Колонадата искршена, а за одржување на спомениците плаќаме по 36.000 евра месечно

Колонадата искршена, а за одржување на спомениците плаќаме по 36.000 евра месечно

Втор месец стои искршена колонадата „Независна Македонија“ на плоштадот Мајка Тереза пред Македонската опера и балет. Искршен е дел од плочките, а парчињата стојат расфрлани покрај колонадата. Град Скопје, во чија надлежност е одржувањето на спомениците од проектот „Скопје 2014“, вели дека за состојбата редовно ја информираат фирмата ангажирана за одржување на спомениците.

„Град Скопје има склучено договор со фирмата „Бетон“ за одржување објекти во централното градско подрачје во износ од 50 милиони денари за двегдишно одржување. Со договорот точно се предвидени сите објекти што се предмет на одржување и колонадата е дел од тие објекти. Одговорните за реализација на договорот од Град Скопје редовно ги регистрираат сите дефекти и доставуваат налог до ‘Бетон’ за интервенции“, велат од Град Скопје.

Според договорот објавен на Бирото за јавни набавки, друштвото за градежништво „Бетон“ АД Скопје во 2016 година е избрано во период од две години на Град Скопје да му дава услуги за поправка и одржување фонтани и спомен-обележја за 53 милиони денари или речиси 36.000 евра месечно.

Од Град Скопје не одговорија на прашањето дали ќе побараат одговорност од фирмата што ги одржува спомениците за тоа што колонадата два месеца стои искршена.

Колонадата е дел од спомениците за кои се врши анализа за евентуално преместување на друга локација.
„Град Скопје за дислокацијата го очекува ставот на комисиите што работат на истражување на состојбите на објектите од проектот „Скопје 2014“ и понатаму ќе постапи во согласност со законот“, велат од Градот.

Колонадата, која го доби името „Независна Македонија“, е меѓу последните објекти од проектот „Скопје 2014“. Нејзината изградба беше договорена во 2013 година во време кога градоначалник на општина Центар беше Владимир Тодоровиќ. Неговиот наследник Андреј Жерновски ги реализира договорите со објаснување дека евентуално раскинување ќе биде на штета на општинскиот буџет оти договорите не само што биле попишани туку фирмите и уметниците што работеле на колонадата веќе биле исплатени.

Изградбата чинеше 1,4 милион евра. Колонадата е висока 8 метри. Меѓу столбовите се поставени девет музи на уметноста излеани од бронза, а над крајните столбови има лавови. Автори на музите се Жарко Башески, Беди Ибрахим и Благоја Анѓелкоски, а лавовите се дело на Мирослав Славковиќ.

Градежните работи на колонадата ги изведе друштвото за градежништво „Бетон“ АД Скопје, кое од лани е задолжено и за одржување на спомениците, а скулптурите беа излеани во „РЖ – Институт Скопје“.

(М.И.П.)