нема ништо нелегално во одлуката за дополнителен надоместок, а за нетранспарентноста ја обвинија службата за односи со јавност, која навреме не ја објавила информацијата.

Платите на членовите на ДИК се движат од 1.000 до 1.200 евра. Изборниот законик им овозможува тие да добијат дополнителен надоместок за ангажман за изборите. Па, така, за парламентарните избори во 2016 година зедоа пет дополнителни плати, а во март истата година зедоа бонус од три плати за закажаните избори што се одложија.